Доровски: Оспорувањето на македонскиот јазик нема научна, туку политичка основа

Македонскиот јазик е рамноправен член во семејството на словенските јазици, литератури и култури. Секое негово оспорување нема научна основа, туку има вонјазична и вонлитературна, политичка основа“, ќе каже категорично проф. д-р Иван Доровски во една пригода. Во интервју во 2018 година тој изнесе предупредување што има важност и за македонскиот јазик: „Нема народ без јазик. Ако не постои јазикот, не постои и народот. Секој народ што сака да опстои, мора да го развива јазикот. Треба да го шири низ светот. Не смее да се заборави дека од лингвистичката карта годишно исчезнуваат од 200 до 250 јазици“. Сигурно, оваа мисла му била на Доровски секогаш во сите децении на неговата плодотворна научна кариера мотив за неговата непрестајна широка меѓународна афирмација на македонскиот јазик во Европа, особено во Чешка, како и низ светот. Тој има напишано дури 572 научни, стручни и публицистички труда, од кои повеќето со неизмерна љубов се посветени на Македонија и на македонскиот јазик. Денот 18 мај 2025 година, кога се навршуваат 90 години од неговото раѓање, е соодветна пригода за навраќање кон личноста, животниот пат и богатото научно творештво на овој Македонец, поет на македонски и чешки јазик, книжевен историчар и теоретичар, преведувач, антологичар и македонист

В недела се навршуваат 90 години од раѓањето на Иван Доровски, поет, книжевен историчар и теоретичар, преведувач, антологичар и македонист

Д-р Иван Доровски е роден во 1935 година, во костурското село Чука, во Егејска Македонија. Споделувајќи ја судбината на многу македонски деца бегалци-откорнатици од нивните родни огништа од Егејска Македонија, во 1948 година Доровски се наоѓа во таа тажна детска колона и животната судбина го носи во Чешка, Завршува Филозофски факултет во Брно. Работејќи како асистент на Филозофскиот факултет во Брно, во 1966 година ја одбранил кандидатската дисертација со наслов „Рајко Жинзифов и руската и украинската литература“. Во 1974 година докторирал со трудот насловен „Чешка и Балканот“. Од 1963 година Доровски работел како заменик-шеф на Катедрата за странски јазици при Универзитетот во Брно, а од 1967 година работел како виш научен соработник во Кабинетот по балканистика и унгаристика. На Филозофскиот факултет во Брно предавал Литературна историја на балканските народи и водел вежби по македонски јазик за студентите што студирале Југославистика. Бил главен и одговорен уредник на списанието „Университас“.
Списокот на научните, стручните и публицистичките трудови на д-р Иван Доровски содржи 572 единици и укажува на неговото залагање да ѝ презентира на чехословачката јавност цела низа значајни текстови на македонски писатели. Тој се пројавува и како суптилен преведувач на македонската поезија на чешки јазик. Д-р Доровски ги проучувал македонската литература и врската и размената меѓу неа, чешката и словачката литература. Според оригиналните резултати, особено се истакнуваат неговите трудови за грчко-јужнословенските културни и литературни контакти во 18 век, за чешко-македонските и македонско-чешките врски во 19 век и во првите децении на 20 век, но и за јазикот на Рајко Жинзифов и на Константин Петкович како наддијалектен македонски јазичен модел, во кој се изразени обидите „за определување на нормите на македонскиот литературен јазик врз национална основа“. Тие го претставуваат д-р Доровски како истакнат литературен историчар, славист и балканолог од редовите на македонската емиграција од Егејска Македонија во Чехословачка. Како член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав бил избран на 14 мај 1979 година.


