Фото: Архива „Нова Македонија“

Македонија покажува дека е способна да ја игра дипломатската игра во новиот мултиполарен свет и на тој начин да се стави на светската шаховска табла како активен играч, мал но важен. Договорот за стратегиско партнерство со Велика Британија, потврден лично од британскиот премиер Стармер и од македонскиот Мицкоски, е доказ дека во мултиполарниот свет секој се бори за своите суверени интереси и позиции. Во сегашниов момент можеме да ги поздравиме овие чекори на македонската влада, оставајќи мала резерва да го почекаме објавувањето на целиот текст на договорот и можноста да откриеме некоја непријатна клаузула, ако воопшто ја има

ЛОНДОН И СКОПЈЕ НА НОВА ПАТЕКА НА ЗАЕМНИ ОДНОСИ И СОРАБОТКА

Како ќе изгледа или поточно како изгледа новиот мултиполарен свет? Одговорот е – тој веќе функционира, го гледаме, се отвора новиот светски пакет пред нас, а Македонија е една фигура на таа голема шаховска табла наречена геополитика. Мала фигура, но важна! Ако сакаме само еден доказ за ова, тоа секако е најавениот договор за стратегиско партнерство со Велика Британија. За набројување има и уште: тоа се односите на нов колосек со Америка, која би требало да ја препознаеме и по активностите на Крис Павловски, македонски Американец, кој во светот на бизнисот е тежок играч во милијарди, секако и неговиот сѐ популарен и позначаен „Рамбл“, а тој ни отвора важни политички канали на комуникација и соработка со администрацијата на Доналд Трамп. Тоа е начин како да се стане видлив во мултиполарниот свет кога секој се обидува на разни начини да се позиционира подобро. Ако тука го бараме клучниот збор, тој мора да биде суверенизмот како една од клучните движечки сили на мултиполаризмот. И токму суверенитетот треба да биде базата што мора да е вклучена и во договорот со Лондон. База што ја нема на пример во Преспанскиот или во договорот со Бугарија.
И ако имаме Декларација за стратегиско партнерство со САД од 2008 година, рамка надградена со стратегиски дијалог, наскоро би требало да имаме нешто слично, но според најавената рамка и многу пошироко, стратегиско партнерство со Велика Британија. Стратегиско партнерство имаме и со Турција, што е потврда дека дипломатијата добро сработила, иако има уште многу можности за пробив на нашата земја на светската мапа, особено на пазарите што ќе ни донесат напредок.

Историјата кажува дека британските интереси на нашиот простор се детектирани многу одамна

Популарно да се изразиме – овој пат „Англичаните не паднаа со падобран во Македонија, па решија да склучат стратегиско партнерство со нас“. Историјата кажува дека нивните интереси на нашиот простор се детектирани многу одамна, а особено од 19 век до денес. Има многу историски материјали за нивните активности, дејности, воени активности (сведочат и гробовите на британските војници, кои македонската држава ги одржува), нивното знаме беше закачено на Првото заседание на АСНОМ. Лондон имаше свој воен претставник во Министерството за одбрана за време на конфликтот во 2001 година. Има уште многу да се пишува, но сега сме зачекорени во 21 век и сме во време на глобални процеси.
Особено е важно што ова британско-македонско приближување се случува по излегувањето на Велика Британија од ЕУ (брегзит) и кога Лондон се подготвува за нови односи со Унијата откако договорно со администрацијата на Трамп ги постави на нозе заедничките односи, особено трговските. Во овој процес на поставување нови односи, да не заборавиме дека големите ајкули не чекаат туку се проактивни и сите им се важни. Лондон на своите дипломатски радари го има и Балканот, а тоа се покажа на самитот на европската политичка заедница во Тирана, каде што се сретнаа премиерите на двете земји, Кир Стармер и Христијан Мицкоски. Речиси симултано, во Скопје дојде Карен Пирс, специјалната претставничка на Лондон за Западен Балкан. Дали нешто забрзано се готви? Сето тоа се чекори во рамките на ресетирањето на односите за кои ќе имаме многу појасна слика до крајот на годината, кога во Лондон ќе се одржи самитот на лидерите од Западен Балкан заедно со тие од ЕУ, наречен Берлински процес.

