Освен колосалната корупциска афера наречена „Скандал со маски“ во Германија, „Аферата со консултанти“ во Министерството за одбрана многу силно, заедно со другите тешки и многубројни корупциски скандали од минатите години, го доведе во прашање интегритетот на владата на Германија, правната држава и владеењето на правото

Корупциските скандали го урнаа образецот со кој ЕУ се прикажуваше себеси како пример за принципиелност, демократија, владеење на правото… (2)

Во најновиот извештај за март 2025 година, со наслов „Обемот на јавната корупција во Германија“, интернет-страницата „Податоци за светот.инфо“ (WorldData.info) констатира дека „политичките и културните причини ја раѓаат корупцијата“, но и оти „неефективното спроведување на законот може да ја поттикне дополнително“.
„Во извештајот на Сојузната криминална полиција на Германија за 2023 година се евидентирани вкупно 3.841 кривично дело.
Тоа е околу 6,7 отсто повеќе отколку во претходната 2022 година, а сепак под бројката за 2021 година. Бројот на повеќекратни сторители на корупција е под посебен надзор. Откако значително се зголеми минатата година, оваа бројка повторно се намали во 2023 година. Меѓу 1.507 лица осомничени за корупција, имало и 619 приматели на мито.
Во последниве години излегоа на виделина неколку случаи на корупција, кои го доведоа во прашање интегритетот на владата на Германија и администрацијата. За потсетување, еден од најзначајните скандали беше таканаречениот ’Скандал со маски’, кој се случи за време на пандемијата на ковид-19. Но во изминатите години голема вознемиреност во јавноста предизвика и ’Аферата со консултантите’ во Министерството за одбрана. Тука беше откриено неправилно доделување консултантски договори, што доведе до сомневања за корупција и лошо управување“, наведува интернет-страницата „Податоци за светот.инфо“.

Корупцискиот скандал „Афера со консултанти“, со елементи и на масовна
измама, ја разниша и довербата во германскиот финансиски систем

Според наводите во овој извештај за обемот на јавната корупција во Германија, „споменатите откритија открија мрежа од сомнителни деловни практики и недостиг од транспарентност во рамките на германското Министерство за одбрана“. „Дополнително, скандалот, со елементи и на масовна измама, ја разниша довербата во германскиот финансиски систем. Банките и инвеститорите ги искористија сомнителните даночни практики за да избегнат плаќање данок, што предизвика значителни финансиски загуби за германската држава. Овој скандал ги поттикна и владата и органите за финансиски надзор да ги затворат безбедносните празнини во даночниот систем. Покрај овие спектакуларни случаи, имаше и извештаи за корупција во областа на градежните дозволи. Тука повремено се откриваше мито во врска со градежни проекти и процедури за одобрување, што ги доведуваше во прашање ефикасноста и непристрасноста на јавната администрација“, објави „Податоци за светот.инфо“ во врска со случаите на корупцијата во Германија.

(продолжува)

Анализата продолжува по празничниот троброј, со пресек на некои поголеми корупциски скандали во Франција. Имено, „Еуропеан конзерватив“ на 11 февруари 2025 во анализата со наслов „Новиот извештај покажува невидени нивоа на корупцијата во Франција“ наведува дека „во Франција се случува алармантен и невиден пораст на корупцијата. Од почетокот на претседателствувањето на Макрон досега 26 министри биле вклучени во разни политички и правни корупциски афери!“


Германија е далеку од имуна или отпорна на корупцијата
Не гледај што правам, туку прави го она што ти велам…

Германија, која се смета како развиена правна држава, со ефективен правен систем во неа, се покажува дека воопшто не е отпорна на корупцијата. Дури напротив, во оваа водечка европска земја во изминатите години се забележани серија високопрофилни корупциски скандали. Но во најмала рака е контроверзно, дволично, со извонредно висока доза на европска хипокризија што нивни (германски) највисоки државни, политички и дипломатски претставници доаѓаат во Македонија барајќи „подобри резултати во борбата против корупцијата“!
Лицемерство и непринципиелност да се гледа во туѓиот двор, во друга држава, и да се бара прочистување на „корупциското ѓубре“ во него, како услов за влегување во ЕУ, а без да се гледа во сопствениот двор и на сопственото „корупциско ѓубре“ во него, во држава што е веќе членка на ЕУ.
На 11 ноември 2023 година актуелната германска амбасадорка Петра Дрекслер изјави дека „С, Македонија во иднина треба да постигне подобри резултати во борбата против корупцијата“.
На 29 ноември 2022 година актуелниот претседател на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, дојден да бара „болен компромис – промена на Уставот и внесување на Бугарите во него“, им порача на „граѓанките и граѓаните на вашата земја дека на патот кон ЕУ чекаат и натамошни подобрувања, меѓу кои и мерките за борба против корупцијата“.

Свето Тоевски