Според мене, физичката пристапност и менувањето на генералното мислење дека луѓето со инвалидитет немаат способности се многу важни. Параолимпискиот спорт е базиран на принципот важно е што можеш да направиш, а не што не можеш да направиш. Ова е комплетно различен начин на гледање на спортот, на таков начин и се класифицираат спортистите, вели Блондел во интервју за „Нова Македонија“
ИНТЕРВЈУ: РАЈМОН БЛОНДЕЛ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕВРОПСКИОТ ПАРАОЛИМПИСКИ КОМИТЕТ
Претседателот на Европскиот параолимписки комитет (ЕПЦ), Холанѓанецот Рајмон Блондел, неодамна беше во посета на Македонскиот параолимписки комитет (МПОК), каде што се сретна со претседателот Бранимир Јовановски, со цел да се информира за работата на нашите комитети и предизвиците со кои се соочуваат при вклучување на младите лица со инвалидитет во параолимпизмот, начинот на финансирање на комитетот и здружените членки, организацијата и спроведувањето на активностите и спортските натпревари. Притоа тој оствари средба и со министерот за спорт Борко Ристовски и со претседателот на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Даниел Димевски. Блондел, кој во младоста активно се занимавал со алпско скијање и бил редовен учесник на многу скијачки натпревари, е избран за претседател на ЕПЦ во 2021 година, на местото на Хрватот Ратко Ковачиќ. Доволна причина за интервју.
Дали е ова прва ваша посета на Македонија, како ви се допаѓа градот Скопје и која е целта на вашата посета?
– Благодарам за можноста што ми ја дадовте за ова интервју. Првпат сум во Македонија и во Скопје. Целта на мојата посета е подобро поврзување на Европскиот параолимписки комитет (ЕПЦ) со една од нејзините членки, ПОК на Македонија. Пречекот беше топол, бев многу добредојден. Досега направивме само мала прошетка низ градот и ми се допадна тоа што го видов и што добив малку повеќе информации за историјата на градот. Навистина е фасцинирачки и инспиративно да се види родното место на Мајка Тереза.
Во текот на посетата се сретнавте и разговаравте со министерот за спорт Борко Ристовски, како и со претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски. Задоволен ли сте од тоа што го слушнавте?
– Да, навистина имавме многу пријатна дискусија со министерот за спорт. Добро е да се зборува заедно за стратегијата за развој на спортот во земјава. Во согласност со мојата улога како претседател на ЕПЦ, веќе посетив многу земји и разговарав со многу министри и како тие ги воспоставуваат нивните одредби, стратегии, која им е целта, како соработуваат со други министри. Добро е да се види поранешен врвен ракометен голман да стане министер за спорт и тоа е многу позитивен знак. Во малку земји може да се види како врвни спортисти што биле на високо спортско ниво доаѓаат на позицијата министер за спорт. Исто така препознавам дека ова не е само обврска на министерот за спорт туку на сите министри, заедно. Да се согледа важноста на спортот како средство за развој на социјалната инклузија, вклученост, како и за развој на поздрава популација и борба против дебелењето кај младата популација. Така што на многу начини спортот е многу важен елемент и за вклучување луѓе со инвалидитет во самото општество. Спортот е ултимативно средство за вклучување на луѓето со инвалидитет, за да им се даде шанса да учествуваат, да дојдат во спортските објекти, во салите, игралиштата. Имавме многу добра дискусија со министерот, кој беше многу позитивен, каков е неговиот сон, како го гледа спортот во иднина. Со претседателот на МОК имавме дијалог полн со енергија, кој беше фокусиран на големиот настан што доаѓа летово, а тоа е европскиот младински олимписки фестивал „ЕМОФ Скопје 2025“. Фантастично е и заслужува голем комплимент за начинот на кој е сѐ организирано, да се види колку е веќе направено на осумдесетина дена пред почетокот и тоа заслужува голем комплимент за Македонија. Повеќе од 4.000 учесници ќе се натпреваруваат на „ЕМОФ Скопје 2025“. Сето ова, пак, ме доведува до тоа дека вакво искуство е многу корисно за сите идни параолимписки настани и ние како ЕПЦ организираме параигри за млади, кои се сличен настан како „ЕМОФ Скопје 2025“ но за деца со инвалидитет. Едно вакво искуство мора да е многу корисно за во иднина да се организира сличен настан за деца со инвалидитет.
Што треба да се стори за спортистите со инвалидитет уште повеќе да напредуваат на спортски план, да добијат соодветни услови за тренинг и спортски настапи?
– Според мене, пристап до спортот и спортските објекти е најважното нешто. Тука почнува сѐ, а се мисли пристап на два начина. Физички пристап до спортските објекти, да има и рампа за колички, а не само скали. Ова е едниот дел, а другиот дел е менталната пристапност. Младо дете со инвалидитет не треба да чувствува дека нешто е невозможно за него во спортот, туку треба да чувствува дека сѐ е можно со способностите што ги поседува. Според мене, физичката пристапност и менувањето на генералното мислење дека луѓето со инвалидитет немаат способност се многу важни. Параолимпискиот спорт е базиран на принципот важно е што можеш да направиш, а не што не можеш да направиш. Тоа е комплетно различен начин на гледање на спортот, на таков начин и се класифицираат спортистите. За тоа треба повеќе време, ни требаат позитивни примери во општеството, лидери, министри, да се промени мислењето и потоа да се овозможат услови за да се појде до салите, до стадионите, стрелиштата не само преку скали, туку да имаат можност и луѓето со колички да влезат. Тоа е неопходно за развој на спортот кај младите со инвалидитет, а со тоа да станат посигурни, понезависни и поздрави.
