Фото: ЕПА

Главниот економист на Светска банка за Европа и Централна Азија, Иваило Изворски, деновиве предизвика бура реакции во јавноста тврдејќи дека „ако земеме 36.000 по жител во Европа и 8,9 илјади евра овде (во Македонија), ќе ни треба до четири пати зголемување за да се достигне истото ниво. Ако имаме побрза стапка на раст, тогаш 30-40 години, ако не, ако имаме побавна стапка, како последните пет-шест години, тогаш 60-70 години…“ Дали е верно тоа што го тврди?!

Повод: Изјавата на главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија за доближувањето на македонската економија до европскиот стандард

Економскиот раст и животниот стандард повторно деновиве, поради изјавите во јавноста на високи претставници на Светската банка, се најдоа во фокусот на македонската јавност. Рака на срце, овие изјави се во контекст на т.н. евергрин теми, бидејќи токму економско-социјалниот стандард на граѓаните, а особено иницијативите врзани за стопанството, бизнисот и економијата, се фундаментален фактор за посакуваните континуирани импулси за просперитет на секое општество и движечка сила за перманентна нагорна линија за подем на колективитетот и индивидуата.
Во еден таков контекст, експертите го поздравуваат динамизирањето на економскиот раст. Нашите соговорници потенцираат дека „треба да се мобилизираат и потоа да се стават во погон сите можни ресурси што ќе нѐ одведат кон побрз економски раст и силен одраз на БДП, а пакетот структурни реформи (особено во економско-финансиско-монетарниот дел), треба да бидат што попромптно преземени, токму поради многу неопходниот ветер сега во едра на националното стопанство, што потоа ќе се одрази и на стандардот на граѓаните, што ќе покаже еден видлив препознатлив степен на раст и развој“.

Бежовска: Да се зголеми нивото на приватниот и јавниот капитал

– Економијата постепено закрепнува од шоковите, а нивото на доход изнесува околу 42 отсто од европското. За побрза доходна конвергенција и за намалување на овој јаз, важни се структурните реформи со кои ќе се зголеми потенцијалот за раст којшто во изминативе две декади во регионот на Западен Балкан, вклучително и во нашата економија, е речиси преполовен. А потенцијалот за раст може да се зголеми и преку вложување во човечки капитал, каде што значаен предизвик е емиграцијата, преку вложување во физичкиот капитал којшто во моментов изнесува околу 30 отсто од европскиот просек и преку зголемување на продуктивноста којашто е околу 50 проценти од европската – истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на Конференцијата во организација на Канцеларијата на Светската банка на која беше презентирана студијата „Кон повисоки достигнувања: Патот до повисок доход во Европа и Централна Азија“.
Гувернерката потенцираше дека за да се зголеми нивото на приватниот и јавниот капитал, важно е да се засилат домашните, а уште повеќе странските инвестиции, што ќе обезбеди не само нов капитал, нови работни места, туку и нови знаења, менаџерски вештини, напредна технологија.
– Во овој контекст, добро е што се засилува јавниот инфраструктурен циклус и што значително забрзуваат странските директни инвестиции коишто минатата година достигнаа едно од историски највисоките нивоа од 7,1 проценти од БДП и покрај зголемените геополитички тензии и трговски препреки – истакна таа.

Да бидеме реални и да не нѐ залажуваат со проекциите на светските економисти во врска со приближувањето на македонскиот стандард до европскиот

Иако имаме импулс на раст на економијата, сепак, истиот тој сѐ уште е под посакуваните стапки, односно под стапките што би овозможиле некакво приближување кон стандардот на Европејците.
Повеќе наши соговорници издвојуваат со висока доза вчудовидување во негативна смисла на зборот, дека експертите од Светската банка, деновиве во јавноста излегуваат со некакви нереални процени за динамиката на конвергенцијата на македонската стапка на развој на економски раст, кон нивото на европските земји, односно кон доближување на македонскиот кон (просечниот) европски БДП. Имено, според експертите од Светската банка, со вакви стапки на економски раст, како во изминативе пет-шест години, за да се доближиме до европскиот стандард, ќе ни бидат потребни 60 години. (!?)

