Фото: ЕПА

Според форматот и целите што пред себе ги поставува Европската политичка заедница, тоа не е ништо друго туку ЕУ во втора брзина или еден вид европска втора лига, која за кандидатите ќе значи некакво редуцирано членство во Унијата, а за самата ЕУ ослободување од притисокот околу проширувањето и превентива празниот простор на Балканот да не го пополни некој друг

Руско-украинските преговори во Истанбул околу ставањето крај на војната во Украина, без оглед на нивниот исход, несомнено значат вовед кон конечна разврска на конфликтот што повеќе од три години се случува на европско тло.
Декларативните заложби на многу европски челници дека проширувањето на Европската Унија ќе значи стабилност и просперитет прекуноќ се претворија во европски кошмар по почнувањето војна на европско тло, кога европските бирократи конечно сфатија дека ѓаволот ја однел шегата ако конечно европската приказна за проширувањето, во својата изворна, чиста и принципиелна форма, не се заокружи и – со дела! А сега, дејствата што ги презема овој Брисел се во насока на брз прием на Украина, Молдавија и Грузија во Европската Унија… Но тоа значи и прескокнување на сите земји кандидати од Западен Балкан што преговораат со Унијата со децении и кои реално се далеку понапред во пристапниот процес од трите споменати земји.

Европска политичка заедница (ЕПЗ) – помалото и послабо братче на ЕУ

За да се амортизира видното незадоволство истакнато од страна на балканските лидери, кои се изморија од политиката „стап без морков“ и кои бараат од Брисел да игра со отворени карти, францускиот претседател Емануел Макрон го промовираше проектот „Европска политичка заедница“ (ЕПЗ), замислен како платформа во која ќе членуваат сите земји од ЕУ, земјите кандидати и други европски земји што не се дел од блокот.
Со други зборови, според форматот и целите што пред себе ги поставува Европската политичка заедница, тоа не е ништо друго туку ЕУ во втора брзина или еден вид европска втора лига, која за кандидатите ќе значи некакво редуцирано членство во Унијата, а за самата ЕУ ослободување од притисокот околу проширувањето и превентива празниот простор на Балканот да не го пополни некој друг.

Лига на шампиони, Лига на Европа, сите се во рамките на европскиот сојуз

И додека во некои европски кругови се предвидуваше брз крах на самиот проект наречен Европска политичка заедница, се чини дека тој полека ја добива вистинската форма како заеднички европски форум на европските „прволигаши“, поточно актуелните членки на ЕУ, и оние од „втората лига“, или Украина, Молдавија, Грузија, заедно со целиот пакет земји од Западен Балкан. Заедничкото е што и оние од првата и оние од втората лига се под капата на единствениот Европски сојуз.
Во такво светло вчера во Тирана се одржа шестиот самит на Европската политичка заедница, за првпат во земја од Западен Балкан, на кој учествуваа речиси 50 шефа на држави и влади, меѓу кои беше и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
За разлика од Советот на Европа, кој има 46 постојани членки, ЕПЗ се подразбира себеси како неформална платформа за геостратегиски прашања, дигитализација, енергија и клима, клучни прашања што се еднакво важни како за земјите членки така и за оние што се на пат да се придружат кон Унијата. Самото тоа што земјите кандидати се вклучени во разговорите за геостратегиските прашања на Унијата, за дигитализацијата, енергетиката, климатските промени, јасно говори дека тие веќе функционираат де факто како дел од ЕУ. Веќе сега за наесен е закажан нов самит на ЕПЗ во Данска, средби што се еден вид подготовка на самитите на ЕУ.
– Македонија мора да игра проактивна улога на овие самити на Европската политичка заедница бидејќи на тој начин стануваме повидливи, можеме да ги артикулираме нашите позиции по повеќе прашања, да бараме нови пријатели, нови пазари и слично. Главна цел треба да ни остане полноправно членство во ЕУ, но втората лига е секако добра можност полесно да ја оствариме главната цел. Ако актуелната ЕУ е Лига на шампиони, тогаш ЕПЗ би била Лига на Европа и нема ништо лошо во тоа. Дури тоа и не значи дека „второлигашите“ се нешто поназадни, туку дека актуелниот момент подразбира таков формат на преструктурирање додека самата ЕУ внатрешно не се реформира и не се подготви за функционирање со над 30 и повеќе држави. Впрочем, дел од таа Лига на Европа се и Велика Британија, Норвешка, Исланд, Швајцарија, земји што се далеку од второлигаши и се многу понапред во развојот од поголем дел од актуелните земји членки на ЕУ – појаснуваат познавачите на европските процеси.

