Откритие на британските научници
Истражувачи од Универзитетот во Кембриџ успешно ја променија крвната група на три бубрези од починати донори, менувајќи ја крвната група Б во 0. Научниците дојдоа до откритието како дел од проект финансиран од добротворната организација за трансплантација „Кидбејн рисрч Јукејп“ и тоа би можело да биде од големо значење, особено кај етничките малцински групи, кои имаат помала веројатност да се совпаднат со мнозинството донирани бубрези, според официјалната веб-страница на Кембриџ.
Имено, професорот Мајк Николсон и докторката Серена Мекмилан користеле нормотермична машина за перфузија, уред што се поврзува со човечки бубрег за да пропушта оксигенирана крв низ органот за подобро да го зачува за идна употреба, како и за да ја пропуштат крвта полна со ензими низ бубрегот на починатиот. Ензимот дејствувал како „молекуларни ножици“ со отстранување на маркерите за крвна група што ги обложуваат крвните садови на бубрегот, предизвикувајќи таа да стане нулта крвна група. Веќе е познато дека бубрег од лице со крвна група А не може да се трансплантира на лице со крвна група Б, ниту обратно. Сепак, ова откритие покажува дека промената на крвната група во универзална О нуди можност за поголем број трансплантации, бидејќи крвната група нулта може да се користи во случај на која било друга крвна група.
– Откако успешно го применивме ензимот на парче ткиво од човечки бубрег и многу брзо видовме дека антигените се отстранети, добивме голем поттик за понатамошни студии – рече д-р Серена Мекмилан.
Истражувачите изјавија дека овој чекор е доволен за да се заклучи дека примената е можна, што го потврдија со земање човечки бубрези од тип Б, а претходно споменатиот процес го претвори бубрегот од тип Б во тип О за само неколку часа. Тимот научници изјавија дека во понатамошните истражувања е важно да се види како бубрезите од применетата крвна група ќе реагираат на вообичаената крвна група на пациентот. Перфузиските машини играат важна улога бидејќи овозможуваат тестирање пред трансплантација, покажувајќи како може да реагира бубрегот, симулирајќи го процесот на трансплантација во човечкото тело.