Колку сте задоволен со финансиската поддршка што ја добива Параолимпискиот комитет на Македонија. Дали таа ја задоволува потребата или треба многу повеќе?
– Не е на мене да судам за тоа колку пари се даваат, но, генерално, а ова важи и за МПОК, никогаш нема доволно пари. Ако сакаме да има пристапна инфраструктура, мора да се инвестира, ако сакаме да има можност да се отиде на некој спортски настан, тоа има своја цена. Ако сакаме да имаме протези, ортози, кои понекогаш се многу скапи. Ако сакаме атлетичар да има спортска протеза за трчање, таа е многу скапа. Парите секогаш се вклучени и никогаш немаме доволно. Но парите вложени во параспортот за мене не се трошок туку инвестиција во општеството во нова генерација. Со поголема самодоверба, самостојност, независност, социјално и физички поздрави, секако ќе можат и повеќе да придонесат во општеството, ќе можат да работат. За мене тоа е инвестиција и никогаш нема да има доволно пари, затоа не би сакал да судам во моментот дали се даваат доволно пари, но секако треба да има повеќе.
Кај нас летово ќе се одржи „ЕМОФ Скопје 2025“, а во Истанбул (Турција) ќе се одржат Европски младински параолимписки игри (ЕПЈГ). Дали бевте таму и како се одвиваат подготовките?
– Да, бев. Подготовките се одвиваат со полна брзина, боралиштата, како и сместувачките капацитети, се подготвуваат, има уште многу работи да се завршат, но имам доверба. Во нив нудиме спортска програма во многу различни спортови, но исто така нудиме и програма што е едукативна за антидопинг, за ферплеј, за борба против дискриминација. Оваа програма е многу значајна за младите што можеби во иднина ќе се натпреваруваат на параолимписки игри, да им се даде оваа едукација за да станат покомплетни и подобри натпреварувачи. За многу од нив ова е прво сериозно меѓународно натпреварување и најверојатно ќе се натпреваруваат со идни учесници на параолимписки игри и треба да почувствуваат што е тоа фер спортско натпреварување. Затоа и има едукациски дел. За разлика од „ЕМОФ Скопје 2025“, каде што фокусот е на 14 спорта, во Истанбул ќе има и едукациски дел.
Кога истекува вашата претседателска функција, дали ќе се кадидирате повторно и каква програма притоа ќе презентирате?
– Да, ќе се кандидирам повторно. Мојата претседателска функција завршува на крајот на август годинава. Бев избран во 2021 година и ова ми е четврта година. За мене е важно да имаме долгорочен циклус на натпревари. Значи на секои четири години Европски параолимписки игри за млади, на секои четири години комбинирани европски шампионати, како елитни спортски натпревари, каде што 10-14 спорта ќе бидат организирани заедно. Сето тоа е во лето. Но не е лошо да направиме и зимска верзија. Затоа, сон ми е да воспоставам европски првенства во зимски параспортови (биатлон, сноубординг, алпско и нордиско скијање), кои би се одржувале на секои четири години, што не е толку лесно изводливо. За многу европски земји, зимскиот параспорт е многу значаен. На источните европски земји, скандинавските, како и на земјите од Алпскиот Регион, како Австрија, Словенија, Италија, Швајцарија, па и Хрватска, зимските спортови им се важни.
Ваша препорака до македонските спортисти со инвалидитет како стимул, за да почнат што повеќе да се занимаваат со спорт?
– Немојте да мислите во рамките на ограничувањата, дека нешто е невозможно. Суштината е во можностите, а не во ограничувањата. Тоа го гледам често кај младите деца со инвалидитет. Кај родителите на деца со инвалидитет што се многу заштитнички настроени, тоа е нормално, но кога тоа преминува во претерано заштитничко однесување, во смисла на тоа дека ова не можеш да го направиш и ова е многу тешко за тебе, не е добро. Според мене, треба да е обратно, да му се каже на детето дека можеби може да го направи тоа ако проба. Природно е да ги заштитуваш, но треба и да ги предизвикуваш да пробаат, оти кога ќе видат некој спортист со инвалидитет дека успеал нешто треба да размислат дека и тие можат и треба да пробаат. Кога ќе видите личности со инвалидитет, немојте само да ги сожалувате, туку кажете им дека имаат други способности и можности. На пример, можат да играат кошарка во количка, стрелаштво, да трчаат со протеза, можеби имаат ампутација на рака, но може да играат пинг-понг. Сигурен сум дека кога ќе пробаат, ќе израснат во посилни личности, посигурни во себе и ќе станат многу понезависни.
Колку сте задоволен од македонското гостопримство?
– Гостопримството е навистина големо и се чувствувам многу добредојден. Добив покана од Димевски да присуствувам на отварањето на „ЕМОФ 2025“. Ќе направам напор да одговорам на поканата и повторно да ја посетам Македонија.