фото: Народна банка

Економијата постепено закрепнува од шоковите, а нивото на доход изнесува околу 42 проценти од европското. За побрза доходовна конвергенција и за намалување на овој јаз важни се структурните реформи со кои ќе се зголеми потенцијалот за раст којшто во изминативе две декади во регионот на Западен Балкан, вклучително и во нашата економија, е речиси преполовен. А потенцијалот за раст може да се зголеми само преку вложување во човечки капитал, каде што значаен предизвик е емиграцијата, преку вложување во физичкиот капитал којшто во моментов изнесува околу 30 проценти од европскиот просек и преку зголемување на продуктивноста којашто е околу 50 проценти од европската. Ова го истакнала гувернерката на Народна банка Анита Ангеловска-Бежоска на Конференцијата во организација на Канцеларијата на Светската банка на која била презентирана студијата „Кон повисоки достигнувања: Патот до повисок доход во Европа и Централна Азија“.

– Во однос на физичкиот капитал, за да се зголеми нивото на приватниот и јавниот капитал, важно е да се засилат домашните, а уште повеќе странските инвестиции, што ќе обезбеди не само нов капитал, туку и нови знаења, менаџерски вештини, напредна технологија. Во овој контекст, добро е што се засилува јавниот инфраструктурен циклус и што значително забрзуваат странските директни инвестиции коишто минатата година достигнаа едно од историски највисоките нивоа (7,1 проценти од БДП) и покрај зголемените геополитички тензии и трговски препреки – посочила гувернерката.

За зголемување на продуктивноста особено е важно во фокусот да се стават иновациите и технолошкиот развој. Во овој контекст и согласно надлежностите, Народната банка постојано презема чекори за иновации во финансискиот сектор.

– Во изминатиов период создадовме Центар за иновации којшто поддржува компании подготвени да вложуваат во иновативни финансиски активности. Беше донесена Првата национална стратегија за финтек и беше подготвена регулативната рамка за извршување на плаќањата, што ни го отвори патот кон членството во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА). Тоа ќе овозможи голем број придобивки за нашата економија, вклучително и поиновативни бизнис-модели и конкуренција во финансиската индустрија – потенцираше Ангеловска-Бежоска, нагласувајќи и дека примената на дигиталните технологии има потенцијал да ја зголеми продуктивноста и да ублажи дел од структурните пречки за економскиот раст.

На Конференцијата се обратиле и директорот на Канцеларијата на Светската банка во земјава, Масимилијано Паолучи и Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во земјава, главниот економист на Светската банка за регионот на Европа и Централна Азија, Иваjло Изворски. На панел-дискусијата на која учествувала гувернерката Ангеловска-Бежоска се обратиле и Гордана Димитриеска-Кочоска, министерка за финансии, Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, како и Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори.