Од Франција истрелана уште една отровна стрела кон Македонија
Македонија е на 42-то место од 180 рангирани земји – таа падна за шест места во индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, последна во групата земји со „задоволителна“ ситуација
Тони Гламчевски, специјално за „Нова Македонија“ од Франција
Македонија во однос на претходната година падна за шест места, од 36-то на 42-то, во индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ (РСФ), и е последна во групата земји во кои ситуацијата е „задоволителна“. Во оваа група од регионот се само уште две земји Словенија, која напредувала за девет места и е на 33-то, и Црна Гора, која е погоре за три места и е на 37-то, а сите други се во групите со „проблематична“ или „тешка“ состојба. Класификацијата на РСФ опфаќа 180 држави од целиот свет.
Норвешка е на прво место и останува единствената земја во светот што ужива „добра“ оценка за сите пет индикатори на индексот. Таа го задржа своето прво место деветта година по ред, зголемувајќи го водството пред другите земји. Естонија се искачи на второто место, следена од Холандија, која ја престигна Шведска (сега четврта) во првите три во светот.
Што констатира „Репортери без граници“ со седиште во Париз?
Слободата на печатот во Македонија според извештајот на „Репортери без граници“ е оценета на следниов начин според показателите на оваа невладина организација со седиште во Париз:
1. Глобалната состојба на слободата на медиумите сега е класифицирана како „тешка ситуација“ за првпат во историјата на индексот на РСФ
Иако физичките напади врз новинарите се највидливото кршење на слободата на медиумите, економскиот притисок е исто така главен, поподмолен проблем. Економскиот показател на светскиот индекс на слободата на медиумите на РСФ сега е на невидено критично ниско ниво, бидејќи неговиот пад продолжи во 2025 година. Како резултат на тоа, глобалната состојба на слободата на медиумите сега е класифицирана како „тешка ситуација“ за првпат во историјата на индексот вели РСФ, организација со седиште во Париз.
Во однос на лани, Македoнија има пад во три од пет индикатори. Најголем пад од 9,07 поени има во политичкиот показател, од 4,19 поени во социјалниот индикатор и од 3,66 поени во економскиот показател, а незначителен пораст во два индикатора – 0,25 поени во показателот правна рамка и 0,01 поен во показателот за безбедност.
2. Медиумски пејзаж
Телевизијата останува примарен извор на информации, но онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионалните онлајн редакции, кои вработуваат новинари и објавуваат оригинална содржина, и индивидуалните портали, кои ја плагираат и копираат оваа содржина. Исто така, постои голем јаз помеѓу употребата и довербата: најгледаните телевизиски канали – Алсат, Сител, МТВ1, Канал 5 – имаат низок индекс на сигурност.
3. Политички контекст
Општата средина останува релативно поволна за слободата на печатот, но институциите нудат мала транспарентност, а политичките напади врз критичкото новинарство се зголемуваат. Поради силната политичка поларизација на општеството, медиумите може да бидат предмет на притисок од властите, политичарите и бизнисмените, како на национално, така и на локално ниво. Двете најголеми партии, на власт и во опозиција, создадоа паралелни медиумски системи, врз кои го вршат своето политичко и економско влијание. Јавниот радиодифузен сервис нема ниту уредувачка ниту финансиска независност.
4. Правна рамка
Иако Уставот гарантира слобода на изразување и забранува цензура, земјата заостанува во усогласувањето на медиумското законодавство со стандардите на Европската Унија, на која има намера да ѝ се придружи. Процедурите SLAPP (за врзување) се користат како инструменти за заплашување и притисок врз независните медиуми. Нов закон што им дозволува на националните и локалните власти да се рекламираат во приватни медиуми предизвика загриженост за потенцијалната злоупотреба на влијание.
5. Економски контекст
Иако некои видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакциите на некои големи телевизиски мрежи се изложени на економски притисок од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и непроѕирно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донатори. Странската финансиска помош, заснована на специфични проекти, придонесува за едноставен опстанок, но не и за развој. Работата на новинарот е многу несигурна. Постои размена на влијание помеѓу маркетиншките агенции и одредени медиуми.
6. Социокултурен контекст
Иако слободното новинарство функционира во културна и социјална средина ослободена од какви било дефинирани ограничувања, социјалните мрежи и дигиталниот простор воопшто го фаворизираат ширењето дезинформации и сајберзакани. Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за пад на јавната доверба во медиумите и отвораат врата за напади врз новинарите врз основа на пол, етничка припадност или религија.
7. Безбедност
Чувството за безбедност на новинарите е разнишано од неколку инциденти, вклучувајќи палење на нивниот имот и случаи на полициско малтретирање. Иако е назначен специјален обвинител за справување со случаите на напади врз новинари во главниот град, а се разгледува и отворањето слични канцеларии низ целата земја, новинарите што ги покриваат активностите на обвинителите се под притисок.