„Европската Унија во Урсула фон дер Лајен има претседателка, која очигледно е толку безнадежна и која, уште повеќе, речиси секој втор национален ЕУ-лидер ја смета како наметлив измамник…! Но обидот за управување со ЕУ- со овој брод на будали, би претставувал тест за вештините дури и за најуспешните политичари!“, нагласува аналитичарот Џереми Ворнер во својот коментар, објавен во британскиот дневен весник „Дејли телеграф“
Кој ризикува ЕУ-балонот да пукне? (2)
Низ сиот европски континент се шири вистинско цунами на жестоки критики и пројави на големо незадоволство поради потезите и начинот на кој претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, еврокомесарките Каја Калас и Марта Кос и одделни други еврофункционери ги вршат своите функции во ЕУ.
Да потсетиме, во вчерашниот број „Нова Македонија“ го цитиравме реномираниот швајцарски политички магазин „Велтвохе“, кој објави дека „во европските дипломатски кругови сè повеќе се зборува оти високи функционери на ЕУ ја сметаат Урсула фон дер Лајен како „токсична“, а нејзиното присуство во раководството на ЕУ како – штетно“.
Низ европските држави веќе кружи интернет-петиција со досега ставени 113.204 потписи, која продолжува да се потпишува, со барање за итна оставка на Урсула фон дер Лајен.
Дел на жестоките критики во европската јавност одделно кон неа е и аналитичкиот коментар со наслов „Безнадежното лидерство на Урсула фон дер Лајен ја доведе Европа во безначајност“ на Џереми Ворнер, еден од водечките англиски економски коментатори, кој констатира дека „грешките на Урсула фон дер Лајен се премногубројни за да им се припишат исклучиво на пошироките институционални неуспеси на ЕУ“. „Амбициозните планови за понатамошно проширување на ЕУ со забрзување на членството на уште девет земји, вклучувајќи ги и Западен Балкан и Украина, обопштено, се сметаат како несреќа што чека да се случи. Европската Унија во Урсула фон дер Лајен има претседателка, која очигледно е толку безнадежна и која, уште повеќе, речиси секој втор национален ЕУ-лидер ја смета како наметлив измамник, што има многу помало значење од нив самите! Но обидот за управување со ЕУ- со овој брод на будали, би претставувал тест за вештините дури и за најуспешните политичари!“, нагласува Ворнер во својот коментар, објавен во британскиот дневен весник „Дејли телеграф“.

Анализа на Џереми Ворнер, „Дејли телеграф“
Урсула фон дер Лајен и бриселските елити ја претворија Европа во геополитичка безначајност
„Нова Македонија“ го пренесува во целина споменатиот аналитички коментар на Џереми Ворнер, според кого „безнадежното лидерство на Урсула фон дер Лајен ја доведе Европа во безначајност“.
„Годините на неспособноста на врвот го оставија Брисел настрана во украинските мировни преговори. Грешките на Урсула фон дер Лајен се премногубројни за да им се припишат исклучиво на пошироките институционални неуспеси на ЕУ. Постои причина зошто Доналд Трамп и Владимир Путин одлучија да ја стават Европа на детската маса во текот на украинските мировни преговори. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс кажа дека ‘ЕУ е под закана од внатре’, под што претпоставувам дека мисли на европските елити, кои се отуѓени од светот. Но Европа се претвори и во геополитичка безначајност, која не може да управува со настаните во сопствениот простор, ниту да ги обликува. Никој не ја отелотворува оваа немоќ посовршено од Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија – во најдобар случај сосема просечна политичарка, за која изразот ‘воскресната без трага’ речиси можеше да биде измислен“, истакнува англискиот новинар во својот коментар.
Натаму, Ворнер наведува дека „како долгогодишна заменик-канцеларка на Ангела Меркел, Лајен се сметаше порано дека е можна кандидатка за германската канцеларска функција“. „Сепак, ниту обемното градење претстава во јавноста за нејзините наводни квалитети на супержена во комбинирањето на државните работи не можеше да ги покрие нејзините неуспеси додека беше во германското министерство за одбрана. Тоа беше обележано со серија големи и сè покомични скандали со набавки во нејзината родна Германија. Досието на Урсула фон дер Лајен беше толку лошо, што Меркел се чувствуваше неспособно да ја поддржи својата штитеничка кога стануваше збор за избор на наследник на позицијата канцелар на Германија. Лошото досие на Фон дер Лајен во германското министерство за одбрана ја остави Меркел неподготвена да ја поддржи како нејзина наследничка“, посочува Џереми Ворнер во својот текст во „Дејли телеграф“.
