Сахара денес е бескрајна песочна пустина – негостољубива и сурова, лишена од живот. Сепак, пред неколку илјади години, овој простор беше сосема поинакво место. Во времето познато како африкански влажен период, кој траел од околу 14.800 до 5.500 година пр. н.е., Сахара била зелена, богата со вода, полна со езера, мочуришта и со живот. Тоа беше савана во полн цут – плодна земја каде што луѓето можеа да ја обработуваат почвата, да ловат, да одгледуваат добиток и да градат заедници.
Неолитските народи живееле во овој зелен простор, а оддалеченото место во југозападна Либија, познато како пештерското засолниште Такаркори, сега е епицентар на археолошка револуција. Таму биле пронајдени две мумифицирани жени, овчарки што живееле пред повеќе од 7.000 години. Нивните останки, чудесно зачувани од сувите сахарски ветрови, ѝ донесоа на науката откритие какво што ретко се гледа – генетски материјал, кој не само што преживеал милениуми туку е и сосема изненадувачки по своето потекло. Експедиција од меѓународни експерти, предводена од д-р Нада Салем, археогенетичар од институтот за еволутивна антропологија „Макс Планк“, успеа да изолира фрагменти од древна ДНК од мумифицирани тела и покрај тешките услови. Се покажа дека оваа ДНК не се совпаѓа со ниедна позната генетска лоза на современите луѓе – ниту со Африканците, ниту со Европејците, ниту со која било друга позната популација до денес, објавува порталот „Слободен Јупитер“.
– Очекувавме да најдеме генетски сличности со некои современи народи од Северна Африка, но она што го откривме укажува на сосема поинаков генетски профил – рече д-р Салем.
Овие жени немаат заедничка ДНК со современите луѓе – ова значи дека припаѓале на популација што оттогаш целосно исчезнала од лицето на Земјата. Ова зачудувачко откритие отвора многу прашања. Кои биле овие луѓе? Каде исчезнаа? Дали воопшто имале контакт со други популации? Некои експерти сугерираат дека можеби станува збор за изолирана група што не оставила потомци во денешното население. Други дури шпекулираат дека е можно овие неолитски жители да се потомци на многу постари миграции надвор од познатите текови на човечката еволуција. Во секој случај, генетската анализа на мумиите од Такаркори ќе има далекосежни последици за разбирањето на човечкото минато во Африка и пошироко.