Две години се долг период, многу работи може да се случат, особено во политиката, каде што две години се цела вечност. Додека кандидатите, декларирани или очекувани, за следните претседателски избори се обидуваат да ги постават своите пиони во овој преткампањски период што започнува, претпазливоста останува на дневен ред во сите табори. Бидејќи помеѓу сега и крајниот рок за Елисејската палата, поставен за 2027 година, многу пресврти и непредвидени настани сè уште би можеле да ги измешаат картите – во една или друга насока
Кампања за претседателски избори во Франција, две години пред датумот на избори?!
Пресудата за Марин Ле Пен изречена на крајот на март годинава, која гласеше „забрана/неподобност за да биде избирана“, во случајот „Парламентарни асистенти на европратениците од ФН“ (сега РН), е впечатлива илустрација за феноменот на почеток на кампањата за претседателски избори во Франција. Имено, барометарот за претседателски амбиции почна сѐ побурно да реагира, забележувајќи во јавноста и одредени желби на претседателски кандидати, како и одредени предвидувања на аналитичарите, медиумите и јавноста, за тоа кој би бил наследникот на Емануел Макрон.
Желби и предвидувања за кандидатури за шеф на Француската Република
Овој тренд добро го покажува студијата на Ифоп-Фидусиал за „Ле фигаро“ и Суд Радио: Желбите и предвидувањата за кандидатурата ги мешаат картите две години пред претседателските избори!
Имено, истражувањето тестира два индикатора кај гласачите: желбата и предвидувањето за кандидатурата на околу триесет политички личности – ставки што во никој случај не ги одразуваат намерите за гласање на Французите за 2027 година. Ако суверенистичкиот тандем, составен од Жордан Бардела и Марин Ле Пен, е пофален по првиот критериум за желба (реципрочно 43 отсто и 42 отсто), трикратниот претседателски кандидат значително заостанува по вториот критериум, оној за проекција во иднината. Сега, само половина од испитаниците (53 отсто) предвидуваат дека таа ќе биде кандидатка, што е зачудувачки пад од 21 процентен поен во однос на првиот бран на студијата објавена на почетокот на март. Во исто време, Жордан Бардела, кој на крајот на април одлучи да ја искористи својата предност, дури и ако тоа значеше кршење на табуто за план Б на позицијата РН, се искачува на 69 отсто (+9 поени) од предвидувањето. Дали е ова почеток на крајот на династијата Ле Пен, ќе видиме по одлуките на Апелацискиот суд, кој е под силен политички притисок и може да ја поништи одлуката на првостепениот суд за неподобноста на Ле Пен.
Оваа промена во мислењето е очигледна и кај поддржувачите на РН, кои сега се посклони да размислат за кандидатура за претседател на партијата (89 отсто) отколку за Марин Ле Пен (85 отсто). „Нешто се случи. Линиите значително се поместија: дури и РН станува жариште на неизвесност. Кој ќе ги носи боите на партијата на Жан-Мари Ле Пен“, прашува Фредерик Даби, генерален директор на одделот за мислење на Ифоп. Тој додава: „Меѓу многу Французи се појави сомнеж во врска со Марин Ле Пен, дури и ако ова чувство е малку помалку споделено во рамките на РН. Во секој случај, Жордан Бардела би можел да се појави во текот на месеците како природен кандидат за неговиот табор“.
Како е во таборот на Макрон?
Во претседателскиот табор, кај Макрон, пак, луѓето почнуваат да стануваат немирни. На пример, Едуар Филип (првиот премиер на Макрон) – кој доби предност пред своите конкуренти со тоа што многу рано ја објави својата кандидатура – е фаворит. Во еден невиден политички контекст, каде што минатогодишните парламентарни избори доведоа до Собрание со недостижно мнозинство, стратегијата на медиумска дискреција на градоначалникот на Ле Авр се чини дека дава плод. За поранешниот премиер, сите светла се зелени: 41 отсто (+3) од Французите сакаат тој да биде кандидат во 2027 година, 63 отсто (+5) мислат дека навистина ќе биде. Знак за силната поддршка на лидерот на партијата Хоризонти меѓу гласачите на Макрон е тоа што 89 отсто од гласачите во претседателското мнозинство се надеваат дека тој ќе ја претставува нивната партија.
Во рамките на „заедничката база“, владината коалиција меѓу ЛР (поранешните неоголисти) и макронистите, друга фигура би можела да игра улога на расипувач: Бруно Ретајо. Присутен на сите фронтови од неговото пристигнување како министер за внатрешни работи минатиот септември, тој, слично како и Саркози кога беше на истата функција, постепено изгради претседателски углед во јавноста, до тој степен што 35 отсто (+2) од Французите сакаат тој да биде кандидат, а 46 отсто (=) очекуваат негово влегување на изборната арена. Тежок удар за неговиот ривал во битката за претседател на републиканците Лоран Вокиез, чија кандидатура привлекува само 21 отсто (+1) од испитаниците. Ова е знак на надеж за Ретајо, кој успеа да се наметне, дури и да ги престигне одредените тешкаши во централниот блок. Така, Габриел Атал, кој отворено работи на својот план за борба за 2027 година, и Жералд Дарманин, кој повеќе не ги крие своите намери, одржуваат значително ниво – 34 отсто (+1) од анкетираните сакаат генералниот секретар на Ренесанса да биде кандидат, 28 отсто (=) министерот за правда.
Конечно, од левата страна, Рафаел Глуксман напредува (28 отсто од гласовите, +1; 40 отсто од предвидувањата (+5), пред комунистот Фабиен Русел и поранешниот член на Бунтовна Франција, Франсоа Руфин, кои исто така јасно напредуваат. Во социјалдемократското семејство, ЕУ-пратеникот Глуксман, кој е и претседателот на Јавниот плоштад (движење), дури ги надминува и Франсоа Оланд или Бернар Казнев според двата критериума на студијата. Жан-Лук Меланшон, од своја страна, одржува двосмислен однос со јавното мислење. Иако е една од најотфрланите фигури меѓу Французите (84 отсто не сакаат да биде кандидат), лидерот на Бунтовна Франција останува неопходен: 53 отсто (+2) го предвидуваат неговото присуство на стартната линија. „Сè уште постои проблем со понудата кај левицата, никој од левицата нема мнозинство меѓу Французите“, анализира Фредерик Даби. Политичката криза е тука.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Париз