Кодификацијата на македонскиот јазик – од Партение Зографски, преку лозарите и Крсте Петков Мисирков, до Блаже Конески

Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зар не дишиме воздух сите еднакво?
Па тогаш како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?

Кирил Филозоф

Македонскиот литературен јазик е факт! Исто како што и суштествувањето на македонскиот народ е факт. И повторно, сѐ е до јазикот! До историскиот портрет на македонскиот литературен јазик. Хронолошки гледано, од Светите браќа Кирил и Методиј, од нивните ученици, Светите Климент и Наум Охридски, преку школата на Димитрија Миладинов и преломниот кодификаторски подвиг на Крсте Петков Мисирков, до Коста Рацин, Никола Вапцаров, Коле Неделковски и Блаже Конески, тоа е портрет на македонскиот јазик, од монаси, преку етнографи до лингвисти. Од црковни преку граѓански учители и гимназиски професори. Просветители, учебникари, собирачи на творбите на македонскиот фолклор. Преродбеници, револуционери и државници. И така сѐ до Решението на АСНОМ за јазикот од 2 август 1944 година и Решението за македонската азбука донесено на 5 мај 1945 година.
За нив и нивното дело нема што да се докажува, бидејќи македонскиот јазик е колепката на македонската нација и е основниот белег на македонската самобитност и македонскиот идентитет. За нас, како според записите на сите македонски преродбеници од 19 век така и според расудочните препораки на мудрозборците во нашиот културен простор, од Јоаким Крчовски, Кирил Пејчиновиќ, Теодосиј Синаитски, преку Димитар Миладинов, Партение Зографски, Јордан Хаџи Константинов–Џинот, Григор Прличев, Константин Миладинов, Рајко Жинзифов, Ѓоргија Пулевски, лозарите, до Крсте Петков Мисирков, Коста Рацин, Блаже Конески, Круме Кепески, нацијата и јазикот се синоними, а јазикот и татковината единство без кое не се може.
Во 19 век Македонија нема своја државна форма. Но и покрај сите тешкотии, македонскиот народ успева да се формира како нација. Во осмислувањето и насочувањето на тие процеси активно учествува и литературата/книжевноста, која дава голем број еманципаторски идеи, кои постепено, ама сигурно, се претвораат во различни форми на општествена свест, која е главниот фактор за развој и напредок. Нашите дејци и творци како да започнаа со слоганот „Запознај се себе си“, продолжија со мислата повик на Гете за повеќе светлина, а финишираа со мислата на Хумболт, дека единствена татковина е јазикот. На тој начин тие преку своите книжевни творби се претставија како учесници во историските процеси, во чие осмислување ги внесоа сето свое знаење и умеење, па се внесоа дури и самите себе.
Немањето сопствена држава е голем хендикеп, ама не толкав за да не може да се пронајде форма за опстојување во просветата, јазикот и црквата, кои се покажаа како клучни заштитници на националната идеја, посебноста и опстанокот. Времето покажа дека македонскиот јазик и духовната традиција беа составни елементи преку кои Македонците го барале и го нашле својот произнес во услови на постојан и агресивен притисок од соседните ентитети и етникуми (Грција, Бугарија, Србија).
Уште на крајот од 18 век се појавиле текстови што сведочат дека народно-јазичната форма на македонскиот јазик, освен во говорна, се јавува и во писмена форма. Тие текстови се најава за јазичните процеси што ќе се случуваат во 19 век. Говорниот јазик постепено навлегувајќи во писмениот јазик, до крајот на 19 век ја достигнува својата доминација, покривајќи разни литературни жанрови. Еден од најстарите споменици во кој се забележува навлегувањето на народниот јазик во црковните документи е Тиквешкиот зборник, кој датира од 16/17 век. Во јазикот на овој зборник се забележуваат елементи од народната реч. Сепак најмногубројни се дамаскините, ракописи во кои има елементи на народниот јазик. Тоа се зборници од приказни, легенди и христијански црковни проповеди. Нив ги дополнуваат и лечебниците и ерминиите, исто така пишувани на народен јазик. Тука може да се спомне и Четиријазичникот на Данаил Москополски отпечатен во 1802 г. Тоа е речник на четири јазика во кој како словенска паралела е даден охридскиот говор од почетокот на 19 век.
Првата половина на 19 век е период кога се диференцира граѓанската класа во Македонија и паралелно со тој процес се јавуваат и почетоците на културната преродба на македонскиот јазик. Тоа се одразува и на културно-просветен план, па така, се развива уметноста, се создаваат црковно-просветни општини, во кои се води сметка за црквата и училиштата. Тогаш отпочнуваат и многубројните иницијативи за обновување на Охридската архиепископија, а отпочнува и пробивот на народниот јазик во писмена употреба. т.е замена на црковнословенскиот јазик со народен. Само по себе се наметнува и прашањето на посебен литературен јазик на Македонците – јазик лесно достапен и разбирлив за сите и јазик што ќе претставува обединувачки фактор за целата јазичноетничка територија.
Овој процес доаѓа до својот врв (на првата фаза) во дејноста на првите наши писатели од почетокот на 19 век – Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски. Со печатењето на нивните книги, напишани на народен јазик, тој се зацврстува во книжевноста, со што се создава писмена традиција на народен македонски јазик. Нивните книги одговараа на потребата за прочит на јазик разбирлив за народот. Истовремено нивните дела придонесоа во утврдувањето на свеста дека на тој јазик може да се создава писменост и литература. Тоа беше целосна победа на македонскиот народен јазик.
Истовремено, тие ги спроведуваат и првите будителски акции преку книгата. Крчовски, Пејчиновиќ и Синаитски ги пуштаат во оптек и првите просветителски идеи во Македонија. Така, Крчовски, во „Различна поучителна раставленија“ советува дека книгата е поучна „зошто од читање и слушање слово божие голема сила и спасение бива“. Според него, ништо не може да биде толку добро колку што бива добро од читање книги и додава дека тие ја хранат душата и ѝ даваат живот. Пејчиновиќ, пак, во „Огледало“ (1816 г.) советува дека книгата е важен фактор за извлекување од заостанатост. И тој дава поуки за обичните луѓе, при што заклучува „се на писание висит – да не е писмо се би се заборавело“.

