Фото: Маја Јаневска-Илиева

Горан Стефановски е еден од најголемите умови и творци во историјата на македонската драма. Неговото дело, исполнето со длабока мисла, хумор и критика, остави неизбришлив белег врз културниот простор на Македонија и пошироко. Стефановски не беше само драмски автор, тој беше гласот на едно време, совеста што нѐ потсетува нас Македонците кои сме и каде одиме. Преку неговите пиеси, како „Диво месо“, „Лет во место“ и „Тетовирани души“, Горан Стефановски создаде светови во кои се огледуваат македонското минато, сегашност и иднина

Во Дебар Маало во Скопје одбележан роденденот на великанот на пишаниот збор – Горан Стефановски

Љубители на театарот, на уметноста, на македонскиот пишан збор, пријатели, семејството и почитувачи на делото на големиот драмски автор Горан Стефановски се собраа вчера напладне во Дебар Маало, кај спомен-клупата поставена во негова чест. На местото каде што во 2019 година беше засаден чинар во негова чест – во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“ – вчера се одржа настанот „Горан е тука“, по повод 73-годишнината од неговото раѓање.
Со свои настапи се претставија музички уметници, Дарко Вељиќ изведе пантомима, додека неговиот син Игор Стефановски приреди музички сет како симболичен поздрав до ликот и духот на својот татко.
Горан Стефановски е еден од најголемите умови и творци во историјата на македонската драма. Неговото дело, исполнето со длабока мисла, хумор и критика, остави неизбришлив белег врз културниот простор на Македонија и пошироко. Стефановски не беше само драмски автор, тој беше гласот на едно време, совеста што нѐ потсетува кои сме и каде одиме. Преку неговите пиеси, како „Диво месо“, „Лет во место“ и „Тетовирани души“, Горан Стефановски создаде светови во кои се огледуваат нашето минато, сегашност и иднина. Неговите зборови продолжуваат да одекнуваат, инспирирајќи нови генерации уметници и љубители на театарот.
Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола. Неговите родители работеле во Народниот театар–Битола. Неговиот татко Мирко бил театарски режисер, а неговата мајка Нада глумица. Голем дел од детството Горан поминал во театрите. Студиите по англиски јазик и литература ги завршил на Универзитетот во Скопје и една година студии на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград. Дипломирал како најдобар студент на својата генерација во Скопје и се вработил во Одделението за драма на ТВ Скопје, а наскоро се вратил на универзитетот за да предава англиска литература, со посебен фокус на Шекспир.

На настанот присуствуваа бројни љубители на делото на Горан Стефановски

Во октомври 1974 година ја напишал претстава „Јане Задрогаз“ за Слободан Унковски, која постигнала голем успех на престижниот меѓународен театарски фестивал во Белград (БИТЕФ), потоа и во Париз и конечно на Театарскиот фестивал во Каракас, Венецуела. Во 1979 година ја напишал својата најпозната претстава „Диво месо“, која досега доживеа петнаесет продукции низ цела Европа, вклучувајќи го и Лондон, и е во наставниот план за средните училишта во Македонија. Ова дело му ја донело Октомвриската награда на Република Македонија за извонредно уметничко достигнување, највисоката награда на Републиката, како и наградата во 1980 година за најдобра југословенска претстава на годината на Југословенскиот народен театарски фестивал. Две години подоцна премиерно била изведена и претставата „Лет во место“, во која Стефановски се занимава со проблемот на македонското прашање во доцниот XIX век и идентитетот на нацијата. Во 1985 година е дел од успешната ТВ-серија за деца „Бушава азбука“. Стефановски во 1986 година го основал отсекот за драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што бил редовен професор до 1998 година.
Во септември 2000 година се преселил во Кантербери, Англија, и предавал сценарио и драматургија на Универзитетот во Кент пред да ја преземе функцијата на универзитетот „Кантербери Крист Чрч“ во 2002 година, предавајќи сценарио, сѐ до неговата смрт во 2018 година.
Стефановски бил член на Македонскиот ПЕН-центар и на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а во 2004 година станал член и на Македонската академија на науките и уметностите. Покрај драми, Стефановски пишувал и кратки раскази, кои се собрани во збирката „Конзервирани импресии“ (издание на „Темплум“ од 2004 година). Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во земјата на афионите“ („Темплум“, 2022).
Горан Стефановски почина во 2018 година, на 66-годишна возраст. Во својот тестамент изразил желба пепелта да биде растурена над Охридско Езеро.
Организатор на вчерашниот настан беше здружението на граѓани „Тим театрос К“ од Скопје, кое со години го негува сеќавањето на Стефановски. К.Р.

Синот на Горан Стефановски, Игор одржа куса беседа пред присутните и имаше интересен перформанс со пантомимичарот Дарко Вељиќ