Тој продолжува со иронија на сметка на Лајен дека „за среќа, секогаш има добредојде во Брисел кога вратите во Германија се затвораат со трескање“. „Доказ за нискиот рејтинг на Европската комисија низ поголемиот дел од европскиот континентот е тоа што, во суштина, на Фон дер Лајен ѝ беше подарено претседателството со Европската комисија како утешна награда – како награда за нејзиниот неуспех, ако сакате така да кажеме. Кога беше предложена за оваа позиција, Мартин Шулц, поранешниот претседател на Европскиот парламент, суво забележа дека Европа е на прагот да ја добие ‘нашата најслаба министерка’.
Ворнер: ЕУ- брод на будали
„Благословот на Германија што ја отфрлаше беше несреќа на Европската Унија да ја добие како своја шефица. Но Урсула фон дер Лајен разочара и во поглед на нејзината бескорисност. Таа правеше погрешни процени и лоши управувања во серија. Успеа само да си го наполни личниот кабинет со своите германски пајташи“, укажува Ворнер.
Тој ги набројува потоа конкретните потфрлања на актуелната претседателка на Европската комисија: „Урсула фон дер Лајен беше целосно безнадежна: од имиграцијата до руски санкции. Економијата на Европа во меѓувреме запре, без оглед на стотиците милијарди евра што Комисијата ги троши во рамките на европската програма за закрепнување од ковид, за да ги поттикне работите повторно да се движат. Нејзиниот ‘Зелен договор’ беше целосна катастрофа, сериозно попречувајќи ја европската индустрија во време на зголемени трошоци за енергија, па дури и нејзините договори за слободна трговија се широко осудени дека ги загрозуваат европските производители. Амбициозните планови за понатамошно проширување на ЕУ со забрзување на членството на уште девет земји, вклучувајќи ги и Западен Балкан и Украина, обопштено, се сметаат како несреќа што чека да се случи. Некогашната студентка на Лондонската школа за економија, Фон дер Лајен успеа да го постигне дури и практично невозможното во ЕУ-блокот, познат по својата еколошка претпазливост: да ги вознемири еколошките активисти со обидот да ја отстрани заштитата на волците што ја имаат како загрозени видови“.
„Грешките на фон дер Лајен се премногубројни за да се припишат исклучиво на пошироките институционални пропусти и слабости на ЕУ, иако и ЕУ има многу сопствени грешки. Таа никогаш не ќе можеше да обезбеди втор мандат ако беше подложена на народно демократско гласање. Но во Брисел често се случуваат тајни зделки во заднина, кои вклучуваат ветување за претстојни услуги… Но, несомнено е дека обидот за управување со овој брод на будали би претставувал тест за вештините дури и за најуспешните политичари. Кого претставува Урсула фон дер Лајен, со кои и чии овластувања таа ја врши должноста претседателка на Европската комисија? За кого зборува таа, освен за самата себе? Европската Унија во Урсула фон дер Лајен има претседателка, која е очигледно толку безнадежна и која, уште повеќе, речиси секој втор национален лидер ја смета како наметлив измамник, што има многу помало значење од нив самите!“, заклучува Џереми Ворнер во својот аналитички коментар во врска со претседателката на Европската комисија. Св.Т.
Анализа на Лоренцо Робустели, уредник во информативниот портал „ЕУ.њуз“
Колапсот на Каја Калас
Робустели: „На Каја Калас, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, ѝ се случува колапс во нејзините активности, поради грешките што ги прави уште од почетокот“
Лоренцо Робустели, уредникот во информативниот портал „ЕУ.њуз“, во својата анализа со наслов „Колапсот на Каја Калас ја прави Урсула фон дер Лајен уште посилна. Дури и ако е потребен ‘воен кабинет’“, објавена на 25 март 2025 година, констатира дека „Каја Калас направи грешки уште од самиот почеток, откако беше именувана како висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика“.
