Планот на Вашингтон предвидува Украина да се откаже од барањето за членство во НАТО, да се ублажат санкциите кон Русија, а Киев да прифати дека Крим е руска територија. Трамп тврди дека Украина формално нема да мора да го промени својот устав за да го признае губењето на Крим. Потпретседателот на САД рече дека новите територијални демаркации ќе бидат блиску до сегашните линии на фронтот, што би значело дека Украина ќе изгуби големи делови од територијата – вклучувајќи ги Крим и делови од регионите Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје. Во ова сценарио, Русија веројатно би морала да се откаже само од помалите делови од Харковскиот Регион

Како изгледа мапата на Украина според планот на претседателот на САД за завршување на војната

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп предложи мировен план за Украина, кој вклучува промена на статусот на Крим и „замрзнување на територијалните линии“ на боиштето во Украина.
Иако деталите од планот сè уште не се целосно јасни, коментарите на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс за замрзнување на сегашните граници алудираат на можноста значителен дел од украинската територија формално да ѝ биде отстапен на Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски нагласи дека украинскиот устав јасно го дефинира Крим како составен дел од Украина. Но Трамп уште еднаш на тоа енергично одговори критикувајќи го Зеленски, тврдејќи дека тој „го отежнува постигнувањето мир“. Имено, војната во Украина трае од 24 февруари 2022 година.
За издвојување е информацијата лиферувана официјално од Вашингтон дека „администрацијата на Трамп предупредува дека ќе се повлече од разговорите доколку Москва и Киев наскоро не постигнат договор“.

Што предвидува планот?

По неколку недели одделни преговори со двете страни, САД предложија договор што се чини дека ѝ се допаѓа на Москва, но Киев засега го отфрла.
Планот предвидува Украина да се откаже од членството во НАТО, да ги ублажи санкциите кон Русија и да прифати дека Крим е под руска контрола. Иако Трамп тврди дека Украина формално нема да мора да го промени својот устав за да го признае губењето на Крим, останува нејасно дали Русија ќе се согласи.
Ванс рече дека новите територијални демаркации ќе бидат блиску до сегашните линии на фронтот, што би значело дека Украина ќе изгуби големи делови од територијата што се обидува да ја врати – вклучувајќи ги Крим и делови од регионите Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје. Во ова сценарио, Русија веројатно би морала да се откаже само од помалите делови од Харковскиот Регион што ги контролира и да се откаже од целосната анексија на четирите покраини.
Во врска со планот на претседателот на САД, некои од претставниците на меѓународните невладини организации излегоа со реакции во кои тврдат дека со планот на Трамп можеби ќе има дополнителни раселувања од едната на другата страна на нововоспоставените граници. Имено, Јуриј Бојечко, основач на хуманитарната организација „Надеж за Украина“, изјави за „Њузвик“ дека, според него, „еден милион Украинци во овие области би можеле да одлучат да ги напуштат своите домови“ заради воспоставувањето на новата руска административна власт на териториите што би влегле во границите на Русија.
Исто така Олга Оликер од Меѓународната кризна група истакна дека предложениот договор би можел да ги запре руските напади врз нови области, но дека прекинот на огнот би значел одржување на контролата врз веќе заземените територии.

По велигденскиот триесетчасовен прекин на огнот, Москва најави нов едностран прекин на огнот, во период од три дена

За потсетување, претседателот на Русија, Владимир Путин, најпрвин како хуманитарен гест, прогласи 30-часовен прекин на непријателствата за Велигден. Но деновиве тој повторно најави тридневен едностран прекин на огнот на почетокот на мај – од 8 до 10 мај, по повод 80-годишнината од победата во големата Татковинска војна од 1941-1945 година (Втората светска војна).
Имено, во соопштението на Кремљ се наведува дека воените операции ќе бидат суспендирани 72 часа и дека тоа се прави од хуманитарни причини, но во соопштението на руската влада јасно се става до знаење дека Москва очекува Украина да го стори истото тоа.
За време на краткото велигденско примирје, медиумските известувачи од фронтот забележаа дека „украинската страна го крши примирјето“, но со напомена дека тоа го прават единиците во кои има платеници странци, сакајќи да испровоцираат продолжување на судирот со игнорирање на краткотрајното примирје. Поради ваквите непочитувања од страна на украинските вооружени сили, Москва во рамките на своето еднострано прогласено 30-часовното затишје испрати конкретна информација за фактичката состојба на теренот, но и една порака до Белата куќа: „Во оваа војна, Русија е миротворец, а Киев е агресор“. Москва во дописот до Вашингтон отворено ја обвини Украина дека „го игнорира она што Москва го претстави како маслиново гранче и всушност ја продолжува војната“.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, ја забележа руската понуда за привремено примирје, но сепак го нагласи становиштето на претседателот на САД: „Претседателот Доналд Трамп јасно стави до знаење дека сака трајно примирје, за да се запрат убивањето и крвопролевањето“.
За потсетување, минатиот месец администрацијата на Трамп ја промовираше идејата за 30-дневен сеопфатен план со безусловно примирје. Р.С.