Премиерите на Македонија и Велика Британија, Мицкоски и Страмер изразија задоволство од постигнатиот договор за стратегиско партнерство

Најавени странски директни инвестиции (СДИ) за Македонија во висина од шест милијарди евра

Неодамна во Тирана, на маргините на самитот на Европската политичка заедница, премиерите на Македонија и на Велика Британија, Христијан Мицкоски и Кир Стармер, соопштија дека е постигната „согласност околу Договор за стратегиско партнерство“.
Во својата прва изјава од Тирана, премиерот Мицкоски го оцени договорот како историски, потенцирајќи дека тој ќе овозможи инвестициски циклус во вредност од околу шест милијарди евра во инфраструктурата, железницата, транспортот, здравството и во други области.
– Со овој меѓувладин договор, сигурен сум дека ќе имаме уште поголема билатерална соработка, ќе ги зацврстиме нашите врски. Со ова ќе се подобри и ќе се сподели искуството на Обединетото Кралство во тој дел на ЕУ и сметам дека Балканот е навистина инспиративно место – изјави Мицкоски од Тирана.
Од своја страна, британскиот премиер истакна дека договорот е од голема важност за двете држави.
– Фактот дека можевме да го потпишеме овој меѓувладин договор сметам дека е од голема важност и тоа покажува дека ние ќе решаваме многу работи меѓу двете држави. Се радувам на оваа билатерална средба и билатералниот договор и мислам дека имаме многу да направиме заедно – изјави Стармер.
Како што беше соопштено, за договорот се преговарало повеќе месеци меѓу тимови од двете држави.
Следуваше соопштение од британската влада во кое се наведува и дека двајцата лидери дискутирале „за неодамнешното приклучување на С. Македонија кон заедничката миграциска работна група, иницијатива што има цел да ја зајакне регионалната соработка во спречување на нерегуларната миграција низ Балканот и да ги наруши криминалните мрежи што ја олеснуваат“.

Мицкоски: Договорот ќе биде основа за силен инвестициски циклус

По враќањето во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски одржа заедничка прес-конференција со британскиот амбасадор Метју Лосон по повод согласноста за договор за стратегиско партнерство со Велика Британија. Како што истакна премиерот Мицкоски, со документот за стратегиско партнерство, двете влади испраќаат силна порака дека интересите на граѓаните се најважни, а дека политиката е моќен инструмент кога создава вредности, а не поделби. Тој прецизираше дека договорот ќе биде основата за силен инвестициски циклус.
– Договорот ќе има вкупна рамка од пет милијарди фунти, односно шест милијарди евра, при што дел од овие пари ќе бидат употребени за инвестиции во инфраструктурата, изградба на модерна карго и брза патничка железницата од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството и нови болници, завршување на проектот на клиничката болница во Штип, заедно со зградата на новиот медицински факултет, студентски дом со капацитет од двесте легла, изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом, реконструкција на клиничката болница во Тетово – истакна премиерот Мицкоски.
Наедно тој посочи дека партнерството што на овој начин се формализира „ќе придонесе за модернизација на нашите вооружени сили и подлабока интеграција во НАТО-стандардите“.
– Ќе ни овозможи да ја зголемиме безбедноста на границите и да се спротивставиме на трговијата со луѓе и на шверцот – изјави Мицкоски.
Од своја страна, британскиот амбасадор Метју Лосон оцени дека договорот е врвен момент во билатералната врска меѓу двете земји, изградена на заеднички вредности, заедничко членство НАТО и мошне богата трговска врска.
– Ние сме големи инвеститори и британската влада реши да го надградува тоа преку договор меѓу двете влади, кој се фокусира на трговија и инвестиции за да се креираат поголем раст и стотици милиони фунти од кои граѓаните на оваа земја ќе имаат корист заедно со граѓаните на нашата земја – рече Лосон.
Наедно, амбасадорот најенергично го демантираше пишувањето на некои македонски медиуми дека со договорот државава се обврзала на прифаќање мигранти, појаснувајќи дека единствено станува збор за соработка на полициските сили и подобро справување со криминалните групи.

Вицепремиерот Николоски: Договорот со Велика Британија целосно ќе нѐ трансформира како држава

