Силно влијание на геополитиката за профилирање на идните кандидати за претседател(ка) на Франција
По враќањето на власт на Доналд Трамп, одолжувањето на војната во Украина и пропаѓањето на примирјето во Појасот Газа, повторно силно притискаат геополитиката и геополитичките поместувања на сценариото за претседателски избори во Франција. „Меѓународната дебата делува само од психоза. Две години пред изборите, кандидатите за Елисејската палата ја интегрираа оваа нова геополитичка ситуација во својата стратегија за освојување на власта, обложувајќи се дека „меѓународните односи ќе бидат клучно прашање во 2027 година“!
1. Габриел Атал
„Геополитичките превирања имаат резонанца во животите на Французите“, анализира Габриел Атал, чиј мандат во Матињон беше прекинат поради распуштањето на собранието. Како пластичен пример за тоа, откако ја напушти премиерската функција, макронистот направи голем број меѓународни патувања. По посетата на Украина, а потоа и на Израел, генералниот секретар на Ренесанса ќе биде примен на 13 мај во Лондон од поранешниот британски премиер Тони Блер. Демонстрација на „политичката тежина“ што ја ужива, се радува неговата придружба, сега зафатена со организирање на следните патувања на Габриел Атал во Ерменија и Потсахарска Африка, каде што Франција го губи влијанието.
2. Жан-Лук Меланшон
Натаму, во истиот контекст, поранешниот шеф на владата не е единствениот што патува низ планетата за да работи на својот меѓународен углед. Користејќи го преводот на својата најнова книга на три јазика, Жан-Лук Меланшон тргна на северноамериканска турнеја, со цел да го донесе „другиот глас на Франција“. По Мексико, каде што се сретна со претседателката Клаудија Шајнбаум, моќникот на левицата отпатува за Квебек и Њујорк. До крајот на мај, бунтовникот ќе ги посети и Италија и Шпанија, каде што би можел да се сретне со потпретседателката на владата Јоланда Дијаз.
3. Марин Ле Пен
„Имањето врски во странство, примањето како кандидат од страна на лидерите… Во случај на избори, сето ова ви овозможува да добиете време“, нагласува Кристијан Лекесн, професор по политички науки. Кон средината на март, Марин Ле Пен беше пречекана како шеф на државата во Чад од претседателот Махамат Идрис Деби. Според нејзината придружба, лидерката на РН се обидува да изгради „дипломатска мрежа“ дизајнирана да ги увери Французите, додека националистичката партија страда од своите минати позиции – близината со Владимир Путин, поддршката за Башар ал-Асад итн.
4. Жордан Бардела
Сепак, во рамките на РН, Марин Ле Пен се соочува со конкуренција од Жордан Бардела. Меѓународните односи се претпоставува дека се „резервиран домејн“ на првите, чија цел останува да стигнат до Елисејската палата, додека вторите се стремат кон Матињон – поделба на улогите што е во тек откако Марин Ле Пен беше осудена на првостепена пресуда за неподобност со привремено извршување. Сепак, во последните месеци, Жордан Бардела не се двоумеше да навлезе на територијата на својот шеф, одејќи во Вашингтон, а потоа во Израел. Според информации на „Фигаро“, тој наскоро ќе се упати кон Египет.
Дали претседателот на РН, чиј недостиг од подготовка беше истакнат за време на предвремените парламентарни избори, се обидува да го надомести изгубеното време во оваа област? „Порано, велевме дека меѓународната политика се учи по претседателските избори. Тоа време е завршено“, забележува Кристоф Бешу, генерален секретар на Хоризонти. За поранешниот министер, „меѓународните тензии создаваат бариера за влез и се залагаат за некој што има искуство на таа тема“.

5. Едуар Филип
Заклучок во корист на кандидатот што тој го поддржува, поранешниот премиер Едуар Филип. Човекот што официјално е во трка за 2027 година ги користи своите должности како градоначалник на Авр и претседател на Меѓународната асоцијација на градови и пристаништа за да патува во странство – Квебек, Флорида, Бразил итн. Кина, каде што се очекува кон крајот на мај, ќе биде неговата следна дестинација. Геополитиката зазема значаен дел од говорот на Едуар Филип, советник по ова прашање на Натали Лоазо, поранешна министерка за европски прашања (која, како што самата изјави, кога била на оваа функција осум часа ги убедувала своите партнери од ЕУ да не даваат зелено светло за преговори со Македонија).
Претседателските кандидати патуваат и активно се консултираат со дипломати и меѓународни експерти
За да ја усовршат својата меѓународна доктрина, кандидатите за Елисејската палата се потпираат на своите разговори со експерти. Во РН, дипломатот Ксавиер Дриенкур е референца. Габриел Атал разговараше со поранешниот амбасадор Жерар Аро, додека Франсоа Руфин редовно се консултира со геополитичарот Паскал Бонифас, според „Л’експрес“. Пратеникот од Сома, кој долго време беше многу дискретен во меѓународните прашања, сега се обидува да го искаже своето мислење на оваа тема. Тој неодамна се сретна со канадскиот амбасадор во Франција.
Но, меѓународниот углед не мора нужно да оди рака под рака со добар резултат на претседателските избори. Градоначалничка на Париз од 2014 година, Ан Идалго, се сретна со голем број шефови на држави, искористувајќи го глобалното влијание на француската престолнина. Тоа не го спречи социјалистот да го добие катастрофалниот резултат од 1,75 отсто во 2022 година. Особено затоа што патувањето во странство носи свои ризици, погрешниот чекор никогаш не бил далеку. Во јануари 2007 година, како кандидатка на претседателските избори, Сеголен Ројал отиде во Кина. Оттогаш остана и изреката на француски јазик што остана запишана во историјата: „Кој оди на Кинескиот ѕид, ја освојува храброста“ (Qui va sur la Grande Muraille conquiert la bravitude).
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Париз