Пример за иновативната работа на кинеските пристаништа претставува модерното здание во Чингдао, а „Нова Македонија“ неодамна доби можност да го посети. Пристаништето во покраината Шандунг во источна Кина се издвојува според
автоматизираната технологија на терминалите, каде што роботизирани возила со сензори ги распоредуваат пратките
Модернизацијата на кинеските пристаништа во подем
Кинеските пристаништа забрзано се модернизираат и ги прошируваат маршрутите за испорака создавајќи нови врски со трговските партнери, во ситуација кога почнуваат да се чувствуваат ефектите од зголемувањето на царините од САД, за кои се проценува дека ќе ја намалат трговската размена помеѓу двете најголеми светски економии. Во американските пристаништа деновиве се очекува пристигнувањето на првите бродови од Кина со стоки што ќе бидат оданочени со тарифи од 145 отсто, што се смета дека ќе резултира со намалување на бројот на транспортни бродови, како и на обемот на товарот што ќе се увезува од Кина во САД. Промената се однесува на бродови што биле натоварени по 9 април.
„Чингдао“ е пример за паметно работење
Пример за иновативната работа на кинеските пристаништа претставува модерното здание во Чингдао, а „Нова Македонија“ неодамна доби можност да го посети. Пристаништето во покраината Шандунг во источна Кина се издвојува според автоматизираната технологија на терминалите, каде што роботи со сензори ги распоредуваат пратките. Автоматизираниот терминал во декември минатата година по 11-ти пат постави светски рекорд во брзина на товарење, при што секој кран во просек ракува со 60,6 контејнери на час, што е повеќе од двојно повеќе од традиционалните пристаништа (околу 25-28 контејнери на час).
Стратегиски важното пристаниште на Жолто Море претставува клучна точка на Патот на свилата и за иницијативата „Појас и пат“, бидејќи има трговски врски со над 700 пристаништа во повеќе од 180 држави и региони низ светот, Згора, има потпишано договори за соработка со 36 сестрински пристаништа. „Чингдао“ спаѓа меѓу 10-те светски пристаништа со најголем обем на работа, од кои шест се од Кина, според рангирање од минатата година. „Чингдао“ минатата година оствари проток на товар од 745 милиони тони и 32,17 милиони контејнери.
– „Чингдао“ гради нов логистички модел што комбинира поморска испорака, речни пристаништа и товарен транспорт. Од почетокот на годинава „Чингдао“ активно ги прошири маршрутите за меѓународна испорака, како пристаништен центар и клучна платформа за соработка во рамките на Регионалното сеопфатно економско партнерство – велат од пристаништето „Чингдао“.
Во Чингдао од неодамна во функција е ставен и брод за аквакултура опремен со паметна технологија. Бродот со тежина од 150 илјади тони е долг речиси 245 метри и има 15 кабини за одгледување риба со вкупен капацитет за задржување вода од речиси 100.000 кубни метри. Во неговата изградба се инвестирани 84,6 милиони долари. Се одликува со повеќе од 160 технолошки иновации, односно со засилена примена на паметни технологии, при што процесот на одгледување риби целосно е реализиран со машини.
Крановите активирани со помош на вештачка интелигенција (АИ) што автоматски ги растовараат бродовите додека роботизирани возила навигираат до пристанишните докови со исклучителна прецизност, спаѓаат меѓу иновациите во технолошката револуција за модернизација на кинеските пристаништа. Вкупно 52 пристаништа на кинеското крајбрежје ја сочинуваат водечката мрежа во глобални рамки според обемот на работа, ефикасноста и употребата на модерна технологија.
Тарифите ќе се одразат на кинескиот увоз во САД, а со тоа и врз американските потрошувачи
Увозот во САД ќе забележи пад од најмалку 20 отсто во втората половина од годинава, според американската Национална федерација за малопродажба, додека американската банка Џеј-пи морган очекува намалување на увозот од Кина помеѓу 75 и 80 отсто, објави американската телевизија Си-ен-ен. За голем број американски компании, увозот од Кина станува прескап, со што бизнисите се соочуваат со тежок избор – да продолжат да продаваат производи од Кина по двојно поскапи цени од претходните или да престанат со продажба. Извесно е и дека таквата ситуација ќе се одрази и на потрошувачите во САД, бидејќи ќе дојде до недостиг од одредени производи или, пак, ќе бидат прескапи.
Наспроти трговската војна, Кина и натаму останува еден од најважните трговски партнери на Америка, од каде што САД увезуваат електроника и микрочипови, пренесува Си-ен-ен. Американците увезуваат илјадници производи од Кина, при што предничи увозот на детски играчки, облека и обувки, според Комисијата за меѓународна трговија на САД.
Трамп навести намалување на царините за кинескиот увоз
Царините за кинескиот увоз во САД ќе бидат намалени, навести американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за американската телевизија Ен-би-си.
– Во одреден момент ќе ги намалам тарифите затоа што во спротивно никогаш не би можеле да водите бизнис со нив – порача Трамп, мислејќи на Кина.
Тој неделава истакна оти САД имаат состаноци со претставници од повеќе земји, вклучително и со Кина, за можни трговски договори, како и дека негов главен приоритет со Кина е да обезбеди фер трговски договор.
Кинескиот амбасадор во Вашингтон, Сие Фенг, пак, нагласи дека Кина е отворена за дијалог, но само врз основа на реципроцитет и заемно почитување.
– Зголемувањето на царините никому не му користи. Тие ги нарушуваат бизнисите, ги зголемуваат трошоците, ги потресуваат финансиските пазари и го забавуваат глобалниот раст – рече кинескиот амбасадор Сие Фенг во Вашингтон, додавајќи дека доколку САД сакаат да разговараат, „треба да дејствуваат во духот на еднаквост, почит и реципроцитет“.
Милко Живковиќ, наш известувач од Кина