Државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година денеска им беше доделена на група автори: проф. д-р Веселинка Лаброска, академик и проф. д-р Марјан Марковиќ, проф. д-р Коста Пеев, проф. д-р Васил Дрвошанов, проф. д-р Еленка Стоевска-Денчова, проф. д-р Светлана Давкова-Ѓоргиева, проф. д-р Гоце Цветановски, д-р Ангелина Панчевска, м-р Соња Миленковска, д-р Давор Јанкуловски, д-р Македонска Додевска, д-р Дарко Томовски, м-р Ѓорѓе Геновиќ, постхумно на проф. д-р Аритон Поповски, проф. д-р Маријана Киш и проф. д-р Убавка Гајдова за научното дело „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотетката-лексички материјали)“.
На доделувањето на наградата во Собранието присуствуваше министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакна дека со државната награда „Гоце Делчев“ се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на Македонија.
– Научното дело „Македонски дијалектен атлас“ (од ризницата на картотеката-лексички материјали), изработено од група автори, ја отсликува работата на сите претходници и современици, а со тоа исцртува не само слика за лексичкото богатство на македонската дијалектна територија, туку и слика за долгогодишната ангажираност на дијалектолозите во овој мошне значаен проект за македонистиката и за славистиката. На добитниците на наградата им упатувам искрени честитки и им посакувам уште поголеми успеси и значајни научни достигнувања во иднина, потенцира министерката за образование и наука – рече Јаневска.
Министерката Јаневска нагласи дека државата има должност да создава услови за напредок на науката, истражувањето и иновациите и со тоа да помага во креирањето на глобалните позитивни промени. За Владата, како што рече, унапредување на националниот научно-истражувачки екосистем е еден од програмските приоритети и во изминатите неколку месеци, значително е подобрен третманот на науката и на високото образование, преку зголемени инвестиции, но и преку јакнење на регулативата која ги уредува овие области.
– Прв наш чекор во таа насока беше изработката на Предлог Националната програма за научно-истражувачка дејност – стратешки документ кој долго време недостасуваше во креирањето на релевантни политики. Сега работиме на нови законски решенија за високото образование и научно – истражувачката дејност, кои треба да обезбедат повеќе права и можности за засегнатите. Дел од вас присутните се вклучени во процесот на нивно креирање и очекувам до крајот на годината да ги имаме новите закони – рече Јаневска.
Во однос на расположливите средства за наука, истражувања и иновации, таа изрази благодарност до сите владини членови, кои, како што рече, поддржаа да издвоиме и усвоиме најголем буџет досега, кој изнесува 680 милиони денари, и речиси двојно е поголем од ланскиот.