За нашата прва прослава на 1 Мај
- Концептот за зачувување и унапредување на работничките права, како и одбележувањето на 1 Мај во тој дух, во македонската историја на голема врата влегува преку активностите на Васил Главинов (еден од првите македонски социјалисти и организатор на работничкото движење во Македонија) и на левичарската групација што гравитирала околу него, позната како Македонска социјалистичка група (МСГ) или Македонска работничка социјалистичка група (МРСГ). Главната активност на Главинов и неговите приврзаници била насочена кон ширење на слободарската идеологија меѓу многубројната македонска емиграција во Бугарија, како и во Македонија. Оттука Македонската социјалистичка група за првпат во 1896 година организирано го одбележала 1 Мај како Меѓународен ден на трудот
- Членовите на Македонската социјалистичка група (МСГ), тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, се залагале за ослободување на Македонија. Тоа е особено видливо во нивните слогани „Македонија за Македонците“ или „Ослободувањето на Македонија е работа на Македонците“. Историски гледано, одбележувањето на 1 Мај е во тесна врска со борбата за создавање македонска држава затоа што при секое одбележување на Меѓународниот ден на трудот, македонските социјалисти покрај работничките права ги истакнувале и македонските национални потреби, тоа е особено забележливо во активностите на споменатата Македонска социјалистичка група
- „Трескаво се готвевме за негово отпразнување… Ги подготвуваме транспарентите со соодветни пароли за мајската манифестација. Главно беше да се подготви знамето. Тоа се шиеше и везеше во домот на Андон Шулев… На знамето на едната страна беше извезена паролата: Ослободувањето на Македонија е дело на Македонците, а на другата страна паролата Македонија на Македонците“, Алексо Мартулков
Во глобални рамки, 1 Мај како Меѓународен ден на трудот е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците. Од историски аспект, празникот е во корелација со левичарските учења и теории, како што е марксизмот, кои идеолошкото тежиште го ставаат врз работниците како носители на општествено-политичките текови.
Во знак на почит кон жртвите на штрајкот од мај 1886 година во Чикаго
Празникот се одбележува на 1 Мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот од мај 1886 година во Чикаго, кој бил организиран со цел воведување осумчасовен работен ден. Но поради употреба на сила од страна на полициските служби имало жртви, а подоцна организаторите на штрајкот биле изведени на суд, при што четворица од нив биле погубени. Во знак на почит кон жртвите од чикашкиот штрајк, Втората интернационала (меѓународна организација на социјалистички и работнички партии) на својот основачки конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај, со цел подобрување на својата положба. Концептот за зачувување и унапредување на работничките права, како и одбележувањето на 1 Мај во тој дух, во македонската историја на голема врата влегува преку активностите на Васил Главинов (еден од првите македонски социјалисти и организатор на работничкото движење во Македонија) и на левичарската групација што гравитирала околу него, позната како Македонска социјалистичка група (МСГ) или Македонска работничка социјалистичка група (МРСГ). Главната активност на Главинов и неговите приврзаници била насочена кон ширење на слободарската идеологија меѓу многубројната македонска емиграција во Бугарија, како и во Македонија. Оттука Македонската социјалистичка група за првпат во 1896 година организирано го одбележала 1 Мај како Меѓународен ден на трудот. Меѓутоа членовите на МСГ, тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, се залагале за ослободување на Македонија. Ова е особено видливо во нивните слогани „Македонија за Македонците“ или „Ослободувањето на Македонија е работа на Македонците“. Историски гледано, одбележувањето на 1 Мај е во тесна врска со борбата за создавање македонска држава затоа што при секое одбележување на Меѓународниот ден на трудот, македонските социјалисти покрај работничките права ги истакнувале и македонските национални потреби, тоа е особено забележливо во активностите на споменатата Македонска социјалистичка група.
Првото организирано одбележување на 1 Мај од страна на Македонците
Во 1896 година, Алексо Мартулков (македонски револуционер и публицист, како член на Македонската социјалистичка група, а подоцна и на ВМРО (Обединета) се залагал за ослободување на Македонија, бил член на Президиумот на АСНОМ и во Собранието на Македонија) заминал за Софија, со цел да воспостави врска меѓу Велес и Софија.
Мартулков вели дека „членови на групата биле – редакторот на ’Револуција‘, Стојан Русев, Атанас Раздолов – тој поскоро беше народник и го привлекуваше секаква посензационална акција, Димитар Мирасчиев симпатизер – социјалист, стопроцентен национал–револуционер, Стојан Попов–Чичото – него социјалистичките идеи го обземаа во извесен период, за да исчезнат во друг, жената на Стојан Попов, Роза Попова, една од талентираните артистки и првите создатели на бугарскиот театар, имаше голем ентузијазам да биде полезна во ослободителното дело… само што и недостасуваше социјалистичка култура… Андон Шулев родум од Велес, тој скоро беше се вратил од Швајцарија, каде што студираше правни науки во Вибурскиот универзитет; интелектуалец со завидна – за времето – марксистичка култура…“. Мартулков посочува дека имало уште многу други симпатизери што наминувале во работилницата, но главно било што таа група луѓе се сметаа, а и беа сметани, како македонски социјалисти, револуционери.
