Фото: Горан Анастасовски

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на балканска турнеја, денеска е во Македонија

Минатата година „Нова Македонија“ објави дека, покрај претседателката на Владата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, и други функционери на ЕУ од највисок ранг се под истрага за корупција. Имено, станува збор за денешниот наш гостин од Брисел, кој е на турнеја низ неколку балкански земји, имено Антонио Кошта, кој сега ја извршува функцијата претседател на Европскиот совет. Под истрага е сѐ уште и Каја Калас, сега на позицијата висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на Европската комисија

Случајот „Кошта“

Да потсетиме, минатата година „Нова Македонија“ меѓу другото објави и дека „Антонио Кошта дојде на власт како премиер по општите избори во Португалија во јануари 2022 година. Откако беше обвинет за корупција, лаги и злоупотреба на службената должност, тој поднесе оставка во ноември 2023 година, поради истрага за наводни неправилности извршени од неговата администрација во справувањето со проектите за ископ на литиум (и водород) во земјата“.
Негирајќи ги обвинувањата против него и каква било вмешаност во корупција, тој во изјавата за оставката рече дека „за време на неговиот мандат како премиер им се посветил на службата на Португалија и на португалскиот народ“.
Но, сепак, под притисок на материјалните докази, во ноември 2023 година на 42 локации беше направен претрес од страна на истражните органи (вклучувајќи ја и канцеларијата на премиерот во главниот град Лисабон), а операцијата беше активно координирана од страна на Врховниот суд. Притоа, шефот на кабинетот на Кошта, Витор Ескарија, и неговиот близок пријател, бизнисменот Диого Ласерда Мачадо, беа приведени и лишени од слобода.
Имено, истрагата, по која следуваше и обвинение против Антонио Кошта и неколку члена на неговиот кабинет, беше поврзана со ископ на литиум во рудниците Романо и Баросо во северна Португалија и со проект за фабрика за производство на зелен водород во Синес. Истрагата за случајот е во тек.

Случајот „Калас“

Мало потсетување и за случајот „Калас“, сега високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Во врска со Каја Калас во анализата на „Нова Македонија“ од декември 2024 година беше посочено: „Каја Калас, која беше премиерка на Естонија од 2021 година, основано се сомничи за коруптивни поведенија, а како таква е спомената во обвиненија за корупција што произлегуваат од активностите на нејзиниот сопруг Арво Халик. Се тврди дека сопругот на Калас, Халик, одржувал деловни врски со Русија и покрај руско-украинскиот судир и санкциите на ЕУ против Русија. Наводите на естонскиот претседател Алар Карис дека ’се доведува во прашање кредибилитетот на државата’, се однесуваат на ’Старк логистик’, транспортна компанија делумно во сопственост на сопругот на Калас, Халик. Компанијата основано се сомничи дека работела како посредник за друга естонска фирма, ’Метапринт’, која тргувала во Русија.
Според извештаите во естонските медиуми, ’Метапринт’ ѝ продала на Русија и извезла стока вредна 17 милиони долари од февруари 2022 година, кога започна украинската војна, до ноември 2022 година.
Токму Каја Калас ѝ обезбедила заем во висина од 350.000 евра на компанијата на нејзиниот сопруг, при што, според естонските медиуми, е регистрирана неколкукратна посета на Калас на компанијата ’Метапринт’. Калас тврдеше дека нема никаква врска со бизнисот на нејзиниот сопруг…“

Случајот „Каили“

Во средината на ланскиот декември кредибилноста на ЕУ доживеа силен удар, поради еден огромен корупциски скандал, во чиј центар беше Ева Каили, потпретседателка на Европскиот парламент (ЕП).
Имено, Ева Каили, една од 14-те потпретседатели на Европскиот парламент, беше уапсена во Брисел на 9 декември 2024 година. Апсењата на поранешни и тогашни членови и вработени во Европскиот парламент беа реализирани како дел од „истрагата за наводни нелегални лобистички активности од страна на Катар“.
Токму таа истрага осветли еден од најголемите корупциски скандали во срцето на Европската Унија.
Токму поради овие случувања, некои набљудувачи и европратеници бараат „коренити реформи“ на оваа институција, напишаа американски „Њујорк тајмс“ и други светски медиуми.

Европратениците и корупциската афера „Катаргејт“

Кон крајот на минатата година четири лица беа обвинети во „истрагата за сомневање за поткуп во Европскиот парламент“: белгиските обвинители се сомневаат дека арапска држава Катар се обидела да влијае врз европарламентарните одлуки со давања пари или подароци. Во декември оваа вест ги полнеше страниците на медиумите во Европа, а владата на Катар го одрекуваше известуваното.
Но, во соопштението на Белгиското федерално обвинителство од 11 декември 2024 година беше истакнато дека тогаш биле приведени шест лица на распит, од кои двајца биле ослободени. Имено, четири лица биле уапсени како дел од истрагата, што ги товари за „учество во криминална организација, перење пари и корупција“. Белгиски обвинител во декември лани имаше изјавено дека истражителите се сомневаат дека споменатата земја од Персискиот Залив влијаела врз економските и политичките одлуки на Европскиот парламент неколку месеци, особено насочено кон помошниците.
Набљудувачите и опозициските европратеници во Европскиот парламент, за обемот на овој скандал уште тогаш укажаа дека „ова би можело да биде еден од најголемите корупциски скандали што се случиле во историјата на Европскиот парламент“. За издвојување е дека, „откако белгиските власти ги изнесоа во јавност имињата на обвинетите за корупцискиот скандал, потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили, беше лишена од нејзините парламентарни должности и од членството во грчката социјалистичка партија Пасок“.

