Песни што ме тераат да играм

Триесет и четири години трае кариерата на „Паркети“ и затоа концертот на 26 април во МКЦ траеше 204 минути или 3 часа и 24 минути (за секои десет години по еден час). А таму на таа сцена, горе по скалите во Големата сала во МКЦ, ерупција на вулкан со излеана лава што ги поплавува сите. Небаре „Рамонес“ (кои, патем, одамна не постојат) свират во Скопје. Од едната страна ја имаат својата мешана публика, млади, во средни години, стари, полна сала различни ликови, но сите споени со една мисија – да ги видат нив, најквалитетните рокери-панкери во Македонија. Од другата страна се тие – „Паркети“ (рок-панк-гараж бенд од Битола што датира од 1991 година), кои не калкулираат со никого и со ништо, бескомпромисни, си тераат по свое, се тркалаат како 20-годишници.
Првиот албум го снимија во 1996 година и е именуван „Грижа на совеста“, а вториот – „Газирана хармонија“ беше снимен во 1998 година и на него бендот има различен состав, односно на местото на Сашо Паркет – вокалист е неговиот брат. Сашо се враќа во бендот на почетокот на новиот милениум. Во дискографијата на „Паркети“ се и албуми како „Но тинкејшн (1992-2002)“, „Тајната на името“, „Мамо, не му кажвај на тато“, „Република Франкенштајн“, „Parketi“, „Treinta Putos Años“…
И ете ги на сцената Сашо, Симс, Зоки и Ристе, две гитари, бас, тапани и вокал, прават таква какофонија на звуци како да се дваесетина на сцена, иако имаше моменти кога и навистина беа дваесетмина на бината, претставници на она што претставуваше антиестаблишмент во македонската рок-музика. Тоа се оние донекаде афирмирани, но недоволно рекламирани, оние што секогаш беа при врвот, но никогаш највисоко, оние што оставија помал или поголем белег, како Зоки Агресор, Д-Далтонс, Александар Ристовски-Принц, Сецко, оној од Чоканче… како и некои поранешни членови на „Паркети“. Она што може само да се замисли, одеднаш стана јаве. „Паркети“ пееја сигурно, свиреа жестоко. Саше со русата коса беше вистински импресарио, шоумен, а Симс, кој во одредени моменти глумеше кип (статуа), заедно со басистот и тапанарот, беше во полн елемент. И се редеа: „Бенг, бенг“ (обработка, и тоа каква, на оригиналот на Сони и Шер), „Strawbery“, „Сакам да те галам“, „Месечина“, „Кафени џуџиња“, „Шеќерна“, „Јас те галам тебе“, „Порно бонџорно“, „Куртоазија“, „Динг-донг“ (песните на Зоки Агресор), какво количество на квалитетна певлива музика. Заедничко уживање и на публиката и на музичарите.
„Паркети“ се едни од ретките со таков асортиман на песни на кои публиката пее, скока, едноставно ужива, а тие летаат, спасувајќи ги македонските души, баш онака како што Супермен лета над планетата, спасувајќи сѐ што може да се спаси. Штета, голема штета што немаат менаџер што ќе ги турка, иако не е доцна за големи работи, сѐ уште се витални и можат да прават турнеи на поголеми простори. Ако на нешто би сакал да присуствувам, тоа секако би било турнеја на „Партибрејкерси“ или „Психомодо поп“, а како предгрупа – „Паркети“. Чудни се патишта божји, ништо чудно и тоа да се случи!

Љупчо Давчев