Алкалоид е финалист на Европскиот куп на ЕХФ и против грчки АЕК ќе го брка првиот европски трофеј во својата кратка историја, а само четврти за македонскиот ракомет
ВАРДАР ГИ ОСВОИ БОДОВИТЕ НА ДЕРБИТО ВО БИТОЛА, АЛКАЛОИД ОБЕЗБЕДИ ПЛАСМАН ВО ФИНАЛЕТО НА ЕВРОПСКИОТ КУП НА ЕХФ
Уморни од супервисокиот ритам на натпревари што го наметнува плејофот во македонското првенство, соочени со повреди на клучни играчи и со непријатна традиција на нашите екипи во Скандинавија, Алкалоид во неделата одигра натпревар за респект, потврдувајќи уште еднаш дека без разлика кој е на терен во однос на квалитет, искуство и знаење, системот не дозволува да биде поразен. Да, можеби некогаш победен, но многу тешко поразен.
Низ суперсодржаен ракометен период поминува македонскиот клупски ракомет, како на домашна така и на меѓународна сцена. Вечните спортски ривали, на темата ракомет ги вкрстија копјата во рамките на последното коло од првиот круг на плејофот, додека Алкалоид, иако дополнително осакатен со неиграњето на капитенот Симба Ѓоргиев, на реваншот во Скандинавија успеа да ги одбрани оние плус пет од „Автокоманда“ и на пенали да го елиминира Рунар, за суперинтересно финале против претставникот на нашиот јужен сосед, АЕК Атина.
ВАРДАР ОСВОИ ВАЖНИ БОДОВИ ВО БИТОЛА ЗА ПРЕКИНУВАЊЕ НА ЗЕЛЕНАТА ЕРА?
Полна сала, квалитет, тензија, неизвесност и, секако, мал инцидент како потврда за ривалитетот на двете екипи. Едноставно, одлична промоција на ракометот на супердербито меѓу Пелистер и Вардар, натпревар што заврши со минимален триумф на „двократниот“. Ретко кога Вардар победувал во Битола, па и кога бил во подобра кондиција од моменталната. Од друга страна, по оние плус 13 над Алкалоид и првата позиција за битолчани пред плејофот, некако бевме сигурни дека оваа екипа, која игра(ше) во ЛШ, нема да дозволи зелената ера да биде прекината „само“ по две титули во низа. Од друга страна, пак, позицијата на благ фаворит, кој има бод предност и на домашен терен го пречекува големиот ривал, но и големиот притисок што го прави битолската јавност, веројатно им ги фати рацете на дел од скапите странски засилувања на Пелистер и на тој начин остана без важни бодови во трката за највредниот трофеј. Сега математиката е друга и не дозволува понатамошен кикс на битолчани во вториот дел од плејофот. А следуваат две гостувања во Скопје…
Да одиме со ред.
Вардар имаше суперкоректно судење во Битола, одигра квалитетно и заслужено ги освои бодовите. Стартуваше зона со еден играч, кој може и сака да игра во дефанзива, во името на Мечка Лазаревски, и неколку тотални напаѓачи, кои секако дека можат антрополошки да одиграат зона, но едноставно фокусот им е насочен кон противничкиот гол. Сето тоа со цел да не менува напад-одбрана. Од друга страна, поучени од тоа дека Фитиљ е локомотива на битолчани во нападот, му посветија достојно внимание и оставија многу простор за другите играчи на Пелистер во нападот. Таа ситуација, во одредена мера ја искористи Тајник, но и Хосни, но не и Радивојевиќ, кој беше смрзнат и не одговори на предизвикот наречен дерби-натпревар. Далеку од тоа дека Богдан не е квалитет, сепак е титулар од Фленсбург и Сегед, но во четвртокот не беше на висина на задачата. Неговата замена, кој издржува казна со заковување на клупа поради предавство, очекувано беше неподготвен за еден натпревар од високо ниво. Зошто го кажувам сето ова? Затоа што сум убеден дека доколку вардарци беа поприсебни и наместо на средина и на пивот, свесно дозволуваа направениот вишок играч да завршува на десно крило, многу порано ќе го решеа натпреварот. Во оваа насока, на еден од тајмаутите, советуваше и големиот Стоилов, посочувајќи го делот од зоната каде што Вардар е тенок (позиција четири и пет) и дека „доколку паѓаме, тоа да биде на крило, не од средината или од позиција на десен бек“.
