- Нашите соговорници, професори и дипломати укажуваат дека не може да се исклучи религијата од надворешната политика, бидејќи духовноста и конфесијата се поврзани и со човековите права, поврзани се со многу работи што во основа ги детерминираат меѓународните односи во последниве децении. Размислувањата за Ватикан се дека се работи за еден историски континуитет на колосална улога во светската политика, затоа што моќта на Ватикан е голема, велат соговорниците и додаваат дека можеби таа улога нема да биде видлива во јавниот простор на она дипломатско дејствување, но надвор од јавниот простор, влијанието е исклучително големо, па дури и во европските интегративни процеси, кои се исклучително важни во Македонија…
- Несомнено, постоењето на т.н. верска дипломатија јасно потврдува дека има и други алтернативни начини преку кои може да се дојде до посакуваната цел. Македонија во минатото имаше такви искуства, кога благодарение токму на таквиот вид дипломатија инспирирана од одредени отворени конфесионални канали на комуникација, се овозможи остварување на македонско-американски контакти на највисоко ниво на шефови на држави, во моменти кога тоа беше од исклучителна важност за земјава. Линијата помеѓу секуларноста и религијата не е толку јасно изразена, туку има интерференција секаде онаму каде што тоа може да значи реализација на одредени интереси, особено интереси на некој послаб и помал државен ентитет, чија нација е под одредена идентитетска пресија, тврдат наши соговорници, експерти од странство
Секоја земја во намерата да ги оствари сопствените интереси ги користи сите расположливи институционални алатки за да ја постигне својата цел, а притоа, покрај класичната дипломатија, се користат и други канали низ кои се одвива една поинаква дипломатска активност, која во многу случаи решавала конфликти, затворала отворени прашања или, пак, спречувала поголеми ескалации насекаде низ светот.
Таа улога со децении ја има таканаречената верска дипломатија, или дипломатија што преку универзални вредносни принципи во конфесионален или духовен контекст се обидува да воспостави мостови на соработка меѓу државите и народите низ светот. Моќта на оваа верска дипломатија, иако затскриена зад очите на јавноста, е исклучително голема, понекогаш и поголема од класичната дипломатија, која има тесен простор за маневрирање и се држи до воспоставените дипломатски практики.
Од друга страна, верската дипломатија овозможува да се остварат поставените цели секаде онаму каде што традиционалната дипломатија не успеала.
Македонија не го искористи максимумот од посетата на папата Франциск
Несомнено верската дипломатија јасно потврдува дека има и други начини преку кои може да се дојде до посакуваната цел, а Македонија во минатото имаше такви искуства, кога благодарение токму на таа дипломатија инспирирана од различните конфесионални канали на комуникација, се овозможи остварување на македонско-американски контакти на највисоко ниво на шефови на држави, во моменти кога тоа беше од исклучителна важност за земјава.
Посетата на сега покојниот папа Франциск на земјава исто беше резултат на активностите, меѓу другото, и на таа верска дипломатија, а пораките што тој ги упати за Македонија и македонскиот народ беа јасна потврда за засебниот македонски идентитет токму во време кога се засилија идентитетските атаки од околните земји.
– Ватикан располага со мека моќ, што значи моќ на убедување, моќ на преговарање, моќ на влијание, впрочем обновата на односите меѓу САД и Куба во 2015 година ја покажа моќта на Ватикан во поглед на онаа тајна дипломатија што ја водеше. Во Венецуела понудија своја помош, присутни се во светските организации како непостојана членка каде што имаат големо влијание во конципирањето, односно насочувањето на светската политика, така што се работи за исклучителен светски играч што е многу моќен – вели Звонимир Јанкуловски, професор и поранешен македонски амбасадор во Светиот Престол.
Според него, посетата на папата не беше сфатена како што требаше да се сфати, ниту, пак, пораката што папата ја испрати од Македонија.
– Не можете да ја исклучите религијата од надворешната политика бидејќи религијата е поврзана и со човековите права, поврзана е со многу работи што во основа ги детерминираат меѓународните односи во последниве децении, вклучувајќи ги и војните на Блискиот Исток, кои повеќе наликуваат на религиски. Едноставно не можете да го сторите тоа, иако дипломатски најлесно е да го игнорирате тоа како што прави класичната дипломатија. Размислувањата за Ватикан се дека се работи за црковна организација, папата се доживува како поглавар на Римокатоличката црква, притоа се заборава на неговата улога во светската политика и она што тој може е она што вие сакате преку Ватикан да го остварите затоа што моќта на Ватикан е голема. Можеби нема да биде видлива во јавниот простор на она дипломатско дејствување, но надвор од јавниот простор влијанието е исклучително големо, па дури и во европските интегративни процеси, кои се исклучително важни во Македонија, убаво е да имате држава на ваша страна што ве поддржува. Мислам дека не го искористивме максимумот од таа посета на папата, кој го кажа истиот наратив што ние го носиме во светот, што нашата класична дипломатија треба да го дисеменира во светски рамки, тоа е наративот што успеавме да го наметнеме во Ватикан – нагласува Јанкуловски.
Тој уште додаде дека ние го имаме историскиот наратив и дека тоа треба постојано да го повторуваме.
– Кога доаѓате од Македонија, која е духовна колевка на народите, кога што имате религии што се испреплетуваат, но никогаш не биле во конфликт, кога имате една Мајка Тереза, кога го имате најстариот универзитет, кога тоа го презентирате во Ватикан, кога истото тоа го презентира и претседателот на државата на средбите со папата, тоа е средба на државник со државник – истакнува Јанкуловски.
Традиционалната и верската дипломатија треба да се дополнуваат
Познавачите на таканаречената верска дипломатија сметаат дека Македонија како држава, покрај традиционалната дипломатија, треба да ја форсира и дипломатијата што се заснова на блискоста на религиите во насока на остварување на националните цели и интереси.
– Линијата помеѓу секуларноста и религијата не е толку јасно изразена, туку има интерференција секаде онаму каде што тоа може да значи реализација на одредени интереси. Така е во САД, во Мексико, во многу јужноамерикански држави, но и во Африка, па и во Европа. Во Турција религијата има големо влијание врз политиката, исто е и во Грција, во Русија, така што влијанието на таа верска дипломатија игра огромна улога околу одредени прашања меѓу државите за кои не сакаат инволвирање на класичната дипломатија. Делумно тоа се прави и за да не се открива постојаниот дијалог што се одвива меѓу оние што во јавноста намерно промовираат тензични ситуации, а во суштина добро соработуваат. Затоа е исклучително важно Македонија како држава да не ја запоставува улогата на верската дипломатија, туку да притиска и таа да биде што поактивно вклучена во процесите поврзани со надворешната политика – велат експертите.
Понатаму додаваат дека токму таква верска дипломатија мора да се стави во функција и кога се оди некаде надвор.
– Кога и нашите црковни великодостоинственици одат некаде надвор, треба да разговараат и за државата, за името, за идентитетот, за јазикот, за работи што се од интерес како на државата така и на народот. Кога одат политичарите, и тие треба да разговараат и за црквата, за нејзиното признавање и други работи. Во интерес на горливите прашања од идентитетот треба да направиме мобилизација на сите општествени фактори, вклучително и на црквата и на таа верска дипломатија. Ние како општество сме богати, имаме одлична меѓуверска соработка, така што и преостанатите припадници на верски заедници можат да помагаат и со земјите што не се христијански. Можеме да почнеме со Турција, бевме во Саудиска Арабија, Азербејџан, еврејската верска дипломатија може да биде активна и во поглед на поголема соработка со Израел, едноставно со сите да се работи за да ја постигнеме нашата цел – констатираат експертите.
Сѐ повеќе земји го препознаваат потенцијалот на верската дипломатија
Во време на постојани немири, војни, пораст на екстремизмот и појава на агресивен секуларизам, религијата често е цел на напади. Религијата, доколку се практикува доследно, во изворниот дух на добродетелството, уважувањето, соживотот и општиот просперитет на индивидуата и колективот, може да биде важен мост за дијалог и помирување меѓу различните групи.
