Стефан Маневски, Без наслов, 1981, обоен метал

По завршување на јубилејната изложба – 90 години од раѓањето на уметникот

Во просториите на Даутпашиниот амам на Националната галерија во Скопје, а по повод одбележувањето на 90-годишнината од раѓањето на македонскиот скулптор Стефан Маневски (1934-1997), беше поставена изложба што опфати широк преглед на неговиот творечки опус (од првата половина на 1960-тите до средината на 1990-тите). Заминувајќи од овој свет, на релативно млада – 62-годишна возраст, се чини дека Маневски имал недоискажани ликовни антиципации, јасна и концентрирана визија за развојот на современите аспекти на скулптурата во нејзиното исчекорување од доцниот модернизам. Завршувањето на додипломските и постдипломските студии на белградската Академија (1956-1963) и неговото враќање во Скопје значат и почеток на неговата уметничка кариера. Член на Друштвото за ликовни уметници (од 1963) стипендист во Париз (1971), добитник на неколку значајни награди за скулптура и ликовен педагог на Факултетот за ликовни уметности во период од речиси две декади (1980-1997), Стефан Маневски активно учествувал во поставувањето на темелите на современата скулптура на овие простори. Неговото творештво на оваа изложба е синтетизирано преку творечките циклуси од 1963 до 1993 година, преку работата во медиумот на скулптурата и на отпечатокот.
Студиозно и посветено, Стефан Маневски ја обликува скулптурата во манирот на асоцијативната форма, минималистичката геометризација, оп-скулптурата, лежечката форма, употребувајќи гипс, метал, различни видови железо, одливки во бронза. Елоквентноста на неговиот поетички пристап лежи во истражувањето на медиумот преку совладувањето на материјалот, работата со индустриски материјали, заварувањето како постапка и обојувањето на металот.
Една од најраните скулптури „Фигура која седи“ (1963) покажува тенденција за напуштање на фигуралниот израз. Гипсените скулптури „Калина“ (1964) и „Јужна ѕвезда“ (1965) поседуваат особена моделарска вредност, едната фигурална со сугестивно-антиципирани антропоморфни или тотемски карактеристики блиски до оние од древните култури, другата со навестувачко присуство на зракастото моделирање, присутно во следната фаза (втора половина на 1960-тите). Фронтализираниот и нагласено вертикален и издолжен облик ќе се задржи во неговата скулптура сѐ до циклусите на оптичка и колористичка игра (1980-тите) и последната кога го отвора и ослободува обликот (раните 1990-ти). Скулптурите во метал „Композиција“ (1966), „Цутење“ (1966/1967) и „Плошна скулптура“ (1968) ги содржат основните карактеристики на неговите подоцнежни монументални остварувања во метал, реализирани во поголеми пропорции. На оваа група ѝ припаѓаат „Морбидно јадро“ и „Неисправен механизам“ (двете од 1966/1967), „Миг на времето“ (1966), „Крилеста скулптура“, „Јадро што зрачи“, „Без наслов“ (трите од 1968). Ова се еден вид асамблажни скулптури изработени со заварување елементи од хемиски необработен, но обликуван метал (плошни и лентовидни фрагменти) и најдени објекти (ѕвонче, механизам од часовник, запчаници). Почнувајќи од преодната „Скулптура I“ (1970), циклусот дела именувани „Скулптура“ (II, VII, XII, од 1970 до 1973) се обликувани во правоаголни, кутиести структури, обележувајќи ја преодната фаза од зракастиот кон компактниот облик. Конфронтирајќи ги мазната и рапавата површина, структурното влегување во длабочина е пандан на еволуцијата на објектите и сликата-објект (Калчевски, Шијак), на што и самиот Маневски дава одговор преку делото од обоен метал и панел – „Релјеф во црвено“ (1979).