Џинот, Жинзифов, Партение и лозарите – предвесници на Мисирков

Почетокот на 19 век е период кога Македонија е потоната во тежок мрак и простор каде што многу белези на традицијата се опустуваат, па Пејчиновиќ ја смета својата животна мисија како борба за повеќе светлина, борба за општонародно просветување. Значи, монасите и учителите спроведуваат благородна татковинска задача да ја извлечат земјата од заостанатост, од состојбата за која Јордан Хаџи Константинов-Џинот ќе ја спореди со пропаднатост во девет педи простотија. Ама и ќе запише: „Литературниот јазик не е никој друг, ниту пак треба да е друг, туку суштиот тој. Кој!? Народниот јазик. – Значи, живиот јазик на кој народот зборува“.
А години пред него, во „Утешение грашним“, Пејчиновиќ користи поголема слобода на изразот, а како јазична основа е употребен тетовскиот говор. Овие автори несвесно отвориле неколку важни процеси на македонскиот јазик. Го сублимирале отпечатокот останат длабоко во колективната меморија што се јавува како рефлексија на духовните и на културните вредности, кои со векови биле потиснувани, како од поробителот Отоманската Империја (економски и социјален) така и од духовниот насилник олицетворен во Цариградската патријаршија и грчката буржоазија. Тогаш за првпат отпочнуваат размислувањата за некаков литературен јазик во Македонија и тогаш почнуваат размислувањата и акциите за културна интеграција на Македонците. Овие раздвижувања овозможуваат да започне процесот на оформување првичен македонски литературен стандард.
Подоцна, во средината и втората половина на 19 век прашањето за нашиот литературен јазик се поставува веќе поодредено, поконкретно и поодлучно. Се јавуваат културни дејци и работници како што се предводникот на македонската преродба Димитар Миладинов („Јас го посеав семето, а вие бидете живи да го ожнеете неговиот плод“ – визија што ние ја живееме како реалност), Партение Зографски (прв наш човек со научна концепција за јазикот, кого го сметаат за духовен татко на Блаже Конески) и други доволно образувани и национално освестени за да ги поставуваат и третираат прашањата за културно-просветниот живот на македонскиот народ. Тие поведоа и дискусија каков треба да биде јазикот што ќе се употребува во македонските училишта, што значеше и поставување на прашањето за македонски литературен јазик. По ова прашање во 60-тите години од 19 век се јавија две струења: првото, кое се залагаше за компромисно решение, т.е. за создавање бугарско-македонски јазик, и второто, кое беше за самостоен пат на македонската национална преродба, а во тој контекст и за самостоен македонски литературен јазик. Така, од првата струја, Џинот бил за заеднички јазик со Бугарите, слично размислувал и Зографски, кој за основа на тој „среден“ заеднички јазик ги посочувал западномакедонските говори (при што во 12 точки ги дал главните карактеристики и специфичности на македонскиот јазик со кои тој се разликува од бугарскиот јазик), Жинзифов пишувал на македонски народен јазик со многу јазични особености на бугарските говори, русизми, србизми и црковнословенизми, а Прличев се залагал за еден вид словенски есперанто.
Од друга страна, Пулевски бил категоричен поборник за самостојно решавање на македонското прашање и имал кристално јасно становиште во врска со јазичното прашање. Според него, македонскиот јазик е посебен јазик и се разликува од бугарскиот и српскиот јазик. Тој е еден вид предводник на групата/движење на македонистите („ние сме Македонци, не сме Бугари“. Тој е македонски горостас, кому во борбената биографија македонскиот јазик му е на прво место (Димитар Пандев, 2022 г.). Истомисленици со него и со другите македонисти, една декада подоцна, се и членовите на Младата македонска книжевна дружина, т.е. лозарите, кои јасно ја истакнувале својата национална свест и се залагале за македонски јазичен стандард. Младата македонска книжевна дружина (1891 г., Софија) била раководена од охриѓанецот Коста Шахов, во 1892 г. го издала списанието „Лоза“, со сепаратистичка ориентација од Бугарија, наречени „сепаратисти“. Во трудовите објавени во списанието, македонските преродбеници употребувале посебни гласовни и правописни јазични карактеристики, со што промовирале посебен македонски јазик. Според списанието членовите биле наречени лозари, а движењето што го организирале лозарско движење. Во своите текстови лозарите се залагале за македонска национално-културна индивидуалност, со што изградувале нов македонски јазичен стандард. Поради тоа биле обвинувани за македонски национален сепаратизам. Од бугарските власти биле прогонувани, апсени и затворани. Истакнати членови се Спиро Гулапчев, Ефтим Спространов, како и дел од основачите на идната Македонска револуционерна организација: Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Христо Матов, Петар Попарсов, Иван Хаџи Николов, Коста Шахов, Ѓорѓи Баласчев, Димитар Мирчев, Христо Попкоцев, Александар Караѓулев, Ѓорѓи Белев, Андреј Љапчев, Тома Карајовов, Наум Туфекчиев, Војдан Чернодрински и други. Претставниците на оваа струја дале добра основа и насока за Крсте Петков Мисирков, Димитрија Чуповски и за Македонското научно-литературно другарство (1902г.), кои со своја комплетна национална програма ќе го воведат македонскиот јазик во службена употреба (Уставот на другарството и книгата „За македонцките работи“).

