Некои аспекти на предизвиците од иницијативите за враќање на името Македонија
- Професорот Јанев го насочува фокусот кон што помасовно потпишување на петицијата за враќање на уставното име Република Македонија, која би била алатка во рацете на македонската дипломатија и највисоките претставници на власта при секоја посета во странство да ги потсетуваат своите соговорници на јасно изразената волја на македонскиот народ да живее во држава што, во согласност со меѓународното право, самиот може да ја именува онака како што сака.
- Професорот смета дека дипломатијата треба да обезбеди што повеќе коспонзори пред кои ќе се претстави нашиот проблем со самоопределувањето на народот како проблем на сите обесправени народи
Новите тектонски геостратегиски поместувања на светската политичка сцена говорат дека старите сојузништва, пактови, договори и слично повеќе не важат, односно дека секоја земја водена од сопствените интереси тежнее или кон нивно подобрување, па дури и раскинување.
Ако САД со децении важеа за доверлив стратегиски партнер на Европа, тоа повеќе не е случај, туку новата американска политика се води исклучиво од американските интереси и притоа нема никаков сентимент кон она што некогаш значеа цврсти европско-американски сојузништва и договори.
Многу земји ги напуштија претходно склучените договори, се откажаа во членството на некои меѓународни организации, така што уште еднаш се потврди старата максима дека ниту еден договор не е вечен и дека новите состојби диктираат соодветно приспособување.
Во еден таков контекст можат да се набљудуваат и договорите што Македонија ги има склучено како со Бугарија така и со Грција, кои набљудувани низ денешната геополитичка призма претставуваат повеќе генератор на нови проблеми отколку што придонесуваат за надминување на разликите.
Петиција, коспонзорства, придружно членство во неврзаните…
Од тие причини, професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, продолжува со својата иницијатива за итно раскинување на Преспанската спогодба, за да може на тој начин низ една легитимна правна процедура повторно да се воспостави уставното име Република Македонија.
Сега Јанев го насочува фокусот кон што помасовно потпишување на петицијата за враќање на уставното име Република Македонија, која би била алатка во рацете на македонската дипломатија и највисоките претставници на власта при секоја посета во странство да ги потсетуваат своите соговорници на јасно изразената волја на македонскиот народ да живее во држава што, во согласност со меѓународното право, самиот може да ја именува онака како што сака.
Професорот смета дека дипломатијата треба да обезбеди што повеќе коспонзори пред кои ќе се претстави нашиот проблем со самоопределувањето на народот како проблем на сите обесправени народи. Како добра идеја за обезбедување широка поддршка, професорот Јанев предлага најпрво да се лобира кај неврзаните, поточно групата 77, за потоа да се размисли и за аплицирање за придружно членство во Движењето на неврзаните, кое би се издејствувало под името Република Македонија. На тој начин, со таквата дипломатска проактивност, Македонија точно ќе знае колку земји се на нејзина страна и во кој момент да го активира прашањето пред ОН.
– Потоа, треба да се стави нацрт-резолуцијата за враќање на името на дневен ред во ОН и да се изгласа со просто мнозинство од присутните во салата на Генералното собрание на ООН. Дури тогаш се стекнуваме со правото да го користиме името Република Македонија во ООН – предлага Јанев.
Тој во идентичен контекст околу сувереното право на секоја држава сама да дава имиња на одредени подрачја, го посочува примерот на новата американска администрација, која го преименува Мексиканскиот Залив, а има намера сличен потег да повлече и во врска со каналот Ла Манш.
– САД од своја страна веќе го преименуваат Мексиканскиот во Американски залив. Истото ќе го направат и со заливот Ла Манш, кој според американските намери би требало да се преименува во заливот на Џ. Вашингтон, сето тоа поаѓајќи од сувереното право секој да дава имиња какви што сака. Кога се работи за трговските договори за тарифите во рамките на Светската трговска организација, САД со зголемените тарифи за целиот свет веќе прекршија еден куп договори и со тоа покажаа дека секој договор е менлива категорија. Затоа Македонија мора да поведе акција преку предлог-резолуција на Генералното собрание на ООН за продолжување на членството во ОН на државата „Република Северна Македонија“ под името – „Република Македонија“.
Дополнително, професорот Јанев разработува и повеќе сценарија како да се одговори на евентуалната грчка контраофанзива што официјална Атина би ја презела на дипломатски план доколку Македонија започне операцијата за враќање на старото уставно име.
– Се разбира дека Грција нема да седи со скрстени раце и ќе ги повика САД, Франција и Велика Британија да свикаат седница на Советот за безбедност на ООН бидејќи „Република Северна Македонија“ еднострано го раскинала Преспанскиот договор, со што ќе се обиде да ја наметне перцепцијата дека со тој чин „се загрозуваат регионалниот мир и безбедноста“.
Понатаму, во таа насока, Грција ќе бара од СБ да донесе препорака и одлука со која ќе ѝ наложи на Македонија да мора повторно да се обврзе со истиот акт (Преспанската спогодба) или да седне на маса и да започне со нови преговори за идентитетот базирани врз (претходно раскинатиот) Преспански договор – појаснува Јанев.
Јасни насоки како да се одговори на евентуалната грчка дипломатска контраофанзива
Според него, доколку Македонија цврсто застане на позицијата дека нема намера повторно да го склучи раскинатиот акт (што е суверена одлука на секоја држава или, пак, да преговара за новото име), маневарскиот простор на СБ на ООН е многу мал и објективно екстремно лимитиран.
