Европските лидери инсистираат на Специјален трибунал / Фото: ЕПА

Во целата ситуација, при форматирањето на проектот за формирање „специјален трибунал“ од страна на бриселските елити, многу е индикативна несиметричноста на пристапот при формирањето и форматирањето на трибуналниот систем, велат наши соговорници, бидејќи информациите за едностраниот ангажман на партиципиентите во проектот го прават непоимливо едностран. На пример, според информациите во јавноста, „веќе има акумулирано многу значително количество докази против неколку високи руски функционери“… Тоа го открива изјава еден висок европски функционер, при што за сите обвинети како некој „ексклузивитет“ напред се користи одредницата – руски (?!)

ЕВРОПЕЈЦИТЕ ФОРМИРААТ СПЕЦИЈАЛЕН ТРИБУНАЛ ЗА СУДЕЊЕ НА РУСКИТЕ ФУНКЦИОНЕРИ И ВОЕНИ ЛИЦА ЗАРАДИ ВОЈНАТА ВО УКРАИНА

Во петокот (9 мај) министрите за надворешни работи од околу четириесет земји, меѓу кои и претставници на Европската Унија, се состанаа во градот Лавов, во западна Украина, за да го поддржат процесот на создавање специјален трибунал, како што тие би го нарекле, чија цел ќе биде „судење на рускиот криминал врз Украина“. За потсетување, оваа идеја беше напуштена од американската администрација по доаѓањето на Трамп, но кај некои земји, вклучувајќи ги и актуелните европски елити од Брисел, оваа идеја остана, при што деновиве почна нејзина операционализација.
– Овој трибунал ќе обезбеди оние што се најодговорни за агресијата врз Украина да бидат изведени пред лицето на правдата – изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, заедно со украинскиот премиер Денис Шмихал.

Специјалниот европски суд беше подготвен со серија од 14 состаноци во текот на повеќе од две години

– Меѓународниот кривичен суд може да гони воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, но може да гони само злосторство – агресија против држава што е членка на Судот или ако е упатена до него од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации. Русија не го признава Меѓународниот кривичен суд и има право на вето во Советот за безбедност -објаснува Аариф Абрахам, британски адвокат што ја советува украинската влада.
За да се пополни оваа правна празнина, европските бриселски елити преземаат мерки за создавање т.н. специјален суд. Тој беше подготвен преку серија од 14 состаноци во текот на повеќе од две години, во кои учествуваа околу четириесет држави, со цел „да се воспостават неговите правни основи“.
Во тие активности активно учествуваа повеќето од земјите од ЕУ, со исклучок на Унгарија и Словачка, а учествуваа и земјите од Г7.
Исто така, за издвојување е дека Соединетите Американски Држави, беа поддржувач на овој „специјален“ проект за време на администрацијата на Бајден, но Вашингтон промптно се повлече откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа.

Хаг, седиштето на Меѓународниот кривичен суд, аплицираше да биде домаќин
на новиот „специјален суд“

Се очекува создавањето на специјалниот трибунал да биде ратификувано на 14 мај во Луксембург, на состанок на Комитетот на министрите на Советот на Европа, што ќе му ја обезбеди институционалната инфраструктура. Но, сепак, функционирањето на новиот трибунал не се очекува до следната година. Хаг, седиштето на Меѓународниот кривичен суд, аплицираше да биде негов домаќин. Во меѓувреме „Еврожуст“ формира специјален тим од истражители и обвинители, поддржан од шест европски држави и Украина, Меѓународниот центар за гонење кривично дело агресија против Украина (ICPA).
Во целата ситуација многу е индикативна несиметричноста на пристапот при формирањето и форматирањето на трибуналниот систем, бидејќи информациите за едностраниот ангажман на партиципиентите во проектот го прават непоимливо едностран. На пример, според информациите во јавноста, „веќе има акумулирано многу значително количество докази против неколку високи руски функционери“, што се открива во изјава на еден висок европски функционер. Овие елементи ќе му бидат префрлени на судот кога ќе се формира. Доброволните држави ќе можат да учествуваат во процесот и да го преземат својот дел од оперативните трошоци… Интересна теза на Брисел е и дека „целта на специјалниот трибунал е да ги утврди одговорностите на мал број лидери – дваесет или триесет – во кривичното дело агресија, употребата на вооружена сила против суверенитетот и интегритетот на една земја“.
Наводно, затоа се суди за оние што се одговорни за оваа „агресија“, а не за сторителите на воени злосторства евентуално извршени по воените операции. Брисел притоа истакнува уште еден свој проблем, а тоа според нив е што „тројцата највисоки функционери во Русија, претседателот Путин, премиерот Михаил Мишустин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, уживаат имунитет додека се на функција“.
Само Советот за безбедност на ОН би можел да го укине тој имунитет, што е навистина неверојатно да се случи.
Од друга страна, пак, руските команданти и генерали – може да бидат гонети. Тие се соочуваат со доживотен затвор доколку се докаже кривичното дело агресија или максимум 30 години. Можни се и конфискација на нивниот имот и казни.
Според европските медиуми, сите овие одземени средства (од конфискација на нивниот имот итн.) потоа би биле префрлени во т.н. Фонд за компензација во корист на Украина, за финансирање на нејзината реконструкција. Згора на сево ова, Брисел зборува дека обвинетиот може да биде гонет и од Меѓународниот кривичен суд за воени злосторства, пред да биде префрлен на понатамошно судење пред специјалниот трибунал за злосторството агресија.

Тони Гламчевски, наш дописник од Франција