Пензионираниот професор по географија и историја, жировничанецот Реџеп Реџепоски, во својот работен век од 42 години како професор и сега уште четири години како пензионер, неуморно ја продолжува пасијата за истражување на регионот
Професорот Реџеп Реџепоски, и во пензија, продолжува да ги открива тајните на Западна Македонија
Гоце Делчев, идеолог, визионер и организатор на македонското револуционерно движење (роден во 1872 година во Кукуш, загинал на 4 мај 1903 година во Бањица) изрекол повеќе мисли за периодот на крајот на 19 и почетокот на 20 век, на кои се навраќаме и ги цитираме и во првите децении на 21 век. Од многубројните мисли, една од позначајните му е: Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Секако, секоја мисла на Делчев низ вековите се потврдила како реална и се остварува.
– Ако Македонците ги спроведувале визиите на Делчев, ќе го оствареле најпотребното – единство на жителите на Македонија, а со тоа ќе се оствареле идеалите на сите Македонци – ни објаснува нашиот соговорник, кој е длабоко убеден во изречените гоцеделчеви мисли.
На професорот по историја и географија во пензија Реџеп Реџепоски, роден во 1957 година во Дебар, кој постојано живее во долнореканското село Жировница, каде што живееле и неговите предци, оваа мисла и другите на, како што вели, „нашиот Гоце Делчев“, му се добро познати.
– Ако досега ги спроведувавме по нашата држава, немаше младите да ни се иселуваат секаде низ светот во потрага по поубав живот и егзистенција. Секој ден младите си заминуваат, Жировница се празни, се празнат и другите долнорекански села, станаа села на пензионери. Во годините кога растевме селата вриеја со млад свет, беше преубаво да се живее. Повеќе не е така – објаснува професорот со тага во очите.
Основно образование завршил во Жировница, гимназија во Гостивар, а Педагошка академија во Скопје, каде што дипломирал на групата Историја – географија. Целиот работен век го минал како професор по историја и географија, на крајот и како директор, со работно искуство од 42 години во ЦОУ „Ј.Б. Тито“ во селото Жировница.
– Она што најмногу ме привлекуваше надвор од работното место, беше да истражувам. Слободното време и денес, иако сум пензионер, го користам за истражување на с. Жировница и на регионот на Река, област што се наоѓа во западниот дел на Македонија. Крајот е со богати прекрасни млади верижни планини: Кораб, Дешат, Бистра, Крчин.

Планините изобилуваат со разновиден растителен и животински свет. Од богатиот растителен свет ги издвојувам: планинските пасишта, листопадните шуми (бука, даб, габер, багрем), смрека, боровинки, познатите видови на печурки (вргањ и лисичарка), планинскиот чај на планината Бистра, шипинки, дренки, голем број лековити растенија, огромен број извори со чиста вода за пиење, планински врвови… Покрај големото богатство со растителен свет, планините се богати со голем број карактеристични видови животински свет: мечка, рис, волк, срна, дивокоза, лисица, разни видови птици, разни влечуги, особено змија, а во реката Радика ја има најквалитетната радичка речна пастрмка – вели Реџепоски.
Професорот додава дека од областа на географијата, посебно ја истражувал геоморфологијата на релјефот во Жировница и регионот на Река. Посебно постанокот на езерските и речните тераси, водопади, сипари (геоморфолошки облик), лизгалиштата и климатските особености по текот на Жировничка Река, десна притока на реката Радика, што му било и дипломска тема.
– Професорите го пофалија, рецензентот истакна дека трудот е оригинален, уникатен, а комисијата го оцени со висока оценка. Мој интерес на истражување во минатиот период, и денес, од географијата ми е: „Миграцијата на населението од Жировница и регионот на Река“. Трудот е подготвен и содржи многу интересни сознанија за причините, како и лични предлози за повраток на иселените – со посебна емоција раскажува Реџепоски.
Тој додава дека посебно задоволство му приредуваат планините со несекојдневни убавини, пејзажи и бои, кои може да ги создаде само природата, како и разновидниот дивеч. Реџепоски раскажува дека му се случиле многу згоди и незгоди, а регистрирал и многу интересни откритија. Професорот Реџепоски подзастана да размисли кој настан во ова пригода да го сподели со нас. За оваа пригода се определи за истражувањата во пештерата Кадина дупка.

по интересна за истражување во зимски услови
– Во истражувачката работа и постојаното крстосување низ планините, долините, реките, водопадите, по сонце, дожд, непроодни снежни патеки, да се наоѓаш во „друштво“ на природните убавини, не било секогаш сѐ „подмачкано“ како што посакуваш, но природата ми ги исполнувала духот и љубопитството и сеќавањата никогаш не бледнеат. Но има и моменти кога сум се наоѓал во „небрано“, а планинарското искуство ми помогнало да се извлечам и од такви ситуации. Во 80-тите години на минатиот век не само што им бев водич на двајца врвни биолози и истражувачи од Полска туку учествував во истражувањето, што за мене беше посебно доживувања и многу научив. Колегите од Полска специјално дојдоа да истражуваат, да се уверат и да утврдат дека во ендемскиот регион на Река живее најмалиот примерок на полжав во светот. Кога влеговме во пештерата и по неколку часа го пронајдовме најмалиот примерок на полжав во светот, сите бевме воодушевени и радосни. Полските истражувачи и научници детално извршија научни истражувања и го оценија како успешно. Огромно беше задоволството што успеале истражувачката работа да ја крунисаат со успех. Полјаците беа пресреќни од успешно завршената работа и целосно ја документираа, изработија комплетен елаборат – вели професорот.
За најмалиот полжав по големина во светот што дотогаш постоел, за основните карактеристики и услови за живеење во Кадина дупка, како што не запозна Реџепоски, има постојано пано во Биолошкиот музеј во Виена, Австрија.
Инаку, Кадина дупка се наоѓа на 2,5 км од Жировница, во правец кон селото Врбјане, по планински макадамски пат, тешко прооден.
Како незгоден настан Реџепоски ги издвои неколкуте средби со мечките што хараа во Жировница во зимата 2024 година, кога на околните планини немаше никаков вид храна. За среќа, сето тоа минало без посериозни последици.
На разделбата се запознавме со уште една негова пасија. Професорот Реџепоски е успешен градинар и одгледувач на цвеќе. Дворот пред неговата куќа во селото Жировница е цветна градина, поделена на области. Во дворот ги одгледува речиси сите градинарски култури: домат, пиперки, краставица, морков, тиквичка… сѐ што е потребно за едно домаќинство и нема потреба да оди на пазар да купува, како што вели „најзначајно е што јадеме квалитетна и вкусна храна без хемикалии“. Наедно, цвеќињата му се омилени и ужива кога е покрај нив. Кога го забележа нашето изненадување дека толку многу љубов му посветува на домаќинството, Реџепоски едноставно додаде дека за сѐ се има време, но зависи од љубовта за работа и добрата организација на времето.