– Ако земеме 36.000 по жител во Европа и 8,9 илјади евра овде, ќе ни треба до четири пати зголемување за да се достигне истото ниво. Ако имаме побрза стапка на раст, тогаш 30-40 години, ако не, ако имаме побавна стапка, како во последните пет-шест години, тогаш 60-70 години – изјави многу нереално Иваило Изворски, главен економист на Светската банка за Европа и Централна Азија.
Но, според повеќе домашни и странски економски експерти и универзитетски професори, оваа констатација не е воопшто втемелена на економска анализа, туку таа е повеќе нереално оптимистичка и повеќе мотивирачка (кон нас) отколку реална.
– Изјавата на Иваило Изворски, главен економист на Светската банка за Европа и Централна Азија, повеќе е насочена кон мотивирање на државава дека е реално можно да се стигне европското ниво на развој. Но наедно, изјавата е помалку аналитична и не се темели на конкретни економски показатели и анализи – велат нашите соговорници, додавајќи дека и тие сакаат да чујат оптимистички информации, но дека со јавноста треба да бидат пореални, затоа што можат да предизвикаат и незадоволство и разочараност меѓу граѓаните, а тоа е нешто што најмалку го посакуваме.
– Иако е пријатна да се чуе изјавата од главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија, дека европскиот стопански и граѓански стандард Македонија може да го достигне за 30-40 години (при виски стапки на домашен раст), ова тврдење не треба да се земе здраво за готово, бидејќи реалноста зборува дека треба да бидеме многу пострпливи, но и многу попосветени на работата и реформите што сме ги започнале. Од нас самите зависат многу работи со каква динамика ќе ги спроведуваме и така ќе се одразат и на индикаторите за развој. Експертите од Светската банка сакаат и да ја повратат и довербата кон бретонвудскиот систем, воспоставен од ММФ и Светската банка, и да дадат еден нов поттик за заеднички ангажман (на земјите во развој заедно со овие институции), за постигнување повисок степен на раст, велат нашите соговорници, додавајќи дека ова е еден од начините за повторно зближување на нашите финансиски и монетарни институции до нив.
Но, од друга страна, дел од експертите веднаш додаваат дека претераното приближување и влегување во проекти со тие меѓународни институции, сами по себе индицираат економска анемија, предизвикуваат спирала на зависност од која тешко се излегува, а стапките на земјите корисници на тие финансиски аранжмани се мошне ниски, што не се совпаѓа како наша амбиција за достигнување на европското ниво на економија, тврдат нашите соговорници. Затоа, тие сметаат дека прикажувањето на реално затекнатите состојби во економијата и излегувањето со таквите показатели пред јавноста е многу почесен пристап, за граѓаните реално да знаат што ги очекува, во кој рок и како можат и самите активно да се вклучат во зафатите за „мобилизација на сите можни ресурси што ќе нѐ одведат кон побрз економски раст и силен одраз на БДП, вклучително и безрезервна поддршка на пакетот структурни реформи“. Е.Р.


Кус пресек на некои реални согледувања – стартна точка кон повисок економски одраз