Мисирков во првите години на 20 век постави здрава основа за натамошна разработка и доработка на македонската стандардна јазична норма. Кодификацијата беше спроведена врз основа на принципот да се почитува народната основа на јазикот. Самото тоа што повеќе народни говори влегоа во основата на стандардниот јазик и во јазикот на народното творештво, не значеше дека тој јазик се ограничува само на еден говор. Основана и издржана е констатацијата дека кодификацијата на современиот македонски литературен јазик и правопис е започната и првично конституирана уште во 1903 година во рамките на МНЛД (Македонското научно литературно друштво) во С. Петербург. Македонското научно литературно другарство било формирано во 1902 г. во Петроград. Членови на другарството биле Димитрија Чуповски, Крсте Петков Мисирков, Христо Шалдев, Хаџијанов Симеонов Антон, Драган Константинов Кусев, Христо Шалдев и др. Ова другарство ја составува првата целосна, децидна и конкретна писмено дефинирана македонско-национална програма, која ја доставува до османлиските и руските власти во вид на меморандум и бара создавање автономна Македонија со службен македонски јазик. Креатор, научен фундатор и практичен реализатор на оваа кодификација на македонскиот јазик е К.П. Мисирков. Тој, уште како студент, три години пред издавањето на книгата „За македонцките работи“, ќе ја препознае македонската јазична матица и ќе ги разработи принципите на македонската азбука и на литературната норма, а со објавувањето на списанието „Вардар“ (1905г.) научно ја дефинира кодификацијата на македонскиот стандард, што со незначителни интервенции беше потврдена и озаконета во 1945 г. Фазата на слободниот развиток на современиот македонски литературен јазик и правопис, подоцна ја олицетворува филолошкиот резон на достојниот наследник на лозарите и Мисирков – Блаже Конески, кој со своето дело се идентификуваше со корените на вековните традиции на својот народ.
Сѐ е јасно. Македонски јазик, македонска нација, македонска држава – постојат. И да се знае: јазикот македонски е на првото место при националната идентификација. До него се етногенезата, т.е. потеклото на македонскиот народ/нација. И, секако, личното чувство за припадност на секој Македонец посебно и на сите заедно. Ама да се знае и ова: јазикот македонски и писменоста на населението се народот македонски и нацијата македонска.

Сотир Костов