фото: Кабинет на претседателката

Со панихида отслужена од поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, во сослужение со свештениците од Скопската епархија, денеска во црквата „Свети Спас“ почна одбележувањето 122 години од смртта на великанот на македонското револуционерно дело Гоце Делчев.

Цвеќе положија претседателката Гордана Силјановска-Давкова, владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, собраниска делегација, претставници од дипломатскиот кор, политичките партии, граѓански здруженија и други почитувачи на ликот и делото на Делчев.

Пред церемонијата на положување цвеќе беше отпеана и македонската химна.

– Животот на војводата Делчев е возљубување на својот народ до степен на потполно оддавање на себе си за неговата слобода и достоинство. Патриотизмот во својот вистински облик каков што бил кај Гоце, е благородна појава која носи со себе почит кон сите народи, вери и култури. Светогледот на Гоце е светоглед на личност што гради мостови, а не ѕидини, светоглед што промовира мир меѓу народите, а не војни. Тој од најрана возраст гледал дека неговиот народ иако трудољубив, живее во беда, иако добар, страда, иако мирољубив, три насилство, но дозволувал само насилство против насилството. Делчев својата младост и својот живот ги дал за слободата, за неговата смрт да послужи како семе за раѓање на нови јунаци за македонската слобода – истакна  г.г. Стефан.

Тој порача никогаш и никако да не дозволиме да избледат сеќавањата на Гоцевите дела и делата на сите кои низ вековите се дадоа себе си за Македонија.

– Тие наши светли херои да ги имаме пред очи како светило во ноќта, да ни го осветлуваат патот и да ни покажуваат дека татковината се чува со дела, а не со празни зборови, дека се љуби ппреку совесно постапување, преку непоколебливо запазување на правото и правдата, преку активно учество во општествените процеси, преку придонесување за окрепување, а не за распаѓање, преку подавање рака на нашите ближни кога тоа можеме да го сториме, преку непоштедна борба за слободно, праведно и напредно општество – потенцира поглаварот на МПЦ.

Премиерот Мицкоски нагласи дека делата на Делчев се безвременски.

– Денешниот ден не потсетува на тоа колкав голем титан, македонскиот народ имал, што имал не само локално, би рекол регионално па и пошироко значење. Неговата борба за Македонија, неговата хуманост, неговото дело се безвременски и така и ќе остане за генерациите коишто следат. Оваа генерација политичари во македонската Влада има чест да го пренесе сеќавањето за неговото дело на оние генерации што следат, но истовремено и достојно да го чува и негува. Кога велам да го чува и да го негува, да ја пренесува вистината, онаа вистина каква што вистински се случувала, а невистината која за жал некои се обидуваат да ја искриват и во колективната меморија на македонскиот народ. Во минатото имаше обид за инженеринг за таа вистина да биде поинаква. За среќа тоа е веќе минато, а наша обврска е вистинската вистина да ја пренесеме на идните генерации за овој голем македонски титан Гоце Делчев – изјави Мицкоски по чествувањето.

Според претседателот на СДСМ Венко Филипче, пораките на Гоце Делчев денес се поактуелни од кога било.

– Дел од визиите на македонскиот револуционер денеска звучат дури и поактуелно отколку во неговото време. Тоа е јасен сигнал дека како општество се уште имаме многу работа пред себе, дека треба да ги имплементираме сите тие негови пораки од визијата за слободна и независна Македонија. Ако Гоце Делчев кажал дека сме поделени како нација, ние тоа го сведочиме и денес, повеќе од еден век подоцна. Ако кажал дека треба сето да се разбере како поле за културен натпревар на народите, треба да работиме во таа насока – а не младите да го сфаќаат светот како поле за карта во еден правец. Ако кажал дека Македонија е полето каде што ние треба да делуваме, треба сите заедно да сфатиме дека само заеднички можеме да направиме тоа – да ја унапредуваме и надградуваме Македонија, и со човечки капацитет и со вредности – рече Филипче.

Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите, беше убиен од османлиската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер. Роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. По убиството на 4 мај 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.