Усвојувањето на македонската азбука и на македонскиот правопис во 1945 год. претставуваат круна на македонската борба за самостојност и постоење. А тоа овозможи да се раскрили македонскиот творечки ген во животот, литературата и во културата како пат за нашиот „силно светнат ден“, како што пееше бесмртниот Кочо Рацин. Да не дозволиме да ни го испоганат, погазат, негираат или да ни го одземат мајчиниот македонски јазик, зашто без него сме никој и ништо

JУБИЛЕЈ: 80 ГОДИНИ ОД УСВОЈУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКАТА АЗБУКА – 5 МАЈ, И НА МАКЕДОНСКИОТ ПРАВОПИС – 7 ЈУНИ 1945 ГОДИНА (1945-2025)

Епските борби на македонскиот народ за своја слобода и држава низ вековите преку Кресненското, Разловечкото и Илинденското востание биле круна што на најдобар можен начин се поставила на 2 август 1944 година. Во четиригодишната борба во Втората светска војна против бугарскиот и италијанско-албанскиот окупатор и неговите домашни слуги и соработници, македонските партизани на дело ја покажаа и докажаа својата храброст, дека се победници и дека слободата ја крунисуваат со прогласување на современата македонска држава како рамноправна членка на антифашистичката коалиција во заедница со новата авнојска југословенска заедница.

Одлики со трајна историска вредност

Сведок на таа победа е манастирот „Св. Прохор Пчински“ каде што се собрале делегатите, македонски партизани, и го одржале Првото заседание на АСНОМ, донесувајќи неколку историски одлуки, односно решенија што се вградени во темелите на слободната македонска државност. Тоа се: Македонија се конституира во демократска држава на македонскиот народ и на малцинствата што живеат во неа, а македонскиот јазик се воведува не само во администрацијата туку еднакво и во воспитно-образовниот систем, односно во животот на новата слободна држава, а во неа неприкосновени ќе бидат човековите права, правото на вероисповед и др.
На Првото заседание на АСНОМ што свечено го отворил најстариот делегат, познатиот револуционер од двата илиндена учителот Панко Брашнаров, по што биле прочитани донесените трајни одлуки решенија за конституирањето на идната сѐ уште целосно неослободена македонска држава, зашто последниот ослободен град од германско-балистичките банди е градот Тетово, на 19 ноември 1944 година.
Пред 116 пратеници собрани од сите делови на Македонија, на заседанието се обратил и делегатот партизан Емануел-Мане Чучков, кој недвосмислено ја нагласил потребата од што е можно побрзо кодифицирање на македонскиот јазик со усвојување македонска азбука и македонски правопис, но и издавање учебници на мајчин македонски јазик за учениците, како и максимален опфат на децата со основно образование, но и организирање аналфабетски курсеви за забрзано описменување на неписменото македонско население (дури 75 отсто од него било неписмено), што е можно побрзо создавање учителски кадар и издавање учебници на мајчин македонски јазик.