Од друга страна, шестата декада во одминување е фазата на енформелот на овие простори, така што потребата да се нагласат материјата и густината на изразот (песочен изглед) неминовно се одразува и во скулптурата на Маневски од првата половина на 1970-тите. Во следната декада, развивајќи самостоечки дела и серија ситна пластика „Силуети“ (1982), се пристапува кон решавање на концептите екстатичност и рамнотежа. Играта со оптичкото започнува во 1970-тите (наслојување на хоризонтални кружни дискови во внатрешноста на набраздениот облик), за да добие полн израз во следната декада, кога Маневски пристапува кон геометрискиот облик, циклус дела изработени во боен метал (Скулптура XI, Сребрена структура, 1980, без наслов, 1981, Светлосен информатор 2, 1984, Скулптура Т-5-II/84, 1984). Извитканите плошно-линеарни елементи од метал, поставени брановидно и во ритмички образец (дијагонално, хоризонтално), се судираат со мазните или, пак, лелеави површини обоен метал (црвен, син), допирајќи се до рапавите површини со неизгладена структура на заварувањето. Трите обработки се комплементарни во својата спротивност. Структурите во извиткан образец создаваат оптички динамичен впечаток преку односите светло-сенка, преку разминувањето на патеките на глатката и необоена површина, креирајќи пластични сензации со особена ликовна вредност. Постаментите се конститутивни во вкупната композиција, како кај Бранкуши, само што кај Маневски тие се изработени од истиот материјал. За соодносот на облиците и материјалот, Викторија Васева-Димеска ќе запише: „Студениот допир на металот, Маневски го претвори во поетична игра на убедливата илузија за нивната топлина, статичноста ја кршеше со енформелскиот неред на разбиената форма или со брановидното јадро на уредно испреплетени ленти…“
Делата во сито-печат изведени во хроматски валери („Насочени движења“, 1989) ја следат еволуцијата на пластичната структура, артикулирајќи го соодносот на обликуваниот елемент и просторот. Во циклусот „Биљанино“ (1990/1993), пристапот е кон ослободување на елементот на „движењето“ во самостојна, обоена форма, изведена низ експресионистички замав како сингуларен елемент што се стреми кон различни правци. Реализирани во различни декади, делата „Скулптура Б“ и „Скулптура за урбан простор 2“ (двете од 1990/1993), „Силуети“ (1981), поседуваат заеднички карактеристики на легната и отворена форма.
Работејќи со графит и туш на хартија, во комбинирана техника (колаж и цртеж), Маневски негува смирена колористичка палета во топли и комплементарни земјени тонови, акцентирајќи одредени партии и линеарни нагласки во црна и бела, црвеникава и окераста хроматска палета.

Работата во дводимензионалниот медиум е во сооднос со ликовните остварувања во медиумот на скулптурата, односно она што се пројавува како облик, тема, мотив и содржина во отпечатоците, цртежите и колажите има свој еквивалент како опросторена и отелотворена ликовна целина во скулптурата. Композициски, дел од елементите во дводимензионалните медиуми ја опфаќа скулптурата како мотив, на пр. „Скулптура во пејзаж“ (1966), додека „Завеани траги“ или пак „Скриен белег“ (двете од 1966) навестуваат една лирска и асоцијативна димензија на ликовниот гест.

Постземјотресното Скопје е тема на неговото ликовно дело „Град што догорува“ (1964). Делата со подвлечена знаковност и асоцијативност („Јужна ѕвезда“, „Без наслов“, „Исполнет круг“, трите од 1966), изработени во комбинирана техника, несомнено покажуваат стремеж кон експерименталното и навлегување во доменот на медиумската трансгресија. Во овие примери се согледува смелото јукстапонирање на повеќе слоеви хартиени исечоци, индивидуално цртачки обработени и композициски синхронизирани во целината, која можеби самосвојствено поседува некакви дадаистички обележја. Постапката на додавање и натслојување на различни елементи применета во дводимензионалниот медиум се манифестира и во скулптуралните структури. Употребата на неконвенционална хартиена техника – туш-бајц во делата „Без наслов“ и „Пред судирот“ (од 1966) оддава впечаток на лазурност и особена графичка вредност во композициите, едната заснована на линеарни соодноси на фрагментираните и хоризонтални делови, другата наликува на графити и делумно калиграфско испишување на апстрактните мотиви.

Натали Рајчиновска-Павлеска