Миле Спасовски беше спортист на Македонија во 1972 годинa

Кајакарскиот двоец на мирни води Ремзи Зекир и Усни Доко во 50-тите години од минатиот век освои неколку титули на првенствата на поранешната држава. На патеката на 500 метри тие беа четврти на Светското првенство во Макон (Франција) во 1952 година

ПОГЛЕД КОН МИНАТОТО (4)

Можеби ќе звучи малку изненадувачки кога ќе кажам оти токму кајакарите беа први македонски спортисти што по Втората светска војна учествуваа на Светско првенство (СП). Да, точно е тоа, Македонија во составот на поранешна Југославија имаше охридски кајакарски тандем, Ремзи Зекир и Усни Доко, кој нѐ претставуваше на Светското првенство во кајак на мирни води во францускиот град Макон во 1952 година. Тие во трката на 500 метри се пласираа на четвртото место, што претставуваше извонреден успех. Интересно е оти нивното учество всушност го означи првиот настап на наши спортисти во еден поединечен спорт на СП. Тоа беше значаен момент, не само за кајакот на мирни води туку воопшто за македонскиот спорт. Практично оттогаш почнаа да се редат настапите на најголемите приредби на кајакарите на диви води, потоа и на другите спортисти од Македонија, како што беа борачите, мечувалците и боксерите. Затоа, иако е подзаборавено тоа дамнешно време, треба да се знае оти нашата држава не само што има традиција во кајакарскиот спорт туку имаше и квалитетни поединци, кои рамноправно можеа да се носат и со светските асови. Впрочем, примерот со Ремзи и Усни најдобро го потврдува тоа.

ПОЧЕТНА АФИРМАЦИЈА УШТЕ ВО 1948 ГОДИНА

Кога веќе пишувам за кајакот на мирни води, за кој многу податоци црпев и од книгата посветена на развојот на кајакарскиот спорт напишана од покојниот Душко Симоновски, да споменам уште неколку поединци што со своите резултати беа во елитното југословенско друштво. Меѓу оние што оставија посебен печат во кајакот на мирни води, покрај веќе споменатата двојка, беа членовите на охридски Стрмец, Ацо Главинчев и Миле Чука, кои уште во 1948 година на патеката од 10.000 метри станаа државни прваци, за потоа и кајакарките од Охрид, Марика Зафирова и Милка Тунтева, да изборат високо место во југословенската елита.
Сите овие резултати дејствуваа охрабрувачки кај кајакарските работници, кои се појавија како организатори на првото меѓународно натпреварување на водите на Охридско Езеро, на кое триумфира токму нивниот сограѓанин Петре Стефанија. Потоа следуваа и други приредби, а охридските „мирноводаши“ учествуваа и на трките организирани низ Југославија, од кои најпривлечни беа оние што се одржуваа во градовите на Јадранот. Вредно е да се спомене оти Стрмец во 1954 година беше екипен првак на поранешна Југославија, а неговите членови Усни Доко, Ацо Главинчев, Панче Рилковски, Хајри Доко и Димче Веровски учествуваа и на натпреварите на диви води. Првиот позначителен настап им беше на спустот од Скопје до Гевгелија.
Кајакарскиот клуб Стрмец во годините кога имаше доминантна улога, не само во Македонија туку и во поранешната држава, поттикнат од желбата на младите да се занимаваат со овој спорт, се ориентира и на производство на кајаци и едрилици. За таа цел беше отворена работилница, во која само во првиот период беа направени 117 кајаци, од кои 50 двоседи. Тоа беше феноменален потег, со кој луѓето што го водат клубот покажаа оти имаат визија како да чекорат натаму.
Но, за жал, не можејќи да се борат со проблемите, оние што со години го одржуваа клубот, полека почнаа да се повлекуваат. Стрмец се најде во исклучително тешка ситуација, па дури и организациите на Народна техника од Охрид, за кои се сметаше оти први треба да му помогнат, не вложија ниту минимални напори да го вратат клубот во живот. Тој нечујно се растури, а неговото обновување дојде дури во 1970 година. Но загубените години не можеа никако да се надоместат и Стрмец не заживеа во вистинска смисла на зборот. Почнаа да бледнеат дури и почетните резултати и успеси.