Потребите диктирале донесување привремена македонска азбука

Бидејќи ослободувањето на Македонија одело постапно, тоа практично значело и почнување со работа на основните четриригодишни училишта во ослободените градови и села. Многу делови на Македонија полека се ослободувале, а со тоа и забрзано се отворале и почнувале со работа основни училишта уште пред да се одржи Првото заседание на АСНОМ. Тоа придонело на воспитувањето и образованието на децата да му се посветува сериозно и нагласено внимание и да се работи за задоволување на потребите на новооформените училишта.
Фактот дека сѐ уште се воделе борби со окупаторот, формираните нови народноослободителни одбори на веќе ослободените територии веднаш ја започнале својата засилена активност и на планот на образованието преку масовно отворање и почнување со работа на основните училишта. Така, уште есента 1943 год., воденичарот Васил Лазоровски ги собрал децата и почнал да ги учи во училиштето во селото Подвис, Кичевско, додека пролетта 1944 год. масовно проработиле основните училишта во селото Слатино, каде што учител станал младинецот Ѓорѓија Блажевски, во селото Осој учител бил борецот Томо Кутурец, во селото Издеглавје оваа работа ја започнал Боро Китановски, во селото Оздолени учител станал Кочо Симјановски, а во градот Дебар учител што го организирал почнувањето со настава бил Марко Шулајковски, додека учител во тоа време станал и најмладиот партизан, 16-годишниот Разме Малески од Струга и др.
Точно поради овие насушни потреби да не губат децата учебни години, таму каде што била ослободена територијата, како што било во Кичевско, Дебарско, во славна Дебарца и на други простори масовно почнале да се отвораат и да работат партизанските основни училишта, за првпат во својата историја на мајчин македонски јазик. Бидејќи немало учебници на македонски јазик, младите партизани учители ја изведувале наставата по мајчин македонски јазик служејќи се со одделни издадени прогласи, соопштенија и извештаи, кои биле печатени на македонски јазик, во наставата ги користеле и партизанските весници што повремено излегувале, додека максимално се служеле со двете книги со македонски партизански песни што ги собрал и отпечатил прославениот поет Кочо Рацин во партизанската печатница во Лопушник кај Кичево.
Оттука, на Второто заседание што се одржало на 6 август 1944 год. во селото Рамно, Кумановско, Президиумот на АСНОМ, а за потребите не само на училиштата што веќе почнале со работа на слободните територии туку и за следните што допрва ќе се организирале на слободната територија на Македонија, која постојано се проширувала, младите учители за да имаат што да работат со децата, била донесена одлука да се состави привремена азбука на македонскиот јазик. Оваа задача ја извршила групата во која биле вклучени партизаните борци Владо Малевски-Тале, Киро Хаџивасилев, Даре Џамбаз, Илија Топаловски-Аврам и др. Привремената македонска азбука, која била прифатена од Поверенството за народна просвета при Президиумот на АСНОМ, на 6 август 1944 год. во селото Рамно, Кумановско, имала 25 букви графеми. Истата таа со писмо била веднаш испратена за примена до трите области во Скопје, Битола и во Штип, за понатамошна употреба во партизанските основни училишта што требало да почнат со работа.

Усвојување на македонската азбука и на македонскиот правопис

Новата македонска народноослободителна власт во 1944/45 год. тргнала во конкретна реализација на многуте претстојни задачи, а тоа биле: усвојување на конечната македонска азбука и на македонскиот правопис, итна поправка на разрушените згради на училиштата и изградба на нови, организирање курсеви за обезбедување доволен број квалификувани учители, како и издавање учебници на македонски јазик и на јазиците на малцинствата: албански, турски и српски јазик, како и организирање максимален опфат на децата во основните училишта и др.
За таа цел, односно за решавање на прашањето за македонската азбука и правопис била формирана комисија од 10 члена, меѓу кои бил најмладиот дипломиран филолог, 24-годишниот Блаже Конески. Комисијата имала за задача во ноември и декември 1944 год. да изготви и да предложи на усвојување македонска азбука и македонски правопис. Комисијата што работела последните два месеца во 1944 год. ги изготвила двата документа, но нејзините предлози не биле прифатени од Президиумот на АСНОМ. Поради тоа била формирана втора комисија во која како членови влегле драмскиот писател и филолог Васил Иљовски, филолозите професори Крум Тошев и Мирко Павловски, потоа поетот Венко Марковски и филологот Блаже Конески (кои биле членови и во првата комисија) како и Иван Мазов, Густав Влахов, Владо Малески, Киро Хаџивасилев и Илија Топаловски. Оваа комисија, која работела во првите месеци од 1945 год., успешно ја составила македонска азбука, од 31 буква графема (за секој глас и буква), според фонетскиот принцип. Овој предлог за македонската азбука веднаш бил прифатен од Президиумот на АСНОМ на 3 мај 1945 год., а решението за нејзино усвојување го објавила „Нова Македонија“, првиот дневен весник на македонски јазик во слободна Македонија, во тробројот од 4,5 и 6 мај 1945 год. Датумот 5 мај подоцна е прогласен за општонароден празник како Ден на македонскиот јазик. Усвоената македонска азбука го има овој состав од ракописни и печатни букви: А-а, Б-б, В-в, Г-г, Д-д, Ѓ-ѓ, Е-е, Ж-ж, З-з, Ѕ-ѕ, И-и, Ј-ј, К-к, Л-л, Љ-љ, М-м, Н-н, Њ-њ, О-о, П-п, Р-р, С-с, Т-т, Ќ-ќ, У-у, Ф-ф, Х-х, Ц-ц, Ч-ч, Џ-џ и Ш-ш.
Во комисијата што ја изготвила и предложила македонската азбука истакната улога имал Блаже Конески, кој како дипломиран филолог, лингвист и славист се залагал за достојна примена на принципот на Крсте Петков Мисирков изложен во неговата многу значајна книга „За македонските работи“, објавена во 1903 год. Мисирков предлагал за основа на македонскиот литературен јазик да се земат централните говори и да се вградат во неговата кодификација. Во втората комисија што ја составила азбуката, како што може да се види, пет члена припаѓале и на првата јазична комисија, меѓу кои биле потврдените професори Крум Тошев, Васил Иљовски, Мирко Павловски, Блаже Конески и поетот Венко Марковски.
Втората комисија ја продолжила својата работа и на 7 јуни 1945 год., кога во весникот „Нова Македонија“ било објавено решението за усвоениот Македонскиот правопис. Него го изработиле Блаже Конески, кој напишал три прилози, и Крум Тошев, кој е автор само на еден прилог. Македонскиот правопис веднаш бил објавен како брошура на 20 страници од страна на Министерството за народна просвета, на чие чело бил Никола Минчев, и самиот учител.