Фамилијарно фото на лидерите на европските држави за време на Самитот на ЕПЗ, вчера во Тирана / Фото: ЕПА

За Македонија е добра секоја Европа што не ги отфрла/игнорира македонскиот идентитет, јазик, историја и култура, како врховни меѓународни права на еден народ

Според нив, за Македонија европската втора лига во основа би била добра само доколку тоа значи почитување на нашиот идентитет, име, грб, знаме, јазик, она што во моментот дел од европското семејство го поставил и сѐ уште го става како пречка во нашите евроинтеграции.
– Главната идеја на Макрон со Европската политичка заедница беше да ги собере под заеднички европски покрив сите европски земји, вклучувајќи ги и оние што излегоа од ЕУ, како и оние што никогаш не биле дел од ЕУ, каде што би се носеле координирани одлуки важни за иднината на Европа. Целта е да се стави крај на можноста некој трет да го шири влијанието меѓу земјите што не се дел од блокот. Сите ќе имаат пристап до заедничкиот европски пазар, веројатно сите ќе бидат дел од европската одбрана, од енергетската мрежа, од дигитализацијата, ќе имаат поголем пристап до фондовите, ќе има поголема слобода на движење на луѓе и стоки и на тој начин ќе се чувствуваат како членки, иако неполноправни. Она што им е важно на постарите земји членки, пред сѐ на Германија, Франција, Италија, Холандија, тоа е да го задржат влијанието при носењето одлуки и моќта што ја имаат во рамките на Унијата – појаснуваат експертите.
Она што е исклучително важно за Македонија, како што понатаму додаваат експертите, тоа е да се тргне наративот за некаков наводен евроскетицизам во земјава.
– Нам ни е потребна Европа и никој нема дилеми околу тоа прашање. Затоа исклучително е позитивно нашето учество во Европската политичка заедница, бидејќи тоа ќе значи мотив повеќе да ги забрзаме реформите, да работиме посветено за што поскоро да ѝ се придружиме на европската прва лига. Од друга страна, ЕУ треба да биде објективна и правилно да ги вреднува нашите постигнување врз основа на европските критериуми, а не врз основа на билатерални условувања. Затоа е важно додека сме дел од втората европска лига да работиме на средување на домашните состојби, а ЕУ да го води процесот на внатрешна реформа за да може да биде подготвена за целосно обединување во еден силен европски сојуз, втемелен исклучиво на изворните европски принципи, за слобода, правда, еднаквост, демократија, почитување на различностите, на идентитетските слободи, култури и слично. Како и да е, придобивките за земјава се далеку поголеми отколку каква било статус кво позиција. Европската политичка заедница во овој момент е нашата шанса, да се мотивираме за повисоки дострели, да се промовираме како држава со сѐ што располагаме, да ја живнеме нашата економија и да ја вратиме надежта кај граѓаните дека нашата цел е остварлива, иако ќе останат некакви козметички финеси за подоцна, кои и не се толку важни. За нас е важно дури и во таа Лига на Европа да играме како Македонци со македонски јазик, историја и култура. Комесари, еврофункционери, егзекутивни прерогативи и слично во ЕУ , во овој момент ни се најмалку важни. Од круцијална важност е во вакви турбулентни времиња да бидеме на масата со сите и да ги изнесуваме нашите гледишта и позиции или, поедноставно кажано, да нѐ има заради аргументации и експликации каде што ќе се чујат нашите факти и меѓународноправно основан приод кон прашањата од наш и од заеднички, европски интерес – заклучуваат соговорниците.


Фон дер Лајен: Состанокот на ЕПЗ во Тирана е „моќен сигнал“ за Западен Балкан

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави во Тирана дека фактот што состанокот на Европската политичка заедница (ЕПЗ) се одржува за првпат во Западен Балкан е „моќен симбол“ дека европското семејство на вредности се протега далеку надвор од границите на Европската Унија.
– Во Тирана на состанок на Европската политичка заедница. Тоа е првиот на Западен Балкан. Каков моќен симбол. Нашето европско семејство на вредности се протега далеку надвор од границите на Европската Унија. Делиме континент. И заедничка иднина – напиша Фон дер Лајен на својот профил на X.