Европското јавно обвинителство, кое гони и случаи на корупција и измами, минатата година отвори 2.666 активни истраги

Со оглед на актуелноста на најновите податоци во врска со раширеноста на корупцијата меѓу бриселската висока администрација, во контекст на севкупниот финансиски криминал и измамите во ЕУ, кој го пренесе на својата интернет-страница Транспаренси интернешенел за Европската Унија на 17 април 2025 година, „Нова Македонија“ ги пренесува најважните податоци и согледувања од овој материјал, кој носи наслов „Гонење на криминалот во ЕУ: извештај на Европското јавно обвинителство во 2025 година“.
„Европското јавно обвинителство истражува кривични дела, кои вклучуваат и корупција, перење пари, измами со средства од ЕУ повеќе од 10 илјади евра и прекугранична измама со данок на додадена вредност, што вклучува штета од најмалку 10 милиони евра. Веќе три години имаме годишен извештај за активностите на Европското јавно обвинителство, а последниот ја открива важноста на неговата работа. Во 2024 година ова обвинителство отвори 1.504 нови истраги, што претставува зголемување од речиси 10 проценти во однос на претходната 2023 година. До крајот на годината имаше 2.666 активни истраги со проценета штета што надминува 24,8 милијарди евра! Речиси 2 отсто од истрагите имале прекугранична димензија. Ова значи дека станува збор за дела извршени на територијата на неколку земји или кои предизвикале штета на неколку земји. Тоа ја нагласува улогата на Европското јавно обвинителство во справувањето со финансискиот криминал на ниво на ЕУ“, се наведува во овој официјален извештај.
Во овој извештај, натаму, се изнесува вџашувачки податок дека корупцијата и измамите во ЕУ се прикриваат дури и од официјални европски институции!
Во овој контекст во споменатиот извештај се посочува: „Случаите пријавени до европското обвинителство доаѓаат во голема мера од приватни лица или национални власти. Помалку од 1 процент од извештаите дојдоа од водечкото тело на ЕУ за борба против измами – Европската канцеларија за борба против измами. Овој недостиг од соработка е загрижувачки, а доказите укажуваат на одредена дисхармонија меѓу двете тела. На пример: Европското јавно обвинителство започна истрага за наводна корупција од страна на висок функционер на ЕУ по извештајот на францускиот весник ’Либерасион’, и покрај тоа што Европската канцеларија за борба против измами беше запознаена со случајот со месеци. Оваа Канцеларија не го пријави ова ниту до Европското јавно обвинителство ниту до белгиските власти. Или земете го најновиот корупциски скандал во ЕУ, каде што поранешни и сегашни европратеници беа обвинети за земање мито од телекомуникацискиот гигант ’Хуавеј’. Транспаренси интернешенел – ЕУ беше известена за случајот пред две години и го упати до Европската канцеларија за борба против измами. Меѓутоа, оваа Канцеларија одби да продолжи, наведувајќи дека постои ’недостиг од докази’. Како одговор, главниот обвинител на Европското јавно обвинителство во извештај забележа: ’Нивото на соработка со Европската канцеларија за борба против измами е многу ниско’. Колку корупција во Европскиот парламент можеше да се спречи ако Европската канцеларија за борба против измами ОЛАФ одлучеше да го пријави случајот во Европското јавно обвинителство?“


Потсетување за „Катаргејт“

„Њујорк тајмс“: Потенцијал за најголемиот скандал во историјата на Европскиот парламент

Како дел од истрагата за наводно поткупување, поврзано со Катар, властите во Белгија спроведоа широка операција за приведување и распит на неколку лица, вклучувајќи поранешни и сегашни членови и вработени во Европскиот парламент, објави „Њујорк тајмс“, оценувајќи дека полициската операција е фокусирана на она што има потенцијал да биде најголем скандал во историјата на Европскиот парламент.
Белгиската полиција соопшти дека при рации на 16 локации во Брисел кон крајот на минатата година бил пронајден куфер со 600 илјади евра во готово. Белгиски функционер, под анонимност, изјави дека земјата поврзана со истрагата е Катар, додавајќи дека истрагата за можни обиди за влијание врз економските и политичките одлуки на Европскиот парламент трае најмалку четири месеци и оти можни кривични дела се случиле во тој период, а можеби и порано.
Покрај тогашната потпретседателка на Европскиот парламент Ева Каили, меѓу приведените на сослушување на 9 декември 2024 година се најдоа и нејзиниот партнер Франческо Ѓорѓи, кој работеше во тој момент како помошник во Европскиот парламент, Лука Висентини, тогаш на функцијата генерален секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати, како и Пјер Антонио Панцери, поранешен член на Европскиот парламент. Повикувајќи се на извештаи од белгиските медиуми, лондонскиот весник „Тајмс“ објави дека „вреќи полни со пари“ биле пронајдени во домот на 44-годишната Ева Каили. Белгискиот обвинител во соопштението посочи дека инспекторите на федералната полиција две години „се сомневале оти Катар влијаел врз економските и политичките одлуки на Европскиот парламент“.

Свето Тоевски