„Каја Калас, поранешната естонска премиерка, која стана висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, се чини дека веќе го заврши својот циклус, само четири месеци по нејзиното назначување. Нејзиното истапување за новиот фонд од 40 милијарди долари за Украина, кој е намален на пет, а потоа пак е намален, овој пат на нула, се чини дека беше последната капка во нејзината работа тука во Брисел. Каја Калас направи грешки од самиот почеток, очигледно не ги слушаше поискусните службеници за тоа како да ја извршува својата работа во Надворешната служба на ЕУ, со која раководи. Калас не беше способна да создаде кадар за сложената улога што треба да ја извршува. ‘Таа се однесува како да е сè уште естонска премиерка, смислува идеја и им ја предлага на државите без да помине низ главната рамка на политиката на Унијата, а тоа е потрагата по консензус’, објаснува еден висок функционер на ЕУ, кој со години работи ‘на терен’. Каја Калас затоа и не наоѓа консензус“, пишува Робустели.
„За жалење е и штета е што нејзината позиција, решавачки важен дел во европските институции, е всушност празна, иако сѐ има уште време да се учи и да се гради кредибилност“, заклучува италијанскиот новинар во својата анализа.
Елдар Мамедов, експерт за надворешна политика со седиште во Брисел и соработник-истражувач во институтот „Квинси“, во својата статија во информативниот портал „Респонсибле стејткрафт“, со наслов „Дали шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, е воопшто на вистинското работно место“, објавена во информативниот портал на 2 јули 2024 година, уште тогаш ќе искаже негативна оцена за начинот на кој Естонката се справува со своите одговорни обврски во ЕУ.
„Не е тешко да се види зошто се сметало дека е побезбедно Калас да не биде избрана како нова шефица на НАТО, туку да се држи надвор од НАТО: иако во ЕУ постои консензус дека Русија е главната безбедносна закана на блокот, Калас отиде многу подалеку од повеќето лидери во својата борбена реторика. Таа рече дека распаѓањето на Русија на многу помали национални држави нема да биде ‘лоша работа’. Кај Калас постои повеќе од само мирис на лицемерство: иако таа повикуваше на изолација на Русија, нејзиниот сопруг продолжи да профитира од неговите деловни врски со Русија и по инвазијата на Украина во февруари 2022 година. Ова, заедно со некои политички грешки, ја направи непопуларна личност во нејзината родна Естонија и доведе до повици за нејзина оставка, кои таа ги игнорираше“, забележува Мамедов.
Констатирајќи дека поранешната премиерка на Естонија нема да има многу авторитет во Европа“, овој експерт заклучува: „Фактот дека Берлин и другите големи престолнини сметаа дека е помалку опасно некој како Калас да биде назначен за ‘шеф на ЕУ за сериозни соопштенија’, односно како висок претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика’, според зборовите на британскиот аналитичар Дејвид Благден, а не за вистински воен сојуз како НАТО, претпочитајќи го искусниот холандски премиер Марк Руте да биде шеф на НАТО, зборува многу за почитувањето што се има за позицијата на високиот претставник за европска и безбедносна политика на ЕУ…“
Оцените на Елдар Мамедов имаат дотолку поголема специфична тежина кога се има предвид дека тој е не само експерт за надворешна политика туку и поранешен функционер во Министерството за надворешни работи на Летонија и дипломат во летонските амбасади во Вашингтон и во Мадрид. Мамедов од 2009 до 2022 година работел и како политички советник на социјалдемократите во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (ЕП) и бил задолжен за делегациите на ЕП за меѓупарламентарни односи со Иран, Ирак и Арапскиот Полуостров. Од ова негово досие може да се заклучи дека овој надворешнополитички експерт со голема компетенција ги има изнесено своите погледи за Каја Калас.
„Двојните стандарди на марта кос“
Овој преглед на критиките кон Урсула фон дер Лајен, Каја Калас и Марта Кос го завршуваме со критичката статија на белградската редакција на информативната мултиплатформа Н1, со наслов „Еврокомесарката Кос покажува двојни стандарди: многу построга кон Турција отколку кон српските власти“. Н1 напиша: „Слободата на медиумите е клучна за демократијата и владеењето на правото. Ги повикувам турските власти да го заштитат независното новинарство и да ја одржат слободата на изразување. Неодамнешните депортации, апсења, казни и забрани за емитување против слободниот печат се спротивни на демократската традиција на Турција’, објави комесарката за проширување на ЕУ Марта Кос на општествената мрежа Икс. Таа потсети дека ‘слободата на собирање е фундаментално право, на кое Турција се обврза како членка на Советот на Европа и кандидатка за ЕУ’“.
