Од творештвото на писателот Пени Трпковски

Утре е Ѓурѓовден, утре свирките ќе јачат на сретсело, утре ќе пеат на лулката, утре јас ќе бидам многу радосен…
– Клопр-клуп! Клопр-клуп! – тропкаат клопотарците на овците додека ги носам по патот дома.
– Оррр! – викам и се мачам да бидат што подобро наредени. Напред ги води козата Белка и стомакот ѝ е како на тиква.
Дандун! Дан-дун! – ојачува нејзиниот ѕвонец. По неа одат овците наредени како војска. Сонцето не е зајдено и овчарите ги носат малку порано. А зошто?
Утре е Ѓурѓовден! Дворовите и сокаците ги метат, ги чистат, а вратите ги украсуваат со зелени гранчиња.
– Утре е Ѓурѓовден овчички! Утре јас нема да бидам со вас, утре Манчо нема да подлавнува на вас, утре вие ќе бидете смешани со овците на вујко ми, а јас ќе бидам дома, ќе ги обујам чевлите што бај Лини ќе ми ги даде…
Знам, утре уште рано ќе дојде и ќе свика:
– Никола, дома ли си? О, Никола!
Јас ќе истрчам и ќе го пречекам на портата.
„Колку убави чевли!“ – ќе речам, а тој се насмевнува и ми ги подава. Златен бај Лини, златен бај Лини!
„Мамо, мамо!“ – ќе истрчам потем кај мама. „Гледај колку убави чевли“! Таа ќе се насмевне, а јас ќе ги обујам и фрц. Фрц – крцкаат како снег низ одајата.
„Мамо гледај“ – ќе ѝ речам. „Убави се нели?“
„Убави се!“ – ќе рече таа и јас ќе одам на лулката. Нели овчички, на лулката? Ех, колку е убаво таму! Момите се собрале, лупат од прачките и ни подвикнуваат.
„Ајде деца, помагајте! Ако сакате да ве луламе!“ и ние залупуваме со заби и – фрц! – наеднаш ја излупуваме кората до горе до долу. И така сѐ додека не излупиме цели купишта прачки. Нели, овчички?
Потоа момите ќе се соберат и – плети, плети, додека не го исплетат целото лико. Потем ќе гонарамат и ајде на Костиниките, ќе ги стават лулките и готово! Ќе се качи прво Ѓорѓија, ќе го за лулаат другарите и ќе го маткаат дури до вршката, а тој „Иху-хуу!“ – вика. Момите, малку понастрана, се собрале и му пеат. Нели овчички? Му пеат за девојката што ја….
Ихааа! Се сетив. И мене лани кога ме лулаа, ми запеаја една песничка:
„Кољче се лула, оп, оп, оп!
Ринка го гледа, оп, оп, оп!“
Јас погледнав во Ринка и таа поцрвене од срам. Мене ми се заслади и не сакав да се симнам од лулката.
„Лулајте ме уште!“ – викав, а тие фр-фур, фр-фур! – ме маткаа дури до вршката. „Пејте ми уште!“- им викнав на момите.
– Ајде бе краставо прле!“ – ми рече братучед ѝ на Ринка. „Уште не си ги измил нозете, па сакаш девојки да ти пеат!“
„Боже, боже, колку ме засрами тогаш! Момите ми се смееја, а јас избегав дома навреден“.
Рррррр! Ајде Манчо, лавни и подзапри ги малку. Уште е рано, сонцето сега заоѓа зад Ниџе.
– Беее! – заблеа една овца до мене.
– Шушт, Ѕвиска. Јагненцето те чека и ти убаво ќе го надоиш, само полека.
Еве свиркаат и други овчари. И тие подраниле за утре, ама нема да бидат како мене. Утре јас ќе бидам поубаво облечен, а не како лани. Сега убаво ќе ги измијам и нозете, дури со сапун, та воопшто да немаат рѓа. После ќе се облечам, ќе ги обујам чевлите што бај Лини ќе ми ги подари и де, море, де! Сите ќе гледаат во мене. Тогаш не ќе може да ме навреди братучедот на Ринка.
А таа?
Кога ќе се качам на лулката и кога ќе ми ја запеат пак неа, има да се перчи од радост! Ќе си вика: „Ги згази сите по убавина!“ – и ќе го прикраднува окцето за да ме погледне. Нели овчички? Ајде сега, рррр!
Утре е Ѓурѓовден, утре ќе добијам нови чевли од бај Лини… Ајде овчички полека, веќе наближуваме дома. Ама чекајте, што гледам! Па тој е пред нашата порта. Ене ми се насмевнува. Бездруго сега ги донел чевлите. Ех бре, бај Лини!
– Ајде овчички, сега малку побрзо, јагнињата ве викаат. Ајде побрзо, да ве затворам во стргата…
– Остави ги Никола, јас ќе ги затворам! – ми мавта со рака бај Лини. Потрчувам кон него и сакам да го прашам дали ги донел чевлите, ама тој ми ги погодува мислите и вели:
– Не бев на пазар, Никола, не бев….
– Ах, бре бај Лини. Зошто тогаш ми викаше: „Паси ми ги овците Кољче, ќе ти купам чевли, а?“ – и ми потекоа солзи.
Утре е Ѓурѓовден, утре свирките ќе ечат сретсело, утре очите на Ринка ќе ме бараат на лулката, утре јас ќе бидам тажен!…

(Од книгата „Приказни од Саракиново“)


За авторот

Пени Трпковски (1939-2013 г.) е роден во селото Саракиново, егејскиот дел на Македонија. За време на Граѓанската војна во Грција, во 1946 година, бил принуден со група бегалци од селата што припаѓаат во Мегленската Област да ја помине границата и засекогаш останал да живее во Македонија.
Основно образование завршил во Демир Капија, а гимназија во Прилеп. Уште како ученик почнал да пишува детски песни, раскази, легенди и романи. По завршувањето на школувањето се вработува во книгоиздателството „Детска радост“ како уредник. Соработувал и со „Титов пионер“, „Другарче“ и со „Наш свет“. Долго време Пени Трпковски беше главен и одговорен уредник на списанието „Народна просвета“ и на детското списание „Радост“.
Објавил повеќе книги со раскази и романи, меѓу кои и првиот македонски роман во писма со наслов „Писмата на една жена“ (1971 г.), првиот македонски научнофантастичен роман „Далечно патување“ (1972 г.) и книгите за деца „Шепотот на ѕвездите“ и „Последната солза на мајка ми“. Писателот Трпковски е автор и на романот „Среќа“ и на книгата раскази „Ринка“, посветени на Граѓанската војна во Грција. Негова последна книга за најмладите читатели е „Приказни од Саракиново“, која наиде на одличен прием, бидејќи опфаќа теми од секојдневните игри и доживувања на децата во неговото родно село. Неговите дела се преведувани на неколку странски јазици.