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостување на ТВ Сител даде попрецизно толкување на значењето и на содржината на договорот што го потпишаа владите на Македонија и на Велика Британија. Според Николоски, овој договор ќе значи многу и за политиката и за економијата и целосно ќе нѐ трансформира како држава. Практично, станува збор за два договора, првиот е за стратегиско партнерство, кој ги одредува политичките контури на соработката, а вториот е Договорот влада со влада, кој ги утврдува полињата на економска соработка.
Притоа Николоски посочи дека Велика Британија нема ваков договор со никој друг во цела Југоисточна и Источна Европа и најави дека неделава во Лондон ќе се потпише Договорот влада со влада, а потоа Договорот за стратегиско партнерство. Тој истакна дека во договорите никаде нема одредба за отворање кампови за престој на азиланти во земјава и прецизира дека со Велика Британија ќе имаме ист договор како со Фронтекс.
– Едниот договор е за стратегиско партнерство, кој ги уредува контурите за политичката соработка и во него има глобална соработка, соработка во делот на одбраната и безбедноста, соработка во делот на миграциите, во делот на реформите во правосудството, борбата против организиран криминал и корупција, економска соработка и развој, млади, култура и образование, добро владеење и правосудство. Вториот е уникатен и е најголем договор што Велика Британија во финансиска смисла го постигнала со која било земја од Европа. Тоа е Договор влада со влада, кој точно ги утврдува секторите на соработка – инфраструктура, здравство, транспорт, технологијата, енергијата и става на располагање лимит од пет милијарди фунти за Македонија или шест милијарди евра – појасни Николоски.
Тој објасни дека рамката од пет милијарди фунти е на неограничен период и не значи дека сите ќе ги искористиме, туку ќе биде соодветна на потребите што ги имаме во моментов.
– Во моментов имаме подготвени проекти за околу две милијарди фунти или од 2,2 до 2,3 милијарди евра. Првиот проект е за брзата железница од Табановце до Гевгелија. Ќе се користи постојната маршрута, но ќе биде изградена целосно нова линија со два колосека. По едниот ќе транзитираат патничките возови со брзина над 160 километри, а вториот ќе биде карго-колосек на кој ќе се движат само карго-возови со брзина од 110 до 120 километри на час – истакна Николоски, додавајќи дека ќе чини од 1,7 до 1,9 милијарда евра.
Дополнително, во делот на здравството, како што кажа, веќе има согласност и за изградба на Клиничката болница во Штип, изградба на нов медицински факултет и студентски дом со најмалку 200 легла за Медицинскиот факултет. Четвртиот проект е целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово, а петтиот изградба на нова болница во Кичево. Покрај овие веќе утврдени проекти, се размислува и за други реони во земјава, што би биле опфатени во втората фаза, при што тука како приоритет се наметнува модерен клинички центар во Скопје.
Николоски додаде дека Велика Британија ни стои на располагање и со грантови за техничка поддршка. Очекува првите средства да пристигнат до крајот на летото и на почетокот на октомври да почнат работите на терен. Р.С.


Британската амбасада во Македонија со соопштение

Поздрав за новото стратегиско партнерство на Македонија со Британија

Премиерот Кир Стармер се сретна со премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, на самитот на Европската политичка заедница.
Премиерот започна со поздравување на новото стратегиско партнерство меѓу двете земји, со што дополнително се зајакнуваат односите меѓу Велика Британија и Северна Македонија.
Партнерството ќе го нагласи растечкото пријателство меѓу двете земји и ќе сигнализира намера за поблиска соработка на заедничките предизвици, вклучувајќи ги економскиот раст, трговијата, одбраната и безбедноста, додаде премиерот.
Лидерите, исто така, разговараа за неодамнешниот договор на Северна Македонија за приклучување кон Заедничката работна група за миграција, дополнително зајакнување на регионалната соработка за спречување нерегуларни мигранти што транзитираат низ Балканот и спречување на криминалните банди што им помагаат.
Очекувајќи го самитот на Западен Балкан во октомври, лидерите го поздравија зајакнувањето на пријателствата меѓу Велика Британија и регионот.
Лидерите со нетрпение очекуваат повторно да разговараат наскоро.


Пет години по брегзит, Велика Британија бара нов договор со ЕУ

Лондон ги обновува односите со европските партнери?

Британскиот премиер Кир Стармер денеска во Лондон ќе ги пречека лидерите на ЕУ во рамките на напорите за обновување на односите со Унијата, при што двете страни ќе се обидат да обезбедат напредок во одредени области. Како што соопштија од неговиот кабинет, Стармер ќе преговара за договор за зајакнување на партнерството на неговата земја со Европската Унија по брегзит и олеснување на трговијата со некои прехранбени производи.
Како што е познато, Велика Британија ја напушти ЕУ во 2020 година, но Стармер се обидува да ги зајакне врските со најголемиот трговски партнер на земјата откако неговата централно-левичарска Лабуристичка партија победи на минатогодишните национални избори.
Самитот ќе резултира со договор, соопшти неговиот кабинет, иако не даде многу детали, освен дека договорот ќе ја подобри положбата на британските производители, кои моментално се соочуваат со проверки на производите или не се во можност да извезуваат и ќе им го олесни животот на семејствата што се соочуваат со повисоки сметки и редици при патување.
– Оваа недела премиерот ќе постигне уште еден договор што ќе биде во национален интерес на оваа земја. Ќе биде добар за растот, добар за работните места, добар за сметките и добар за нашите граници – соопшти кабинетот на Стармер.
Анкетите покажуваат дека брегзит станува сè понепопуларен меѓу британските гласачи, со оглед на тоа што економијата е во лоша состојба во последните години, а меѓународната трговија е особено слаба точка. Р.С.