Чепишевска: Ретки се посветениците и истражувачите на македонската книжевност од рангот на Доровски, со толкава посветеност и таков истражувачки влог и љубов кон македонската култура

Проф. д-р Иван Доровски почина на 24 август 2021 година, во 86-та година од животот. По тој повод проф. д-р. Весна Мојсова-Чепишевска, тогаш во својство директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, во своето слово за Доровски ќе нагласи: „Тој беше голем славист, балканист и македонист. Учествуваше на првиот Семинар за македонски јазик, литература и култура, кој беше одржан во 1968 година. Доровски тогаш бил асистент по македонски академски јазик, држел лекторски вежби во Чешка. Повеќе децении во европски рамки тој беше еден од најголемите афирматори и проучувачи на македонската книжевност и култура, вклучително и како еден од долгогодишните учесници и двигатели на летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, започнувајќи од првата школа одржана во 1967 година. Името на академик Доровски е и секогаш ќе биде нераскинливо поврзано со МСМЈЛК, зашто тој не е само свидетел, туку е и еден од создавачите на историјата на МСМЈЛК. Со учеството на првата летна школа пред 54 години, тој беше и еден од втемелувачите на Семинарот, а со својата дејност надвор од македонските граници, уште тогаш, пред сѐ во тогашна Чехословачка, беше еден од најистакнатите и најтемелни посветеници на остварувањето на неговата мисија – македонскиот јазик, литература и култура да се изучуваат на реномираните странски универзитети“.
Според професорката Весна Мојсова-Чепишевска, со своите постигнати заложби за изучување на македонскиот јазик, литература и култура во тогашна Чехословачка, а потоа и во Чешка и Словачка, академик Доровски секогаш ќе биде еден од најсветлите примери и за идните генерации посветеници – лектори, предавачи и професори по македонистика надвор од македонските граници. „Но, мора да се нагласи дека влогот на Доровски е и многу поголем од она што е остварено од него во првите години од формирањето на МСМЈЛК, затоа што тој, особено како страстен истражувач на македонската книжевност, во сите децении наназад, не само што беше редовен учесник на летните школи и на научната конференција организирана од МСМЈЛК туку како резултат на своите учества подготви и објави и едни од најзначајните преводи на современата македонска книжевност и научни трудови коишто се исклучително важни за македонската книжевна наука. И не само тоа – со своите идеи и проекти значајно придонесе и за развојот на МСМЈЛК.

Дури и во времето на дигитализацијата, кога веќе беше во осмата и деветтата деценија од животот, со целосно себевложување ги изнаоѓаше сите соодветни форми за да ја афирмира македонската книжевност во Чешка и да придонесе за остварувањето на мисијата на МСМЈЛК. Ретки се посветениците и истражувачите на македонската книжевност од таков формат, со толкава посветеност и таков истражувачки влог и љубов кон македонската култура. Името на академик Доровски е со златни букви запишано во историјатот на МСМЈЛК во сите повеќе од пет децении наназад, бидејќи тој беше дел од речиси секое важно случување за македонистиката, организирано од Семинарот. Заедно со него остваривме безброј проекти – истражувачки, преведувачки и промотивни, но останаа низа други, неостварени проекти, коишто тој сакаше да ги оствари во времето што е пред нас“, укажа Мојсова- Чепишевска своето слово по повод смртта на овој исклучителен деец на македонскиот јазик и македонската книжевна реч.
Доровски е автор е на книгите: „Чешка и Македонија меѓусебни врски“ (1974), „Константин Иричек живот и дело“ (1983), „Речник на словенски писатели“ (1984), „Рајко Жинзифов“ (1988), „Студии за балканските литературни процеси во 19 и 20 век“ (1992), „Балкански меѓулитературни врски“ (1993), „Драмското дело на Мирослав Крлежа“ (1993), „Чешко-македонски и македонско-чешки речник“ (1994), „Балкане, љубов моја“ (поезија, 1994), „Драмското творештво на Јужните Словени„ (1995), „Рајко Жинзифов“ (Скопје, 1995), „Македонија“ (1995), „Уметничкиот лик на Врацлав Фролец“ (1995), „Хрватите живеат меѓу нас“ (1995), „Фолклористички студии“ (1996), „Балкан и Медитеран“ (1997), „Македонците живеат меѓу нас“ (1998). Составувач е на антологијата Современа македонска поезија на чешки јазик. Во посебна книга е објавена Библиографија на Иван Доровски (Брно 2000).

Свето Тоевски