Сè уште можете да забележите дека главно западни медиуми ѝ ги даваат информациите на глобалната публика. Тие суштински доминираат при обликувањето на јавното мислење. Доминацијата на западните медиуми има влијание врз Кина, но не само врз неа туку и врз други држави, особено од Глобалниот Југ, бидејќи нивните гласови не можат да бидат слушнати од глобалната публика, односно од онаа на Западот, вели професорката Жанг Ли од Школата за новинарство и комуникации при престижниот универзитет „Цинхуа“ во Пекинг, додавајќи оти јавноста во Кина, како и во целиот свет, сака да слушне различни мислења за актуелни прашања од повеќе области
Професорката Жанг Ли за улогата на медиумите во меѓународните односи и во креирањето на јавното мислење
Статусот на западните медиуми како примарен извор на информации за светската јавност влијае врз обликувањето на јавното мислење во глобални рамки, правејќи потешко да се пробиваат информациите од други извори до јавноста, и покрај потребата да се слушнат различни мислења за актуелни прашања. Ова е заклучок на професорката Жанг Ли од Школата за новинарство и комуникации при престижниот универзитет „Цинхуа“ во Пекинг, која се обиде да ги објасни разликите при работењето на западните и кинеските медиуми, како и нивната достапност и моментална репутација.
– Сè уште можете да забележите дека главно западни медиуми ѝ ги даваат информациите на глобалната публика. Тие суштински доминираат при обликувањето на јавното мислење. Доминацијата на западните медиуми има влијание врз Кина, но не само врз неа туку и врз други држави, особено од Глобалниот Југ, бидејќи нивните гласови не можат да бидат слушнати од глобалната публика, односно од онаа на Западот. Луѓето од Западот сакаат да примаат информации само од западните медиуми, што значи дека има информации што во голема мера не ја рефлектираат целосната вистина за одредени прашања, како на пример за тарифите. Но тие ги слушаат само гласовите од Западот, додека оние од Глобалниот Југ не можат да бидат слушнати. Ако тие гласови од Глобалниот Југ не можат да бидат слушнати, мислам дека глобалното управување не може да биде успешно – вели професорката Ли.
Кинеските медиуми, според професорката Ли, имаат широк опсег на автономно известување.
– Јавноста во Кина, како и во целиот свет, сака да слушне различни мислења за актуелни прашања од повеќе области. Секогаш велам дека медиумите во Кина уживаат во широк опсег на автономно известување и сакаат да понудат различни гласови за глобалните прашања до публиката низ светот. А тоа значи дека медиумите играат улога во давање различни гласови за публиката надвор од Кина, како и за онаа во државата – нагласува професорката Ли.
Жителите на Кина имаат можност да ги следат западните медиуми, а го насочуваат вниманието и кон медиуми од Африка, како и од други делови на светот за информирање од различни извори.
– Луѓето во Кина можат да ги следат западните медиуми и понекогаш тие можат да влијаат за начинот на кој публиката размислува за одредено прашање. Но луѓето сѐ уште имаат свој начин на размислување и знаат дека е потребно да слушнат различни мислења, не само од американските и западните медиуми туку и од оние од други страни на светот. Понекогаш се насочуваат кон медиуми од Африка или од други делови од светот. Со социјалните мрежи, можат да бидат слушнати различни гласови, ако публиката сака избалансирано мислење – наведува професорката Жанг Ли.
Професорката ја посочи кинеската телевизија Си-џи-ти-ен како пример за достапноста на кинеските медиуми во странство, напоменувајќи дека таа е достапна низ светот, но дека од странската публика зависи дали ќе биде отворена за нејзините содржини.
– Може да се каже дека, на пример, Си-џи-ти-ен е достапна во повеќе од 90 отсто од државите во светот. Сигналот стигнува и до земјите чии ставови се разликуваат од оние на Кина, но прашање е кој е начинот на кој гласот на Си-џи-ти-ен ќе биде слушнат во тие држави и дали луѓето навистина ќе го вклучат овој канал за да слушнат што има да каже. Мислам дека сѐ уште претстои долг пат за кинеските медиуми во нивниот напор за глобална покриеност – заклучува професорката Ли.
Потребата за поголема достапност до различни мислења во светската јавност понекогаш се става во втор план, со засилување на конкуренцијата на глобалната медиумска сцена, изразена преку спротивставените наративи во медиумите.
Историската кинеско-американска телевизиска дебата послужи за размена на мислења
Проф. Ли: Важно е кинескиот глас да биде слушнат за да може да известува за важни прашања
Новинарки од Кина и од САД за првпат имаа дискусија во телевизиска програма емитувана во живо во 2019 година, кога Лиу Син од Си-џи-ти-ен гостуваше во информативна емисија на нејзината колешка Триш Реган од Фокс њуз. Тие во текот на телевизиската дебата разговараа за трговијата и тарифите меѓу другите актуелни прашања. Професорката Жанг Ли ја посочи ваквата интеракција како важен пример за достапноста на мислењето на кинеските медиуми до западната јавност.
– Во минатото немаше соработка помеѓу кинеските и западните медиуми, па се свртевме кон социјалните мрежи, преку кои остваривме еден вид ваква дискусија. Мислам дека ова е важно за луѓето. За американските домаќинства да можат да слушнат што вели новинарка на Си-џи-ти-ен. Затоа велиме дека ваквата програма е важна, не само за Кина туку и за државите од Глобалниот Југ и за публиката низ светот. Важно е кинескиот глас да биде слушнат, за да може да известува за важни прашања, не само до кинеската туку и до глобалната публика. Така кинеската перспектива за одредено прашање може да биде слушната од публиката во светот, а не само западните гласови – објаснува професорката. М.Ж.
Треба да се следи што вели и прави Трамп, трговската војна не е добра за никого
Професорката Жанг Ли се осврна и на трговската војна со САД, нагласувајќи ја потребата да се следат потезите на американскиот претседател Доналд Трамп.
– Администрацијата на Трамп често усвојува различни политики и тие понекогаш не се конзистентни. Мислам дека сега треба да следиме што вели Трамп на дневна основа, односно што тој всушност прави. И мислам дека двете страни можат да имаат добри преговори бидејќи трговската војна не е добра за народот, ниту за кинескиот ниту за американскиот – наведува професорката Жанг Ли.
Милко Живковиќ, наш известувач од Пекинг