Празник над празниците со вечна порака

Оваа прва, секако, и најзначајна историска придобивка – усвојувањето на македонската азбука и на македонскиот правопис, со што била извршена и кодификацијата на македонскиот литературен јазик, била примена со воодушевување меѓу македонскиот народ, а тоа најдобро може да се прочита во објавениот текст веднаш по нивното прогласување од тогашниот министер Никола Минчев. Тој во текстот објавен во „Нова Македонија“, на 7 мај 1945 год. со наслов „Нашата азбука“, го пишува и следното: „Утврдувањето на нашата азбука ќе придонесе и за сузбивањето на последните реакционерни и ненаучни разбирања дека македонскиот јазик е само еден дијалект на српскиот или на бугарскиот јазик. Тоа ќе биде уште еден удар по остатоците на хегемонистичката големобугарска и големо српска клика. Ние со тоа добиваме уште еден доказ за самобитноста на македонскиот народ. Но, во исто време, со сегашната азбука која ја изразува наполно научната структура на нашите централни говори, а кои стекнаа право на наш литературен јазик, одлучно се удира и по сите искривувања кои зад себеси криеја сепаратистички тенденции“.
На 3 јуни 1945 год., а во пресрет на усвојувањето на првиот македонски правопис, Блаже Конески, во текстот со наслов „За македонскиот литературен јазик“, објавен во дневниот весник „Нова Македонија“, го истакнува и следното: „Со поезијата на Кочо Рацин, Венко Марковски и Коле Неделковски дефинитивно се утврдија централните македонски говори во основата на македонскиот литературен јазик. Централните македонски говори го опфаќаат прилепско, битолско, велешко и кичевско а стојат во тесна врска со говорите по на запад, така што во поширока смисла може да се зборува за еден западно-македонски дијалект. Тука има најголеми градишта и најкомпактното македонско население. Развивајќи се подалеку од центарот на српскиот и на бугарскиот јазик, речените говори имаат излачено најмногу типично македонски црти“.
Од сето она што е содржано во македонската азбука и во македонскиот правопис, може да се заклучи дека во кодификацијата на македонскиот литературен јазик се вградени кирилометодиевските и климентовохридските основи, а преку залагањата и предлозите од Ѓорѓија Пулевски, Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски од лозарите, во него се вградени ставовите и мислењата на преродбениците и просветителите од сите векови, затоа и азбуката и правописот претставуваат вистински национален белег, израз и дух на македонскиот народ, кој трајно и неуништливо опстојувал во македонскиот народен говор и патувал заедно со македонскиот код и историските традиции низ вековите до денешни дни. За учеството и за творечките заложби на Блаже Конески во кодификацијата, развојот и афирмацијата на нашиот македонски литературен јазик, академик Блаже Ристовски го истакнува следното: „…Со водечки ангажман на лингвистот Блаже Конески, започнува регуларниот развиток на современиот македонски стандарден јазик“. Признание што заслужува секакво внимание.
Најдобра потврда за тоа, пак, наоѓаме во изречената мисла на Блаже Конески, кој за век и веков нѐ предупредува, но и како аманет ни ја остави следната порака: „За нас повеќе од колку за многу други по светот, јазикот претставува, со сѐ што е во него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување кон идеалната татковина, тој е заправо, единствената наша комплетна татковина“. Едноставно, величествено и трајно. За паметење…

Мишо Китаноски