Имено, во споредба со 1993 година, Советот за безбедност на ООН нема да може да донесе:
1. Резолуција со која ќе наметне (повторно) привремена референца од каков било вид или да ја врати претходната референца БЈРМ (односно нема да може да ја воспостави „претходната состојба“ со наметната референца, бидејќи сега ги немаме истите околности – проблемот со референцата БЈРМ не заврши во СБ на ОН, туку во регистарот на ОН како спогодба од небезбедносен, поточно административен / несуштински карактер), а и нема да има консензус меѓу големите сили со различни доктрини околу суверенитетот на државите, посебно Русија и Кина нема да бидат индиферентни и да допуштат „интерферирање во внатрешните работи“ (се разбира водени од своите интереси);
2. Резолуција со која ќе се бара „оваа држава“ (РСМ) повторно да ја склучи истата спогодба, бидејќи СБ нема надлежност за овие суверени домашни (уставни) прашања и нема да има минимум консензус меѓу големите сили, од кои двете (Русија и Кина) ја базираат својата надворешна доктрина врз основа на апсолутен суверенитет за секоја држава членка на ООН. Имено, суверено право на секоја држава е да склучува и да раскинува договори и суверено да го определува или менува своето државно име, а органите на ООН немаат надлежност да се мешаат во овие одлуки, кои се во строга внатрешна надлежност на секоја држава (посебно одлуката за уставното име);
3. Резолуција со која ќе наметне нови преговори околу државното име (ова е практично невозможно), освен ако самата држава имплицитно или експлицитно не даде некаков вид согласност за преговори или (ре)преговарање околу истата (апсолвирана) материја, за што и самата Грција нема да се согласи, како што и Македонија не смее да даде никаква согласност, од каков било вид (ниту „премолчено“) дека ќе го репреговара новото име на државата. Македонија мора да инсистира на име со кое аплицираше во ООН во 1993 г., како единствено легитимно име на нацијата и државата (за кое народот дал согласност и кое не беше резултат на надворешното интерферирање или надворешен акт/договор). Тргнувајќи од фактот дека РСМ денес нема веќе привремена референца, а нова не може да се наметне (ниту од македонската стана ќе се прифати), а истовремено државата не се согласува со постојното државно име РСМ (како нелегитимно), ниту со Преспанската спогодба, а земајќи го предвид фактот дека СБ на ООН е поделен по прашањето за интерпретација на концептот за суверенитет, можеме да заклучиме дека СБ на ООН нема да може да донесе каква било обврзувачка одлука со која повторно би можела да се инсталира привремена или трајна референца (деноминација) или да натера една суверена држава на преговори околу името (т.е. идентитетот, што впрочем не е ниту легално да се бара) или повторно склучување на истиот или сличен договор за дефинирање на државното име, односно на државниот идентитет – наведува Јанев.
Дипломатијата да биде интелигентно проактивна по прашањето за враќање на името
Професорот Јанев нема никакви дилеми дека процесот за враќање на името е комплексен и бара сериозна посветеност, па затоа истакнува дека тој мора да биде воден од искусни и стручни дипломати.
– Македонската дипломатија мора да го истакне фактот дека секој „идентитетски договор“ секогаш е нелегален акт бидејќи претставува несуверено определување на материјата што е во строга внатрешна надлежност! Оттаму, секој надворешен акт за менување идентитетот е акт со кој, независно од легитимитетот – се наметнува националниот идентитет. Понатаму, наводните „безбедносни причини“ (во споредба со 1993 г.) нема да влијаат врз донесување каков било вид обврзувачка резолуција, а без ваков акт Македонија може да оди напред и да го постави прашањето во Генералното собрание на ООН (водена од фактот што проблемот не е „заклучен“ во СБ, а спогодбата од Преспа немаше порано „завршна резолуција“ во Советот за безбедност, туку како несуштинска „пријателска спогодба“ само беше регистрирана во регистарот на ООН). Со други зборови, доколку нема обврзувачка резолуција на СБ на ООН (пример има само „претседателското соопштение“ или препорака), тогаш последниот збор околу државното име на оваа држава го има Генералното собрание на ООН (во кое државите немаат право на вето). За продолжување на членството на оваа држава во ООН под Република Македонија, како несуштествено прашање, се гласа со просто мнозинство од присутните што гласаат. Едноставно кажано, просто мнозинство од присутните во салата на Генералното собрание (во кое членуваат 193 држави-членки на ООН). Ако, на пример, во салата на Генералното собрание на ООН се присутни и гласаат 120 држави, за позитивен исход ќе ни требаат 61 глас. Ова е многу лесно да се постигне со стручни луѓе. Доколку, на пример, не успее ваквата акција оваа година, на ова Генерално собрание на ООН, може повторно да се поведе акција следната (а потоа и ако треба и следната), сè додека не се изгласа одлуката оваа држава да членува во ОН како „Република Македонија“ – констатира професорот Јанев.
Тој изразува и извесна резерва околу капацитетите на македонската дипломатија за ваква сложена операција, па несебично ја нуди и сопствената експертиза по ова прашање.
Според него, со враќањето на името „Република Македонија“ во ООН ќе им се стави крај на грчката и на бугарската асимилација врз македонскиот народ.