„Нова Македонија“ во неколку наврати укажа дека динамизирањето на економскиот раст треба да биде мисија на целокупното општество, за да достигнеме раст преку кој ќе фатиме приклучок до високоразвиените земји. А, еве, и една споредбена опсервација. Имено, за потсетување… На пример, во првите два квартала на минатата 2024 година, домашниот БДП достигна раст од (само) 1,2 отсто, односно 2,3 проценти, но потоа во третиот, а особено во четвртиот кога достигна 3,2 проценти и почна да ја враќа надежда кај економистите. Сепак, за земја како Македонија, за да фатиме некаков приклучок со европскиот стандард, не може да негуваме оптимизам со стапки на економски раст од 1 до 2 проценти. Зошто тоа е премалку? Еве една едноставна калкулација на економските експерти: „Имено, ако трендот на економскиот раст на Македонија се движи околу 2 отсто, а наедно и Европа продолжи да расте со 2 отсто, тогаш само би се продлабочувал јазот и ние никогаш не би го стигнале нивото на ЕУ! Посликовито кажано, ако останеме на нашиот раст на БДП од 2 отсто, тогаш станува повеќе од јасно дека Европа драстично ќе се оддалечува од нас (затоа што раст од 2 отсто на европскиот просечен БДП по жител што е 44.000, не е ист со нашиот раст од 2 отсто на речиси 8.000 евра БДП по жител). Така, ние никогаш нема да можеме да го стигнеме нивото на ЕУ! (Нам ни треба двоцифрен раст на економијата, односно БДП.)“.
Натаму, ајде да земеме друга калкулација (друг пример).
Во овој хипотетички пример, да земеме дека Македонија ќе успее да оствари раст од 6 отсто (што досега ни бил највисокиот раст на БДП, во 2007 година), а Европа (хипотетички) да стагнира и да остварува раст од 1 до 2 отсто. Така, во овој случај, (можеби) би ни биле потребни триесетина години за да се доближиме до животниот стандард на Европската Унија, но повторно доколку ЕУ стагнира и нема раст (што е далеку, дури предалеку од реално да се случи) – ЕУ триесет години економски да стои, односно да стагнира (!?), што значи дури и со нереални хипотетички претпоставки, повторно сме далеку речиси половина век од остварување на БДП што ќе го има ЕУ.
Затоа, домашните експерти малку со неверување ја примија изјавата на Иваило Изворски, главен економист на Светска банката за Европа и Централна Азија, и го изнесоа ставот дека граѓаните многу повеќе треба од себе да почнат и драстично да ја зголемат својата лична продуктивност, а со тоа и ќе ја зголемат ефикасноста на претпријатијата (или институциите) во кои работат, а последователно ќе дојдат и поголема заработка и раст на социјално-економскиот стандард.


Со поголема продуктивност до поголема заработка

Економистите во неколку наврати имаат посочено дека темата за минималната плата никогаш не треба да се гледа еднонасочно, особено ако не сакаме да поттикнеме нов бран поскапување. Заложбите се дека платите не треба да растат вештачки туку дека треба да бидат резултат на раст на продуктивноста и раст на бруто-домашниот производ, а секако, последователно, без здрав и одржлив економски раст не може да се очекува подобар животен стандард. Секако, длабоки економски реформи во пакет и во повеќе сегменти би дале највисоки резултати.
– Човечкиот капитал, технологијата и инвестициите секогаш биле клучни фундаменти за економски раст и развој. Вложувањето во образованието и развојот на вештини ги подобрува можностите на работната сила, со што се зголемуваат продуктивноста и иновативноста. Технолошкиот напредок создава нови начини на работа, овозможува зголемување на ефикасноста и отвора нови пазари. Инвестициите, особено во инфраструктурата, модерните технологии и новите индустрии, го прошируваат економскиот потенцијал и носат нови економски можности. Од овие перспективи, нема сомнеж дека Македонија мора да вложува во развојот на човечкиот капитал, иновациите и привлекувањето домашни и странски инвестиции за да обезбеди долгорочен економски раст, вработувања, и да видиме стапки на раст што се повисоки од тие во последните неколку години. Да истакнам дека на овие фронтови одреден напредок е направен во земјава, особено со влезот на странските инвестиции (СДИ), па и во делот на јавната инфраструктура, но предизвици со структурните реформи имаме на повеќе пункта – објаснуваше неодамна професорот Марјан Петрески за „Нова Македонија“. Е.Р.