Вардар имаше солидна поддршка од голмани, играа трпеливо во напад, реализираа во голема мера, не дозволуваа лесни погодоци и ја имаа партијата во џеб. Кога сме на овој дел од теренот, во зоната на „црвено-црните“ мора да напоменеме дека Пелистер играше зихерашки, оставајќи го Фитиљ да напаѓа еден на еден на средина или да поминува покрај блокот на пивотот, ситуација што доведе капитенот да биде заслужен за над 85 отсто од погодоците, директно или индиректно, што е преголема зависност од еден играч.
МЕЧКА ГИ НАЧНА, БОРОЗАН ПРОДОЛЖИ, А ХОРИГА ГИ ДОКРАЈЧИ
На другата страна, нападот на вардарци, со сериозна далекометна артилерија во Хорига и особено Борозан, но и сериозно доходниот Лазаревски на црта играше, во голема мера, многу трпеливо. Во овој сегмент, иако во втор план и незабележлив за широка јавност, голема улога во вработување на Мечка, но и задржување на топката во одредени моменти, имаше Томи Јагуриновски, кој беше сидрото што носеше мир и стабилност. Зоната на Пелистер, малку повозрасна и инертна на круцијалните позиции три и четири, а на моменти и неискусна со храбриот потег на мистер Раул да го уфрли Цар Самуил, имаше проблем со брзите нозе на Марио Танкоски, кој го одигра можеби најдобриот натпревар во последните година или две, момент што треба да радува, во ситуација кога Митев и Ѓоргиев се повредени. И Марио и Томи одиграа за Борозан и Хорига, но и за Лазаревски, а овој последниов уште еднаш покажа дека покрај неговиот играчки квалитет и доминација во зоната, се профилира во сериозен лидер и човек што ја држи соблекувалната на вардарци. Со тоа станува играч чие присуство е бесценето. Во овој дел на теренот треба да потенцираме дека домаќинот ја немаше вообичаената поддршка на голот дури и во моменти кога Свети Никола влезе во серија, играчите во поле не го валоризира тоа.
Сѐ на сѐ, можеме да кажеме дека Пелистер не беше подготвен да освои бодови, Вардар имаше контрола на сѐ што се случуваше на терен, но и му дозволи на противникот да се доближи и да израмни во самиот финиш, и тоа не како резултат на квалитетна игра на битолчани, туку повеќе како пад на концентрација и недисциплината во одредени моменти од страна на одредени бекови кај „двократниот“.
И самиот фотофиниш го покажа тоа, во ситуација на нерешен резултат, Хорига ја прелетува, без никаков контакт, зоната, и вторпат (по оној погодок од „деветерец“ во 12-та минута) погодува за преземање на врвот на табелата.
За крај ќе потенцирам уште еднаш дека дербито ги оправда очекувањата на јавноста, беше одлична промоција на ракометот и во полн сјај го презентираше. Мистер Раул и сињор Милано покажаа дека не се нешто страшно подобри од оние што ги има(в)ме во македонскиот ракометот минатата година, или ние што го печалат лебот надвор. Не променија ништо во играта, особено во зоната (тука Раул мораше да преземе нешто) за да ја дестабилизира играта на противникот или да ограничи некои играчи што се сериозни носители. Нејсе!
„Нивата има уште за орање“, а Вардар оди во Автокоманда, пред и Пелистер да гостува во истата сала. Ако и двата тима освојат бодови, на 8 јуни ќе се решава титулата во „Јане Сандански“. Пелистер може да посакува слично судење како во Битола, за да ја бара шансата за третата титула во низа и за продолжување на зелената ера.
АЛКАЛОИД ПОКАЖА ДОСЛЕДНОСТ, ДРСКОСТ И КАРАКТЕР
Алкалоид е финалист на Европскиот куп на ЕХФ и против грчки АЕК ќе го брка првиот европски трофеј во својата кратка историја, а само четврти за македонскиот ракомет.
Уморни од супервисокиот ритам на натпревари што го наметнува плејофот во македонското првенство, соочени со повреди на клучни играчи и со непријатна традиција на нашите екипи во Скандинавија, Алкалоид во неделата одигра натпревар за респект, потврдувајќи уште еднаш дека без разлика кој е на терен во однос на квалитет, искуство и знаење, системот не дозволува да биде поразен. Да, можеби некогаш победен, но многу тешко поразен.
