Во издание на „Бата прес“ е објавен првиот том на „Правописно-нормативен речник на македонскиот стандарден јазик“, на кој автори и редактори се осум универзитетски професори. Својата прва промоција речникот ја имаше на годинешниов Саем на книгата на штандот на издавачот. Речникот го претставија рецензентката Весна Костовска и авторката редактор Елизабета Бандиловска.
Во првиот том се зборовите од буквата А до буквата Ж, а авторите (универзитетските професори) и соработниците постојано работаат, така што во наредните изданија ќе бидат обработени зборовите до буквата Ш, и правописно-нормативниот речник, како плод на повеќегодишен труд, ќе биде комплетиран.
Овој капитален лексикографски зафат се надоврзува на повеќето изданија од овој вид, почнувајќи од првиот македонски правописен прирачник „Македонски правопис со правописен речник“ од Блаже Конески и Крум Тошев (1950) до „Правопис на македонскиот јазик“ во издание на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и издавачката куќа „Култура“ (2015 и 2017 година).
Автори и редактори на изданието, по азбучен ред на презимињата на универзитетските професори, се: Лидија Аризанковска, Елизабета Бандиловска, Снежана Велковска, Виолета Јанушева, Елена Јованова-Грујовска, Искра Пановска-Димкова, Симон Саздов, Људмил Спасов.
Книгоиздателството „Бата прес“ наскоро ќе објави „Речник на синоними во македонскиот јазик“ од универзитетските професори Толе Белчев и Снежана Веновска-Антевска (почината) и веќе има објавено поголем број лексикографски изданија што се однесуваат на македонскиот јазик.