Во своите спомени, Алексо Мартулков посочува дека неговото пристигнување било непосредно пред Први мај. Во понатамошниот дел од спомените вели: „Трескаво се готвевме за негово отпразнување… Ги подготвуваме транспарентите со соодветни пароли за мајската манифестација. Главно беше да се приготви знамето. Тоа се шиеше и везеше во домот на Андон Шулев. Материјалот беше од најфина црвена коприна, срмата беше од најчисто злато. Се наоѓала во куќата на Шулев, ја донел уште од старо време татко му Саздо Шулев од Виена, каде што тој често одел поради своите големи трговски врски со Австрија. Во работата околу приготвувањето на знамето била зафатена и Роза Попова. На знамето на едната страна беше извезена паролата: Ослободувањето на Македонија е дело на Македонците, а на другата страна паролата Македонија на Македонците. На врвот од знамето имало кама, која според Мартулков означувала дека ослободувањето на Македонија може да се оствари само преку вооружена борба. Знамето било изгорено заедно со другите знамиња што се чувале во клубот на Партијата на улица свети Кирил и Методиј, при нападот на клубот во 1922 година“.
Бугарската полиција забранила јавно искажување на секаков македонски карактер, за да не се влошат односите со Турција, вклучително и знамето на МСГ. Поради оваа забрана, МСГ испратила една делегација кај софискиот градоначалник за да протестира. Делегацијата била составена од: Андон Шулев, Игно Драндаров и Атанас Раздолов.
По почивката во Борисовата градина, манифестантите тргнале низ булеварот Гроф Игнатиев и на плоштадот „Славејков“ запреле. Тука се одржале говори по повод 1 Мај. Андон Шулев говорел во името на МСГ. Тој ја искажал главната цел на групата – извојување на полна политичка автономија на Македонија и Одринско, како и балканска федерација. Според Мартулков, Гоце Делчев учествувал на првомајската прослава и им аплаудирал на говорот на Андо и на Шулев.
Манифестацијата од плоштадот „Славејков“ продолжила низ улицата Александар Први кон дворецот. Меѓутоа, полицијата кај раскрсницата со улицата Алабинска им го попречила патот, не дозволувајќи им да продолжат кон дворецот. Учениците во манифестацијата биле принудени да вратат. Манифестацијата завршила кај Работничкиот клуб. Д.Ст.
Васил Главинов и Македонската социјалистичка група
Кон крајот на 19 век, особено кај македонската интелектуална младина наидуваат на одѕив новите револуционерни струи и левичарски идеи од Европа. Во овој контекст весникот „Македонско дело“ истакнува: „Младината беше силно засегната од разните револуционерни учења што почнаа да проникнуваат од Исток и Запад – утопистичкиот социјализам на Сен Симон, Бланки и др., руското народништво, анархизмот на Бакунин и научниот социјализам на Карл Маркс и Фр. Енгелс“. Меѓутоа сѐ до појавата на Васил Главинов, ширењето на левичарските идеи во Македонија не е резултат на една однапред обмислена и систематска дејност. Во 1887 година, Главинов пристигнал во Бугарија. Во Софија, во одреден период работел во тамошните туларски фабрики, а потоа се префрлил на столарскиот занает. Тука дошол во допир со социјалистичките и другите левичарски идеи. Во 1892 година, учествувал во дејноста на работничкото друштво „Братство“. Основано во Софија од студенти и работници, друштвото било едно од првите во Бугарија што го пропагирало социјализмот меѓу работниците.
Главинов заедно со своите приврзаници во 1893 година ја основал Македонската работничка група. Групата започнала самостојно да развива пропагандна дејност. Со таа цел, еден дел од групата заминала во Македонија за да ги шири слободарските и социјалистичките идеи. Во 1894 година, Главинов двапати ја посетил Македонија, во својот роден град Велес го основал првото работничко просветно друштво во Македонија. Главинов тогаш донел социјалистичка литература, која ја поделил и раширил во Велес. По враќањето на Главинов во Софија, биле преземени мерки за организациско зацврстување на МРСГ. Било засилено испраќањето на социјалистичката литература во Македонија преку создадените канали. Во овој период во работата на групата учествувале Никола Карев, Русински и др. Данчо Зографски (македонски научен работник, истражувач на поширокото подрачје на поновата историја на македонскиот народ) истакнува: „Доаѓајќи во допир со Македонската работничка група во Софија и со бугарските социјалисти, Гоце станува приврзаник на социјалистичките идеи, заради кое бива исклучен од военото училиште заедно со уште петина свои другари“.
Во овој период Главинов испратил и едно писмо до Георги Бакалов (бугарски општественик, публицист, литературен критичар, историчар, следбеник на марксизмот) во кое меѓу другото било нагласено: „Нашите другари се на мислење да се издава еден весник со социјалистички револуционерен дух кој треба да проповеда и докаже дека Македонија е за Македонците, да докаже дека Македонците не сакаат присоединување кон никога, да остане за себеси, Македонија за Македонците…“.
Во 1895 година, МРСГ во Софија започнала со издавање на весникот „Револуција“, а идејно-политичката платформа на групата била изнесена во уводната статија „Нашиот програм“, во првиот број на весникот. На 28 јуни 1895 година излегол првиот број на весникот „Револуција“, со подзаглавие „Орган на македонските револуционери“. Во статијата „Нашиот програм“ било забележано дека, пред сѐ, за да востане народот во Македонија, треба да биде подготвен и обучен. Условите налагале систематска пропаганда, неуморна дејност од страна на сите дејци што при срце го имаат ослободителниот идеал. Затоа и излегол весникот „кој ќе биде орган на сите млади револуционери, а девизата ќе биде ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци. Во систематската борба ќе се пропагира идејата за создавање на една независна Македонска република. Како интернационалисти, ние ќе ги присоединиме своите усилби со тие на српските, хрватските, грчките и другите револуционери и на тој начин ќе ги парализираме сите шовинистички агитации и ќе приготвиме почва за создавање на една слободна и независна држава“. Д.Ст.