„Сепак, некои корисници на општествените мрежи забележаа дека Кос не беше толку остра кога коментираше за ситуацијата во Србија, а некои посочија на ‘двојните стандарди’ на европската комесарка. ‘Верувам дека ќе ја пренесете истата директна и недвосмислена порака до претседателот на Србија и надлежните органи. Европа не смее да толерира двојни стандарди, а доследноста во зачувувањето на нашите заеднички вредности е клучна’, рече еден од корисниците на X. ‘Марта, ти ја претставуваш ЕУ. Граѓаните на Србија очекуваат разбирање и помош, а не такви бесмислени изјави. Вразуми се’. ‘Се сретна со лице што пред помалку од една недела се обиде масовно да убие мирни граѓани со забрането звучно оружје, и тоа е сè што имаш да кажеш?’, беа само некои од многуте коментари“, наведено е, покрај другото, во оваа редакциска статија, во која еврокомесарката Марта Кос е нападната дека пројавува двојни стандарди во вршењето на својата работа. Св.Т.
Поглед на политиките на Урсула фон дер Лајен, Каја Калас и Марта Кос за Македонија во контекст на меѓународните принципи и право и на Копенхашките критериуми
Двојните стандарди станаа – европски стандарди?!
Македонија во времето што следува, апсолутно придржувајќи се кон стратегиските определби за европски интеграции и асоцирање со Европската Унија, навистина треба да се припази да не биде „затруена од неолибералниот токсин на: денационализација, десуверенизација и деидентификација…“, бидејќи доколку останат овие европски елити, тој феномен сигурно ќе продолжи…
Но таквиот процес конечно треба да запре, да се направи ревизија на поведенијата што ја демонтираа Македонија, онаква каква што беше форматирана според вековните стремежи на македонската нација. Потоа, носителите на високите државни функции што дозволија и се согласија со таквата идентитетска, противуставна и противзаконска демонтажа да одговараат за дела предвидени во националното позитивно право!
Еврокомесарката за европроширување во уште поголема мера пројавува двојни стандарди кога станува збор за евроинтеграцијата на Македонија велејќи дека „С. Македонија е тажна приказна со оглед на тоа колку долго таа земја чека на процесот на преговори“. Од една страна Марта Кос „тагува“ зошто Македонија „толку долго“ чека за прием во ЕУ, а од друга страна со сите сили ги застапува и ги брани ставовите и барањата на официјална Софија кон Македонија, што претставува максимално искажување двојни стандарди.
Швајцарскиот магазин „Велтвохе“ напиша дека „постои женствена токсичност во врвот на ЕУ“, мислејќи на шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен. Но, од аспект на Република Македонија и доживеаното искуство низ сиве овие години на Македонија и македонската нација, може сосема слободно да се заклучи дека во пакетот влегуваат и Каја Калас и Марта Кос, чии изјави и политики се покажуваат како „токсични“ за македонските државно-национални интереси, за интересите на сите граѓани на Македонија.
Според нашите соговорници, професори и експерти по меѓународно право, Македонија во времето што следува, апсолутно придржувајќи се кон стратегиските определби за европски интеграции и асоцирање со Европската Унија, навистина треба да се припази да не биде „затруена од неолибералниот токсин на: денационализација, десуверенизација и деидентификација…“, бидејќи доколку останат овие европски елити, тој феномен сигурно ќе продолжи. Македонија направи исклучително болни идентитетски отстапки (инсигнии, знаме, име итн.) и, иако тоа беа противправни поведенија – авторестриктивни (кои, патем споменато, како такви – не се дозволиви во меѓународното право), сепак овој Брисел не го одржа своето ветување и ја остави Македонија во вечната чекалница, испорачувајќи нови непринципиелни (и противправни) барања. Таквиот процес конечно треба да запре, да се направи ревизија на поведенијата што ја демонтираа Македонија онаква каква што беше форматирана според вековните стремежи на македонската нација. Потоа, носителите на високите државни функции што дозволија и се согласија со таквата идентитетска, противуставна и противзаконска демонтажа да одговараат за дела предвидени во националното позитивно право!
Свето Тоевски