КК МИРЧЕ АЦЕВ СТАПУВА НА СЦЕНА

Во 1950 година, откако се стекнаа со големо искуство од учествата на спустовите и регатите, скопските ентузијасти го формираа бродарскиот клуб Мирче Ацев. Ова беше еден значаен потег, оти преку овој клуб во наредните години се одвиваа сите активности, особено во кајакот на диви води, а тој беше повод да се формираат и други клубови.
Во првото раководство на клубот, кое всушност ги постави неговите темели, беа веќе искусните кајакари, д-р Миодраг Ставриќ, Томица Станковиќ и Милош Петков. Потоа ним им се приклучија Перивој Раниќ, Милан Калиќ, Слободан Жераиќ, Јашар Кумбараџи, Томе Михајловски, Стево Панчевски, Јурај Волак, Душко Симоновски, Стево Пановски, Спире Јовевски, Ѓоко Билјановски, Јордан Николовски и Драган Георгиев. Во натамошниот тек од животот на клубот дојдоа и нови луѓе, па така почна една организирана активност.
Ако горенаведените имиња ја сочинуваа првата генерација кајакари на диви води, набрзо доаѓа и втората, чии активности беа особено забележителни во периодот од 1957 до 1971 година. Појавата на оваа генерација донесе големо освежување не само во Македонија туку и на просторите на поранешна Југославија. Многумина од членовите на Мирче Ацев постигнуваа високи резултати на државните првенства, па стигнуваа дури и до титулите во младинска и во сениорска конкуренција.
Во оваа генерација вистинска sвезда беше Трајко Јовковски, кој во континуитет од десет години постојано ги освојуваше титулите во Југославија. Тој стана големо име и во светскиот кајак, а беше редовен учесник на најголемите приредби. За неговото име се врзани многу успеси на македонскиот кајак на диви води. Тој беше вистински пример и за младите генерации, кои полека но сигурно тргнуваа по неговите стапки.
Во плејадата кајакари од оваа втора генерација, да ги споменеме уште Павле Кондратенко, Томе Чемерикиќ, Ефтим Угриновски-Маки, Иван Ивановски, Петар Забазновски, Блаже Младеновски, Мичо Чемерикиќ, Мичо Поповски, Иван Кочишки, Слободан Јовановски, Иван Бариќ, Миле Чука, Томе Нарашанов и девојките Лидија Арсова и Боса Смиљковиќ.

МИЛЕ СПАСОВСКИ – ПРВ ОЛИМПИЕЦ

Со името на нашиот прв олимпиец во кајакарскиот спорт Миле Спасовски, учесник на Олимписките игри (ОИ) во Минхен во 1972 година, е поврзана третата генерација македонски кајакари, чии активности беа заокружени со Светското првенство на реките Треска (слалом) и Радика (спуст) во 1975 година. Ако Јовковски ја предводеше претходната генерација, Миле Спасовски беше кајакарот што со своите резултати ја предводеше оваа трета генерација. Тој со учеството на ОИ во Минхен 1972 не само што успешно ја презентираше нашата земја освојувајќи го високото деветто место туку покажа оти ова наше поднебје е како создадено да раѓа шампиони во кајакарскиот спорт.
Да не остане само името на Миле Спасовски како претставник на оваа трета генерација, еве ги и спортистите што всушност ја сочинуваа неа: Тарас Шевченко, Љубомир Василевски, Кире Андреевски-Кика, Ристо Делев, Слободан Јовановски, Коце Христовски, Блашко Јовковски, Драган Стојановски и Иван Бариќ. Сите овие момчиња беа победници на многу трки, не само кај нас туку и во странство, па така може да се каже оти достојно и со љубов ги бранеа боите на својата земја.
Потоа дојдоа и нови генерации, а јас би одделил еден момент што се однесува на семејната тројка: браќата Борче и Здравко и сестрата Снежана Зафировска-Јовковска. Сите тие се закитија со голем број трофеи. Борче беше и првак на Југославија, а Здравко највисок пласман имаше со третото место на државните првенства, додека, пак, сестрата Снежана беше југословенска и македонска првенка во сениорска конкуренција. Во нивната генерација имаше уште неколку познати имиња, кои беа предизвик за оние помладите да тргнат по нивните стапки. Така, тргнувајќи по остварувањата на своите претходници, а со желба да постигне и нешто повеќе на патеката се појавува четирикратниот олимпиец Лазе Поповски, инаку син на претходниот шампион, за жал покојниот Мичо. Тој беше најсветлата фигура во кајакот на диви води во оној преоден период од минатиот кон овој 21 век. Со своите учества на олимпијадите во Барселона, Атланта, Сиднеј и во Атина, тој во континуитет од неколку години ги потврдуваше своите квалитети и беше предводник на идните генерации, во кои како најголем квалитет се покажа олимпиецот Атанас Николовски.
Има уште многу да се пишува за кајакарскиот спорт во Македонија, за кој, од она што го презентирав користејќи податоци од книгата на Душко Симоновски, сметам оти се доби јасна слика за тоа што значи кајакот во севкупното спортско живеење во Македонија.