На денешен ден, 5 мај 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик

На денешен ден, 5 мај 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик. Во историската приказна за буквите се содржани исклучителни примери за колективниот гениј на македонскиот народ и неговите јазични, книжевни, просветни и културни дејци. Проучувањето на буквите и азбуките, кои ги создавал и со кои се служел македонскиот народ, ги открива сета сложеност и богатство на македонскиот јазик во долгите временски процеси на неговата еволуција низ вековите и илјадалетијата. Азбуките се приказна за напорот, иновацијата и отпорноста на македонскиот народ наспроти обидите за негова асимилација и уништување, наспроти сите пропаганди насочени против македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската духовност. Буквите претставуваат повеќе од алатки за комуникација; тие ги поттикнуваат културата и традицијата. Буквите и азбуките се повеќе од само симболи; тие се прозорци во душата на македонскиот народ. Тие се одраз на македонскиот идентитет.

Историјат на настанувањето на денешната азбука

Комисијата за јазик и правопис е формирана од Президиумот на АСНОМ во ноември 1944 година, со цел да поднесе предлог за азбука и правопис на македонскиот јазик. Првата комисија не ги оформила целосно своите ставови. Со извесни измени во составот на комисијата, прашањето за азбуката и правописот е решено шест месеци подоцна, на 3 мај 1945 година. Комисијата за јазик и правопис ги поставила следниве важни принципи воопшто за македонскиот јазик и во тие рамки за азбуката и правописот: во македонскиот литературен јазик треба да се установат оние форми од централните говори што во најголем степен ќе ги поврзат сите наши говори и ќе бидат лесно приемливи за луѓето од сите наши краишта; во македонскиот литературен јазик треба до најголем степен да се изрази неговата народна основа; речникот на литературниот јазик да се обогатува со зборови од сите наши дијалекти, да се изградуваат нови зборови со живи наставки и само колку што е потребно да се усвојуваат и туѓи заменки; македонската азбука да биде составена од толку букви колку што има гласови во литературниот јазик; правописот да се изработи врз фонетскиот принцип.
Комисијата за азбука и правопис во дефинитивна форма ги формулира своите ставови во резолуција донесена на 3 мај 1945 година. Народната влада на Демократска Федеративна Македонија, по предлог на Комисијата за јазик и правопис при Министерството за просвета, донела решение за утврдување на македонската азбука, која има 31 буква. Современата македонска азбука се темели на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков. Некои ортографски знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ, иако Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови.
Азбуката е официјализирана на 5 мај, со објавување во весникот „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5 мај се смета за службен документ. Тробројот на весникот од 5, 6 и 7 мај 1945 година, редакцијата го подготвувала со посебно внимание. Во овој дотогаш најголем број се застапени текстови со различни теми од областа на јазикот, но најзначаен е документот со наслов „Решението на Народната влада на федерална Македонија за македонската азбука“. Првиот број на „Нова Македонија“ има историско значење како прв официјален документ во кој Блаже Конески го извршил нормирањето на јазикот. Кога станува збор за македонскиот литературен јазик и за азбуката, „Нова Македонија“, како еден од столбовите не само на македонската државност туку и на македонскиот јазик и култура, има дотолку поголема историска улога, бидејќи на неговите страници е објавена првата македонска официјална азбука.
По озаконувањето на македонската азбука следува и озаконување на македонскиот правопис. Потоа на 7 јуни 1945 се започнува и со издавање важни дела за наставата на македонски јазик: во учебната 1945/46 година првиот Буквар со читанка на македонски јазик за прво одделение, со кој почнува организираната настава по мајчин, македонски јазик во училиштата. Од печат излегува во 1946 година првиот учебник по граматика на македонскиот јазик од Круме Кепески. Се отпечатуваат потоа и првите читанки за основните и средните школи во Македонија.

Глаголицата – претходникот на денешната кирилица е создадена од Св. Константин-Кирил Филозоф врз основа на гласовниот систем на македонскиот дијалектен говор од солунскиот крај

Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем. Во својата научна студија со наслов „Македонската глаголица“, издадена во 2015 година од Македонската академија на науките и уметностите, академик Ѓорѓи Поп-Атанасов пишува: „Глаголицата е првото словенско писмо составено од св. Константин-Кирил Филозоф пред заминувањето во Моравската мисија во 863 година. Писмото е составено врз основа на гласовниот систем на македонскиот дијалектен говор од Солунскиот крај, чијашто основа светите Кирил и Методиј формирале општословенски книжевен јазик. Со тоа прво словенско писмо биле напишани првите словенски книги, кои биле неопходни за успешна реализација на црковно-просветната дејност на словенските проучители за време на нивната мисија во Велика Моравија. Овие први словенски книги, напишани со глаголично писмо, содржеле библиски текстови од составот на Стариот и Новиот завет, како и текстови од најнеопходните богослужбени книги, кои се користеле за време на црковните богослужби“.
Академик Катица Ќулафкова во својот предговор кон оваа студија на Поп-Атанасов нагласува: „Официјално глаголицата се смета како најстара словенска азбука, која ѝ претходи на кирилицата. Глаголицата во Македонија се користела најмалку четири века (од IX до крајот на XIII век) и се поврзува со Охридската книжевна школа и нејзините центри и следбеници во Македонија, независно на која државна структура (империја, царство) таа ѝ припаѓала. Оригиналите на македонските глаголични ракописи се чуваат надвор од Македонија, во С. Петербург, Москва, во библиотеките на Синајскиот манастир, Одеса, Инсбрук, Виена, Ватикан. Тука спаѓаат: Асемановото, Зографското и Мариинското евангелие, Синајскиот псалтир, Хлудовскиот, Заграфскиот и Лантовиот палимпсест, Охридските и Рилските глаголички листови, Клоцовиот зборник…“. Глаголицата се користела најпрвин единствено, потем доминантно, на подрачјето на Р Македонија, како и на поширокото етногеографско македонско подрачје, во повеќе книжевни центри на Охридската книжевна школа.
До 10 век македонскиот јазик користел и различни други писма, како што е грчкото писмо, или некои сè уште недешифрирани писма, но со појавата на глаголицата се стандардизирала писменоста. Од 10, па сè до 19 век македонскиот јазик ги користел следните азбуки: глаголица, кирилица, црковно-македонско писмо, илинденска азбука. Во 20 век имало и обид за запишување на македонскиот јазик и со латинична азбука, т.н. македонска абецедарска азбука, која не зела широки размери и останала на локално ниво во Егејска Македонија. Најбогатиот период во поглед на развојот на стандардната македонска азбука е периодот на преродбата, поточно од средината на 19 век до почетокот на 20 век. Во овој период голем број македонски интелектуалци вршеле реформи за поедноставување на македонската илинденска азбука и со тоа стандардизирање на македонскиот правопис.

Свето Тоевски