Европските земји би имале проблеми со распоредување дури 25.000 војници во Украина како дел од предложените мултинационални „одвраќачки“ сили, што е многу помалку од целта од 64.000 војници предложена од британските воени претставници, објави британскиот весник „Тајмс“, повикувајќи се на неидентификувани европски одбранбени извори
Осврт на „Тајмс“ во врска со плановите на т.н. европска Коалиција на подготвените:
Предложениот план на таканаречената европска Коалиција на подготвените, да распореди воени трупи во Украина, е ставена на испит поради загриженост на ЕУ плус Британија, за капацитетот, ризиците и евентуалното мировно решение меѓу Украина и Русија. Коалицијата на подготвените, предводена од британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, имаше цел да создаде и да стави во функција една мултилатерална вооружена формација што, според нив, „би помогнала во обезбедувањето на Украина во случај на мировен договор, би ја поддржила воената аспирација и би создала долгорочно одвраќање од понатамошни руски напади“.
Коалицијата на подготвените во повеќе наврати дискутираше за услови за обезбедување стратегиски локации на копно, воздух и море. Повеќе од 30 земји изразија интерес за учество, а најмалку шест се наводно подготвени активно да влезат во проектот.
Наводно, според извори на „Тајмс“, началникот на британскиот Генералштаб за одбрана, Тони Радакин, отворено ги прашал европските земји дали може да се организира сила од 64.000 војници? Британија понудила воена партиципација со 10.000 војници и опрема. Франција, исто така, одговорила дека ќе одговори со ист број вооружени трупи.
Но, според извори на „Тајмс“ информирани за состанокот на коалицијата деновиве во Брисел, неколку министри за одбрана неофицијално потврдиле дека ЕУ всушност грчевито „се бори да обезбеди едвај и 25.000 војници“, наведувајќи го недостигот од персонал и средства. Еден висок функционер за „Тајмс“ ја опишал целта од 64.000 како недостижна, доколку не се приклучат оружените сили на САД.
Коалицијата на подготвените излезе дека е коалиција на неподготвените
„Тајмс“ во својот осврт по ова прашање пишува дека Естонија и Финска изразиле загриженост во врска со „проблемите со ротацијата на трупите, логистиката и потенцијалната ранливост на граничната одбрана“. Натаму, литванскиот министер за одбрана Довиле Сакалиене наводно ја критикувал ограничената посветеност на ЕУ, предупредувајќи: „Ако не можеме да собереме ниту 64.000, тоа не изгледа слабо – туку, навистина е слабо“.
Исто така, Полска, Италија и Шпанија веќе ја отфрлија можноста за распоредување трупи, додека Финска и Германија генерално се противат, пишува „Тајмс“.
„Тајмс“ претходно објави дека британските и француските сили ги намалиле своите амбиции во плановите.
За потсетување, првичната амбициозна рамка, која вклучуваше заштита на украинските градови, пристаништа и нуклеарни централи, се преиспитува и длабоко се менува, при што се сведува на некои минимални рамки, како што е на пример некакво „поограничено присуство“.
На 25 април, „Телеграф“ објави дека САД се отворени за поддршка на коалицијата преку разузнавање и логистика, но никако не беа ветени војници од САД.
Британскиот премиер Кир Стармер повика на посилни обврски од страна на САД, предупредувајќи дека без нив, одвраќачката вредност на коалицијата можеби нема да биде одржлива. Р.С.