И МАКЕДОНЦИТЕ НЕ ПАДНАА СО ПАДОБРАН

Да ја искористиме истата реторика и за нас – да, и Македонците не паднаа со падобран во Велика Британија. Дипломатски извори нѐ брифираат дека подолго време, а тоа е и период кога Британците беа во ЕУ, македонските конзервативци создале одлични канали на комуникација со нивните британски колеги, при што ги нашле и утврдиле и точките за соработка. Да потврдиме – во политиката, особено во високата политика, ништо не е случајно! Подолго време се работело на конкретизирање на инфраструктурните проекти, кои за македонски услови можеме да ги наречеме мегапроекти, како што е тоа за брзата железница од Гевгелија до Табановце, и десетици други капитални проекти какви што се предвидуваат да бидат, на пример изградбата или реновирањето на болничките капацитети.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во минатото беше во посети на Лондон, потврдуваат дипломати, па затоа не чуди што токму тој пред ланските избори најави огромни инвестиции за железницата, но тогаш јасно кажа дека тие нема да бидат кинески пари, но не ја откри земјата на потекло. Сега е веќе јасно, доколку сѐ помине добро со договорот, кој допрва ќе треба да се ратификува, брзата железница ќе биде финансирана со фунти, а не со јуани или долари. Дали можеме да констатираме дека кинескиот пат на свилата, односно железницата како дел од проектот „Појас и пат“ е ставена настрана? Веројатно да. Што значи тоа? Тука влегуваме на непознат терен од причини што не сме го виделе и не сме го прочитале договорот со Британците. Анализираме врз основа на тоа што го изјавуваат официјалните претставници, но мораме да имаме предвид дека секој договор може да содржи некоја незгодна клаузула. Во моментов нема причина да бараме проблематични точки, но секако дека ја поздравуваме намерата да се влезе во стратегиско партнерство со земја што е моќна и економски, и политички, и воено.


Вицепремиерот Николоски:

Македонското градежништво да се ангажира на проекти за обнова на Украина, поттикнато од стратегиското партнерство со Велика Британија

– Со Договорот за стратегиско партнерство со Велика Британија ќе се отвори можност за над 70 проценти од домашните компании да учествуваат во реализација на инфраструктурните проекти. Само за споредба, сега има не повеќе од 49 проценти учество, а на некои проекти само до 10 проценти работат наши компании. Со ова очекувам македонското градежништво повторно да стане конкурентно- истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој најави дека во перидот што следува ќе се разговара со бизнис-коморите и ќе се поканат сите домашни компании да се мобилизираат во изградбата на државата.
– Моите очекувања се дека по еден-два инвестициски циклуси, кои се обично во пет години, значи по пет до десет години македонското градежништво повторно да биде меѓународно конкурентно и наместо да гледаме странски фирми да доаѓаат да работат во Македонија, да гледаме македонски фирми што одат да работат надвор – истакна вицепремиерот Николоски.
Доколку успешно се одвиваат овие проекти, тоа би можело да ги отвори портите за македонските градежници на пример да работат на проекти за обновата на Украина, но и во други држави. Во градежништвото имаме добри препораки од минатото, кои, за жал, претходната влада речиси сите ги стави или во стечај или во очајна состојба.


Директорот на „МЖ инфраструктура“, Синиша Ивановски:

Инфраструктурни проекти што произлегуваат од договoрите со Обединетото Кралство

Директорот на „МЖ инфраструктура“, Синиша Ивановски, вчера откри детали за операционализација на договорот со Обединетото Кралство, односно за инвестиции во железничката инфраструктура во Македонија. Ивановски својата експликација ја систематизира во излагање со наслов „Проекти што произлегуваат од договoрите со Обединетото Кралство“.
– Покрај соработката во областа на одбраната и безбедноста, продлабочувањето на трговските и инвестициските врски, соработката во образованието и здравството, сериозен акцент се става и на инвестициите во инфраструктурата, потенцирајќи ги инвестициите во железничката инфраструктура. Факт е дека железницата е најеколошкото, најбрзо и најбезбедно копнено превозно средство, но од друга страна факт е дека изминативе години, па и декади, нашата железница е целосно маргинализирана и дека состојбата во која се наоѓа е критична и далеку од посакуваната состојба. Како дел од инфраструктурните инвестиции е опфатена железничката пруга по должината на коридорот 10, од границата со Србија до границата со Грција. Железничкиот коридор започнува од Австрија, преку Словенија, Хрватска, Србија, Македонија и завршува во Грција – рече Ивановски.
Тој потенцира дека Македонија има одлична инфраструктурна географска и стратегиска позиционираност и тоа треба веднаш да се искористи.
– Еден од главните двигатели на економијата во Македонија може да биде токму товарниот железнички сообраќај. Грчките пристаништа бележат континуиран пораст на сообраќајот, што нам и тоа како ни оди во полза. За таа цел, од страна на „МЖ инфраструктура“, ќе го вклучиме Градежниот факултет во Скопје, ќе изработиме проектна задача за максимално одржливо решение за целосна реконструкција на постојната траса и кревање на брзината до 160 км/ч. за патничкиот и до 120 км/ч. за товарниот сообраќај – рече тој.