Марко Митев, моторот во нападот на тимот на Лазаров, го нема од тој кобен 17 март, Костески и Симоноски (иако беше во составот) исто така, Дамјан Митев беше опериран и повторно со ситна повреда, па го немаше одреден период. И, секако, најтазе повредата на новиот предводник и капитен на тимот, Игор Ѓоргиев, кој на дуелот со Бутел доби повреда на бутниот мускул. (Пре)многу играчи надвор од строј за толку значаен натпревар и сериозен ривал како што е Рунар. И тоа во Скандинавија, каде што латентните спортисти од северот на Европа секогаш добиваат крилја и знаат да (пре)газат противник.
Таков расплет на настаните најавуваше и стартот на вчерашниот реванш-дуел на македонскиот претставник во Сандефјорд, Норвешка. Тешко стекнатата позитива од плус пет гола, од Скопје, се стопи како лед за осум минути, најавувајќи уште еден дебакл на македонска екипа во северна Европа. Импресионирани стрелци, кои не можеа да го промашат противничкиот голман, и брза казна на другата страна, како ситуација што ги дестабилизира голманите Кизиќ и Галевски. Резултатот на минус шест и големи проблеми за Лазаров, во преостанатите педесет и кусур минути ракомет, на фејсбук-пренос со режисер што одвреме-навреме заспиваше и не ни дозволуваше во живо да ги следиме настаните на теренот. Нереално за еден европски куп, па макар бил и поранешен Челинџ-куп.
СЕРАФИМОВ ЛИДЕР, МИТЕВ И ИВАНОСКИ ХРАБРИ ВО КЛУЧНИ МОМЕНТИ
Дамјан Митев, Мартин Иваноски и двајцата десни бекови, Мартин и Мартин, во ситуација на индиспониран Франциско, беа носители на играта во нападот. Ако Серафимов, кој беше главен носител во нападот и играше во два правца, и Велковски имаат солидно искуство на свои 24 и 27 години, што да кажеме за Дамјан и младиот охриѓанец, кои првпат се соочуваат со ситуација како таа синоќа. Дрски, без респект, со многу храброст и убава навигација, токму Митев и Иваноски, во моменти на криза на Серафимов, беа моторот на тимот и го одржуваа Алкалоид на позитивни (во вкупен збир) минус три или минус четири. Алкалоид беше за нијанса потрпелив во нападот, што е и разбирливо, имајќи го предвид дополнително намалениот ростер на играчи, но не отстапувајќи од својата игра во голема мера. Одигра многу дисциплинирано, играјќи ја својата игра, со многу изолации и игра еден на еден и на тој начин нервирајќи го противникот, кој сакаше што побрзо да обезбеди разлика што го носи во финале. Серафимов одигра лидерски, беше единствен што стрелаше од полудистанца, над потценувачки поставената зона 6-0. Од друга страна, покрај отсутниот Фереира, Митев и Ивановски, беа играчите што ја дупчеа зоната на Рунар, потрошија многу енергија во дуел-игра, реализираа пенали и асистираа до пивотите.
ГАЛЕЦ И МИТЕВ КАКО ПЕРСОНИФИКАЦИЈА НА ТИМСКИТЕ АТРИБУТИ
На другата страна, брзото комотно водство на домаќинот веројатно беше причина тренерот Мирхол, не сакајќи или не чувствувајќи потреба да ризикува со празен гол, да не форсира формација седум на шест, против која во првиот дуел долго немавме решение. Рунар душмански ја казнуваше секоја грешка или недисциплина на Алкалоид, изгледаше самоуверено и доминантно. Но македонскиот претставник покажа доследност, дрскост и карактер. Во таа ситуација особено ме радува односот на осумнаесетгодишниот Дамјан Митев и две години повозрасниот Иван Галевски, кои беа персонификација на погоренаведените суперлативи, кои го красеа тимот.
Време е ракометно Скопје да им оддаде почит на „децата“ од тимот од Автокоманда, без разлика на бојата на дресот што го имаат во плакарот, без разлика на тоа од која страна на Вардар виреат и го векуваат векот. Време е за „Борис Трајковски“, затоа што во Македонија доаѓа респектабилна екипа, претставник на јужниот сосед!
Се гледаме во сала!
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на
проектот „Ракомет за секое дете“