Жулиет Бинош, претседателката на жирито, ѝ оддаде почит на фоторепортерката Фатима Хасуна, убиена во Појасот Газа. Доаѓајќи да ја прими почесната „палма“, пак, Роберт де Ниро повика на одбрана на слободата: „Мора да дејствуваме сега“
Отворањето на Канскиот фестивал
обележано од глобалните светски немири
Вообичаено, Кан и неговиот сјај брзо го засенуваат мракот на актуелните настани, особено на црвениот тепих и фестивалските скали на кои се прикажува раскошот во кој уживаат најбогатите. Но се чини дека последните настани и нивната акумулација, од војните во Украина и Појасот Газа до постојаните напади на Доналд Трамп врз владеењето на правото, ги засенија сјајот и раскошот барем при отворањето на фестивалот. Церемонијата на отворањето на 78-то издание на Канскиот филмски фестивал имаше нешто свечено во себе, покрај радосниот пречек што ѝ беше упатен на екипата на филмот за отворање, „Да се замине еден ден“, музичка романса од Амели Бонин, со Жулиет Армане и Бастијан Бујон.
Актерот Лоран Лафит, со својот згоден мустаќест изглед, ја сфати улогата на церемонијален водител многу сериозно. Не требаше долго да се разбере дека неговиот (понекогаш меандриран) говор имаше цел да ги поздрави актерките и глумците што имаат „храброст“ да проговорат, дури и ако времето не помага за слободното изразување. За еден актер, проговорувањето често е жртвување, во време кога климата, еднаквоста, феминизмот, ЛГБТКИА+, мигрантите, расизмот повеќе не се само теми на филмови туку и зборови забранети од водечката светска сила.
– Кога си супермоќен мултимилијардер, мора да го облечеш својот суперсоничен оклоп за да го спасиш светот, наместо да ги уништуваш глобалните програми наменети за најслабите – изјави Лоран Лафит, предизвикувајќи аплауз.
Поранешниот станар на „Комеди-Франсез“ исто така сакаше да потсети на високото мислење што го има за киното и уметничкиот свет, едвај прикриена алузија на сексуалното и сексистичко насилство што редовно се осудува таму.
– Ако од киното бараме сè поголема инклузивност, застапеност и паритет, тоа е затоа што може да го промени светот. Да се обидеме ние, актерите и глумиците, да живееме според нашите ликови – повика тој.
Сепак, за време на церемонијата, барем на микрофонот, немаше ниту збор за осудата од истиот ден за Жерар Депардје на осумнаесет месеци затвор, условна, за сексуален напад врз две жени за време на снимањето во 2021 година на филмот „Зелените ролетни“ на Жан Бекер.

На сцената на гранд театарот „Лумиер“, Жулиет Бинош, претседателка на жирито, изгледаше како Мадона во нејзината беспрекорна облека покриена со превез со качулка. Таа ѝ оддаде почит на палестинската фоторепортерка Фатима Хасуна, која беше убиена на 16 април во Појасот Газа од израелско бомбардирање, заедно со десет нејзини роднини. Младата жена е во фокусот на филмот на Иранката Сепидех Фарси, „Стави ја душата на раката и оди“, кој беше избран од Независната кинематографски асоцијација за прикажување на фестивалот, а ќе биде прикажан вечерва.
– Еден ден пред да почине, дозна дека филмот е избран тука. Фатима требаше да биде со нас вечерва – емотивно рече Жулиет Бинош.
Имаше некои изненадувања. Во придружба на пијано, Милен Фармер му посвети песна на својот пријател Дејвид Линч, кој почина на 16 јануари на 78-годишна возраст. Потоа Леонардо ди Каприо се појави за да му ја додели почесната „златна палма“ на Роберт де Ниро, кого го запозна кога почна да глуми – Ди Каприо беше избран да игра со него во филмот „Тајни рани“ (1993) на Мајкл Катон-Џонс. На 81-годишна возраст, Роберт де Ниро е повеќе од редовен посетител на Кроазета, уште од неговата прва посета за да ги претстави „Злите улици“ (1973) од Мартин Скорсезе, потоа „Таксист“ (1976) од истиот Мартин, кој му ја донесе „златната палма“ на режисерот.
– Уметноста е инклузивна, ги зближува луѓето. Уметноста бара вистина, уметноста ја прифаќа различноста и затоа уметноста е закана, а ние сме закана за автократите и фашистите – нападна актерот што ја играше главната улога во филмот „Кум 2“ на Френсис Форд Копола (1974).
Осудувајќи ги „неприфатливите“ одлуки на Доналд Трамп, актерот, смирено, додаде со својот легендарен глас: „Ова не е само американски проблем туку е глобален проблем“.
– Не можеме само да седиме и да гледаме, како во филм. Мора да дејствуваме и дејствуваме сега. Дојде време сите луѓе што ја ценат слободата да се организираат и да протестираат. Вечерва и во текот на следните единаесет дена ќе ги покажеме нашата сила и посветеност славејќи ја уметноста на овој славен фестивал: слобода, еднаквост, братство. Под фронтонот на републиканското мото, Кан може да започне – изјави актерот.
На крајот фестивалот го прогласи за отворен, на свој начин, славниот Квентин Тарантино.
Тони Гламчевски, специјално за „Нова Македонија“ од Франција