Огорченоста на Трамп од односон на ЕУ спрема САД е длабока: Европската Унија е формирана за да ги уништи САД, изјави Трамп неодамна, пред конкретно да ги заостри трговските односи со Брисел (ЕУ). И додека Вашингтон склучува договори со други земји, апелите за олеснување на тарифите од Брисел остануваат неодговорени. Европската Унија и „трансатлантските трговски“ односи од 1,6 трилион евра – стојат на крајот од редот пред Белата куќа, коментираат светските медиуми
За напорите на САД да ги преформатираат договорите со своите трговски партнери од целиот свет
Додека американскиот претседател Доналд Трамп напредува во трговските договори со Велика Британија, напредува и со Кина, Европската Унија е оставена настрана. И покрај неколкуте обиди за преговори на релацијата Вашингтон-Брисел за отстранување на американските царини за европските стоки, Европската комисија, која се занимава со трговската политика во име на 27-те земји членки на ЕУ, сè уште не постигнала ништо. За потсетување, САД воведоа основна царина од 10 проценти на почетокот на април, заедно со 25 проценти давачки за автомобили и метали. Доколку САД и Европа не успеат да постигнат договор до почетокот на јули, ќе стапи во сила повисока царина од 20 проценти, бидејќи Трамп се обидува да го израмни трансатлантскиот трговски дефицит, за што директно ја обвинува ЕУ. Се добива впечаток дека претседателот на САД се засити од дволичноста и лицемерството, но и од неспособноста на актуелните либерални бриселски елити, при што Трамп го става прашањето за трговските односи со Европа на маргините на својата агенда, како многу помалку важни за Америка. На оваа тема деновиве се осврнува реномираниот „Политико“.
Агата Демареј, виша политичка соработничка во
Европскиот совет за надворешни односи: Европа
не е приоритет за САД!
„Европа не е приоритет за САД. И тоа во која било област – без разлика дали станува збор за трговија или одбрана или нешто друго – Европа не е приоритет. И секако, тоа е малку изненадување за Европејците во (нивните) разговори со американските претставници“, рече Агата Демареј, виша политичка соработничка во Европскиот совет за надворешни односи. За издвојување е дека на пример Трамп склучи договор со британскиот премиер Кир Стармер кон крајот на минатата недела за намалување на американските царини за извоз на автомобили и челик од Велика Британија – прв таков потег откако американскиот претседател воведе низа царини на почетокот на април за стоки од целиот свет.
Потоа, на почетокот на неделава, во понеделникот, постигнат е првиот пробив (на релацијата САД-Кина), при што Вашингтон и Пекинг ги намалија своите тарифи на 30 и 10 проценти, соодветно, за стоките. А неколку часа подоцна претседателот на САД, Трамп, ја нарече ЕУ „полоша од Кина“! Неговата огорченост е длабока: „Европската Унија е формирана за да ги уништи САД“, рече неодамна, пред да ги заостри конкретно трговските односи со Брисел и ЕУ.
Додека Вашингтон склучува договори со други земји, апелите за олеснување на тарифите од Брисел остануваат неодговорени. Европската Унија и „трансатлантските трговски“ односи од 1,6 трилион евра – стојат на крајот од редот.
Џош Липски, виш директор во аналитичкиот центар „Атлантски совет“ со седиште во Вашингтон
„Земји како Индија и Јапонија, па дури и Виетнам, се повисоко на листата со приоритети во САД во моментов отколку ЕУ, бидејќи знаат дека е тешко и сакаат брзи победи во моментов“, рече Џош Липски, виш директор во аналитичкиот центар „Атлантски совет“ со седиште во Вашингтон. „И тоа значи различни работи во различни земји, а особено со ЕУ. Многу е тешко да се разбере како би изгледала победата“. Откако Трамп ја презеде функцијата во јануари, главниот преговарач за трговија на Комисијата, Марош Шефчовиќ, се сретна трипати со американските колеги Хауард Лутник, Џејмисон Грир и Кевин Хасет. И покрај фотосесиите исполнети со насмевки, дискусиите донесоа малку повеќе од конфузија. Тоа ги фрустрира европските претставници, кои имаат впечаток дека нивните американски колеги немаат јасни преговарачки цели и измислуваат работи додека тие одат напред. Обидувајќи се да го прекине застојот, Европската комисија минатата недела изнесе список на потенцијални отстапки – вклучувајќи регулаторно олеснување и заеднички напори за ограничување на кинеското прекумерно производство. Исто така, воведе одмазднички тарифи за американска стока во вредност од 95 милијарди евра ако разговорите стојат – што е далеку помалку од процената на Европската комисија (ЕК) за обемот на сегашните и најавените тарифи на Трамп од 549 милијарди евра. Трговскиот советник на Трамп, Питер Наваро, го критикуваше потегот на ЕУ како неконструктивен и провокативен.
Прв трговски договор на САД со Британија што Вашингтон го цени како успешен
Додека администрацијата на Трамп го прославуваше својот прв трговски „договор“ минатата недела – договор со Велика Британија за дозволување милијарди американски стоки на нејзиниот пазар во замена за пониски царински стапки за одредени производи – едно нешто стана јасно: САД имаат намера да одржат основна царина. Тоа укажува дека земјите ќе бидат оставени да преговараат околу другите, секторски царини што ги воведе Трамп, вклучувајќи ги и давачките од 25 проценти за автомобили, челик и алуминиум, а повеќе за фармацевтски производи, полупроводници, критични минерали и дрва. Комисијата, напротив, гледа поголема флексибилност на основната царина од 10 проценти на Трамп отколку на неговите секторски давачки. Урсула фон дер Лајен, претседателката на ЕК, минатата недела изјави дека би била подготвена да се сретне со Трамп само ако има „конкретен“ трговски пакет за кој може да се преговара. Иако дипломатското замрзнување нагласува колку малку влијание има ЕУ во ставот на Трамп, Брисел сака да го искористи во своја корист – применувајќи пристап на „стратегиско трпение“.
– Ниеден партнер на САД не отишол толку далеку по патот во изнесувањето на своите позиции како ЕУ и, врз таа основа, нема да почнуваме од нула кога Американците ќе бидат подготвени за сериозни разговори – изјави за „Политико“ неименуван висок европски функционер од Брисел. Р.С.