Се разгоре уште едно сериозно воено жариште: На Средниот Исток, Индија и Пакистан влегоа во воен конфликт

На Средниот Исток започна воен судир, и тоа меѓу две нуклеарни сили – Индија и Пакистан. Светот повторно е во тежок стрес, стравувајќи дека доколку судирот ескалира во војна, таа би можела да има катастрофални последици не само за тие две земји, не само за тој средноисточен регион, туку и многу пошироко. Попусто инстантно не излезе во јавноста генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, кој предупредувајќи дека тензиите меѓу двата јужноазиски соседа достигнале „највисоко ниво во последните години“, повика на максимална воена воздржаност (и од Индија и од Пакистан), но длабоко сериозно порача дека „светот не може да си дозволи уште една голема воена конфронтација“.

Почеток на воениот судир меѓу двете нуклеарни сили – Индија и Пакистан

Завчера (среда), во раните утрински часови по локално време, Индија ја започна воената операција „Синдор“. Наративот пласиран за јавноста беше дека Индија интервенира против „терористичка инфраструктура“ во Пакистан, како и во пакистанскиот дел од Кашмир. Всушност, операцијата „Синдор“, според официјален Њу Делхи, е „одговор на масакрот на 26 лица индиски туристи што беа убиени минатиот месец кога вооружени лица го нападнаа градот Пахалгам во индиски Кашмир. Официјален Делхи изјави дека цел на нападите биле точно девет локации, но исто така тврди и дека не бил погоден ниту еден пакистански цивилен, економски или воен објект.
Името на операцијата „Синдор“ е според црвената боја „цинобер“, а се однесува на црвениот прав што многу хинду жени го носат на челото по стапување во брак. Имено, инспирација за називот, според медиумите, било што по извршениот масакр над индиските туристи во Пахалграм, во април, „повеќе индиски жени останале вдовици“.

Одговор на Пакистан

Веднаш по почетокот на индиската операција „Синдор“, Пакистан се закани со одмазда за индискиот напад и веќе има изјави во јавноста дека пакистанските вооружени сили собориле пет индиски воени авиони.
Во врска со операцијата „Синдор“, Пакистан прикажува поинаква слика за индискиот напад, тврдејќи дека се убиени цивили и дека се погодени џамии. Портпаролот на пакистанската војска изјави дека шест локации биле погодени од 24 напади. Некои од тие напади ја погодиле густо населената покраина Пенџаб, со што тие биле „најдлабоките индиски напади во Пакистан од 1971 година“, кога двете земји воделе една од своите четири војни. Како што споменавме, според одредени локални медиуми, пакистанските безбедносни извори тврдат за јавноста дека за време на индискиот напад собориле пет индиски авиони и едно беспилотно летало.
Изворите за медиумите не се доволно прецизни за да ја посочат локацијата каде точно биле соборени авионите – но подвлекоа дека „меѓу соборените авиони имало три француски „рафали“. За потсетување, борбените авиони „рафал“ Индија ги купи од Франција само пред неколку години. Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф во средата изјави дека земјата „има секакво право“ да одговори, нарекувајќи ги постапките на Индија „чин на војна“. Пакистан затвори делови од својот воздушен простор. Неколку големи меѓународни авиокомпании избегнуваат летови над Пакистан, додека неколку индиски авиокомпании пријавија прекинати летови и затворени аеродроми на северот од земјата. Р.С.


Кратко за регионот Кашмир, како постојано безбедносно жариште

Кашмир, кој е претежно населен со муслимани, е жариште во односите меѓу Индија и Пакистан откако двете земји добија независност од Велика Британија во 1947 година.
Од поделбата на британската колонија Индија произлегоа две држави: Индија, со хиндуистичко мнозинство, и Пакистан, со муслиманско мнозинство. Двете држави тврдат дека регионот Кашмир, лоциран помеѓу нив, им припаѓа ним. Сега, поделениот регион Кашмир е едно од најмилитаризираните места во светот. Трите претходни војни околу Кашмир беа крвави, во последната од 1999 година, според најконзервативните процени, бројот на убиени пакистански војници е повеќе од илјада.
Индија долго време го обвинува Пакистан дека таму им нуди засолниште на милитантни групи што вршат прекугранични напади, што Исламабад долго време го негира.
Во децениите што следуваа, милитантните групи се бореа против индиските безбедносни сили, а во насилствата беа убиени десетици илјади луѓе. Двете земји се судрија неколкупати, последен пат во 2019 година, кога Индија изврши воздушни напади во Пакистан откако за самоубиствениот напад со автомобил-бомба во регионот беше обвинет Исламабад.
Но овие индиско-пакистански конфликти никогаш не ескалираа во тотална војна. Двете страни се свесни за ризиците. Од 1999 година двете земји работеа на зајакнување на своите војски, вклучувајќи и вооружување со нуклеарно оружје. Овој пат, повторно, искричењата стартуваа во Кашмир, а светот се надева дека судирот ќе заврши само на ова.


Реакции од светот: Глобална тревога

Индиско-пакистанскиот судир предизвика глобална тревога, со апел од повеќе меѓународни институции и лидери до двете држави да спречат понатамошна ескалација.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изрази „длабока загриженост“ поради индиските напади, предупредувајќи дека светот „не може да си дозволи воен конфликт“ меѓу двете држави.
Соединетите Американски Држави – кои минатата недела ги повикаа двете земји на воздржаност – изјавија дека „внимателно ги следат случувањата“.
– Свесни сме за извештајот, меѓутоа во овој момент немаме никаква процена да понудиме. Ова останува ситуација во развој и внимателно го следиме развојот – соопшти Стејт департментот.
Кина, Обединетите Арапски Емирати и Јапонија исто така ги повикаа двете страни на деескалација. Р.С.