– Верската дипломатија е пристап кон меѓународните односи што ги користи религиозните вредности и институции за промовирање дијалог, мир и решавање на конфликти. Се заснова на принципи како што се простување, заштита на верската слобода и промоција на улогата на религиите во јавниот живот. Овој вид дипломатија често вклучува меѓурелигиски дијалог и соработка меѓу различни религиозни заедници за да се постигне мир и стабилност во областите каде што традиционалните дипломатски методи не успеале.
Во минатото, религиозните институции како што е Светиот Престол беа активни во дипломатските активности, но нивната улога не беше секогаш сфатена како дел од модерната верска дипломатија. Сепак, во последно време, сè поголем број земји и организации го препознаваат потенцијалот на религијата како алатка за постигнување мир и стабилност во светот. Првите сериозни чекори кон модерната верска дипломатија можат да се проследат во контекст на глобализацијата и зголеменото признавање на улогата на религиите во меѓународните односи, што е особено видливо во работата на организации како што е Светиот Престол и во развојот на меѓурелигискиот дијалог – вели д-р Ведран Обуќина, претседател на Центарот за меѓурелигиски дијалог.
Според него, иако секуларизмот е сè позастапен во светските општества, верската дипломатија добива на значење како средство за промовирање на мирот, дијалогот и решавањето на конфликтите.
– Нејзината улога вклучува неколку клучни аспекти. Прво, постои меѓурелигиски дијалог. Верската дипломатија го промовира дијалогот меѓу различните религиозни заедници, што е особено важно во областите каде што традиционалните дипломатски методи не се успешни. Овие дијалози помагаат во градењето доверба и разбирање меѓу различните религиозни и културни заедници. Мојата дефиниција за меѓурелигиски дијалог е дека тоа е неформален процес на учење за другиот со цел позитивно да се трансформираат односите врз основа на ова знаење. И токму овие односи се важни. Второ, верските водачи и организации можат да играат клучна улога во решавањето на конфликтите, особено оние што имаат религиозен карактер. На пример, папата Франциск бил вклучен во неколку дипломатски напори за мир и социјална правда, како што е посредувањето за договор меѓу САД и Куба. Второ, верската дипломатија честопати вклучува промовирање на верската слобода како фундаментално човеково право. Ова е особено важно во земјите каде што верската слобода е ограничена или загрозена, а има сè поголем број од нив. Иако секуларизмот преовладува во многу земји, религијата сè уште има значајно влијание врз општествениот и политичкиот живот. Секуларната држава не е нужно спротивна на религијата; тоа гарантира верска слобода и им овозможува на верските заедници активно да учествуваат во општествените и политичките процеси. Затоа, иако секуларизмот е во пораст, верската дипломатија го задржува своето значење како средство за промовирање на дијалогот и мирот во светот – потенцира Обуќина.
Тој додава дека верската дипломатија и класичната дипломатија имаат различни пристапи и цели во меѓународните односи.
– Класичната дипломатија се фокусира на промовирање на националните интереси, економските цели и политичката стабилност меѓу државите. Вклучува преговори за договори, трговски договори и безбедносни прашања. Верската дипломатија ги користи религиозните вредности и институции за промовирање мир, дијалог и решавање на конфликти. Честопати вклучува меѓурелигиски дијалог и соработка за постигнување мир и стабилност во областите каде што традиционалните дипломатски методи не успеале. Класичната дипломатија обично вклучува професионални дипломати и државни институции како што се министерствата за надворешни работи и дипломатските мисии.

Верската дипломатија честопати вклучува религиозни лидери, организации и институции како што се цркви или религиозни заедници, кои имаат значително влијание врз локалните заедници и можат да посредуваат во конфликти. Класичната дипломатија ги користи формалните преговори, дипломатскиот протокол и меѓународното право како главни алатки за постигнување договор. Верската дипломатија го користи меѓурелигискиот дијалог, моралниот авторитет и религиозните вредности како средства за постигнување мир и помирување. Класичната дипломатија обично се одвива на национално или меѓународно ниво, вклучувајќи преговори меѓу влади и меѓународни организации. организација. Верската дипломатија може да функционира на локално, национално или меѓународно ниво, честопати фокусирајќи се на заедниците и локалните конфликти каде што религијата има силно влијание – објаснува Обуќина.
Негово мислење е дека верската дипломатија останува неопходна и релевантна, дури и во време кога мултилатералните организации имаат сè поголема моќ и ја нагласуваат религијата, па дури и во време кога нивната моќ опаѓа како што е сега.
– Иако мултилатералните организации сè повеќе ги вклучуваат религиозните аспекти во своите политики, тие често работат на институционално ниво и може да ги пропуштат локалните или културните нијанси, кои се клучни за решавање конфликти. Верската дипломатија, предводена од религиозни лидери и организации, може да обезбеди подлабоко разбирање на локалните заедници и да го олесни дијалогот таму каде што формалните институции не успеваат. Пример е соработката на ОН со организации како што е „Религии за мир“, каде што религиозните актери помагаат во градењето мир, толеранција и инклузивност.
Конфликтите што вклучуваат религиозни или културни разлики честопати бараат специфичен пристап. Верската дипломатија може да послужи како мост меѓу страните во конфликт, користејќи ги моралниот авторитет и духовните вредности за да поттикне помирување. Пример се Аврамските договори меѓу ОАЕ и Израел, во кои се користеа религиозни симболи за нормализирање на односите, иако тие беа и политизирани. Мултилатералните организации честопати се потпираат на политички или безбедносни мерки за борба против екстремизмот, додека религиозната дипломатија може да дејствува превентивно преку промовирање меѓурелигиски дијалог и едукација за толеранција.
Религиозните водачи честопати имаат морален кредибилитет што ги надминува политичките интереси. Нивната порака можеби ќе биде повеќе прифатена од заедниците што не им веруваат на државните институции или меѓународните организации. Верската дипломатија не го заменува мултилатерализмот, туку го дополнува. На пример, ООН, преку иницијативи како што е Алијансата на цивилизациите (УНАОЦ), ја препозна важноста од вклучување на религиозните актери во своите напори за мир и одржлив развој. Затоа, верската дипломатија не е конкурент на мултилатералните организации, туку нивен сојузник. Во свет каде што конфликтите често се вкоренети во идентитетите и верувањата, религиозната дипломатија нуди уникатни алатки за градење доверба, помирување и долгорочен мир – потенцира Обуќина.
Тој наведува неколку примери каде што верската дипломатија дала поголем ефект за разлика од класичната.
– Во современите меѓународни односи, религиозната дипломатија е успешно користена во неколку случаи. Еве неколку примери. Папата Јован Павле Втори имаше значајно влијание врз падот на Берлинскиот ѕид и крајот на Студената војна. Неговата посета на Полска во 1979 година инспирираше национален отпор против комунистичкиот режим и придонесе за демократски промени во Источна Европа. Во постконфликтниот период, меѓурелигискиот дијалог беше клучен за помирувањето и обновата на заедницата во Босна и Херцеговина. Религиозните водачи одиграа важна улога во промовирањето на толеранцијата и градењето доверба меѓу различните етнички и религиозни заедници. Црвениот крст и другите хуманитарни организации честопати соработуваат со верските заедници за да обезбедат помош во кризни ситуации. Оваа соработка ги користи моралниот авторитет и мрежите на верски организации за да достави помош во областите каде што е потребна. Но резултатите често се генерациски. Еден добро познат експерт за меѓурелигиски дијалог во светот ми рече дека неговата статистика е таква што религиозната дипломатија не успева да ја постигне својата цел во 98 проценти од случаите. Но тие два процента се толку успешни што верата и надежта се клучни. Но самиот процес може да доведе до промени во општеството, дури и ако самата зацртана цел не е постигната – заклучува Обуќина. С.Т.