ЗА МАКЕДОНЦИТЕ НЕПРИЗНАЕНИ ВО БУГАРИЈА
Вратата на ЕУ за Република Македонија ја затворија софиските властодршци со нелегитимното барање во Уставот како државотворен народ да бидат впишани и Бугарите. Сегашната власт на чело со ВМРО-ДПМНЕ ветува дека тоа ќе го стори со одложено дејство откако Македонија ќе биде примена во ЕУ. Според нашето мислење, тоа ветување е преурането. Во случајот се работи за правни субјекти во меѓународните односи т.е. меѓу државите Р Бугарија и РС Македонија.
Правната теорија и практиката упатуваат на прашањето за активната легитимација на покренувачот на оваа правна работа. Бугарскиот Устав ги идентификува сите граѓани на бугарската држава како Бугари, без да ја одредува нивната народност. Тоа значи држава-нација, со што е исполнет уставниот принцип за територијалната целост и единството на нацијата (членот 25 од Уставот). Вака дефинираната бугарска нација не е природно и историски создадена, туку е политичка категорија.
Зошто бугарските граѓани без исклучок се – „Бугари“?
Бугарското законодавство не познава националност или народност за одредени народносни заедници.
Сега сите бугарски граѓани без исклучок се Бугари, но некои од нив законот ги идентификува како Бугари од циганско потекло, турско, еврејско… потекло (или на бугарски јазик – происход), но нема Бугари од македонско потекло. Бугарското државјанство (бугарската националност) се стекнува со државјанството на едниот од родителите (членот 25 од Уставот).
Поради фактот што во Р Бугарија и РС Македонија нема Бугари од бугарско потекло, што е утврдено и од историската наука, Р Бугарија не може да биде легитимен претставник на автохтоните историски Бугари кои дошле на Балканот.
Внимавајте, бугарската историска наука неспорно потврдува дека бугарското турско племе, кое во 681 г. основа во источниот кајдунавски дел Бугарско ханство, го донело името на денешната бугарска држава. Историјата утврдува дека средновековните Бугари се претопиле во мнозинската словенска популација.
За исчезнувањето на средновековните Бугари помогнал нивниот последен хан Борис I Покрстител, кој од своите 100 велики болјари, 52 со нивните жени, деца, роднини и слуги ги убил, а својот роден син Расате го ослепел поради противење на приемот на христијанството и неоткажување од богот Тангра и племенските обичаи.
Овој геноцид придонел и за етноцидот на Бугарите. Со прифаќањето на христијанството и словенската писменост, новото бугарско кнежевство целото се словенизирало. Затоа отец Паисие бугарската преродба ја започнува со „Историја словено-бугарска“ што во тоа време значи Славјани поданици (граѓани) на бугарската држава, што одговара на идентитетскиот термин Афроамериканци или Латиноамериканци.
Извадоци од заклучоци и публикации на високи бугарски научноистражувачки институции
Бугарската академија на науки (БАН) неспорно потврдува дека словенската припадност на Бугарите и бугарските мухамедани ги определува како „посебен вид Славјани со средоземноморски и тракиски корени“, а тоа значи дека современите Бугари се разликуваат значително од турските народи во однос на генетската карактеристика. Тоа го тврди директорот на Институтот за микробиологија при БАН, Ангел Галабов. Во прилог на средоземноморски и тракиски корени на современите Бугари е тврдењето на БАН дека древните „Македонци не се Грци“, тој став на БАН е заснован на антички извори кои укажуваат на фактот дека во времето до 5 век пр. н.е. Македонија била контактна зона помеѓу Траки, Илири и Елини. Мешањето на овие три етноси е сосема природно, па и јазикот им претставува мешан говор меѓу тој на Траките и Елините. Потоа во 4 век пр. н.е. се формира силна економска и воена држава – Македонија, а со тоа и посебен етнос, кој историчарите го именуваат како Македонци. Ова на БАН во јавноста го изнесе академик проф. Григор Велев во 2013 г., кога беше во јавноста потврдено и преку печатот.
Кога започнува „преродбенскиот“ процес на бугарската нација?
Ако веќе е утврдено од бугарската наука дека современите Бугари се посебен вид Словени со средоземноморски и тракиски корени, тогаш зошто бугарските граѓани што се идентификуваат како Македонци да не бидат именувани како Бугари од македонско потекло како што се и другите бугарски граѓани од турско, циганско, еврејско, арапско итн. потекло. Ова право на Македонците кои се бугарски граѓани им е одземено од режимот на Тодор Живков, кога започнува „преродбенскиот“ процес на бугарската нација.
Преродбенскиот процес, бугарската политичка власт сѐ уште го применува врз бугарски граѓани што се самоопределуваат по народност како Македонци. За ова сведочат многубројните пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).
Со победата на фашизмот се укинува фашистичката монархија и Бугарија станува Република, а Македонија република во рамките на Југославија. Основачкото собрание на Република Македонија (Антифашистичкото собрание на народно ослободување на Македонија – АСНОМ) е одржано на 2.8.1944 г., во време кога фашистичка Бугарија е сѐ уште верен слуга на Хитлер. На тоа собрание учествуваат претставници на македонскиот народ од сите делови на Македонија, наедно и делегати од Пиринска Македонија што се веќе поданици на Бугарија од 1913 г. Со промената на државното уредување сега веќе – Народна Република Бугарија го призна македонскиот идентитет на тие граѓани. При пописите на населението на Р Бугарија од 1946 година за македонска народност се изјаснија 160.141 (63,6 проценти) од вкупниот број 252.573 жители. Во 1956 од вкупно 281.015 жители, како Македонци се изјасниле 178.862 (63,6 проценти). Тие веќе не се поданици туку граѓани на Р Бугарија, рамноправни со сите други народности! Во 1956 година е последниот попис, кога граѓаните на Р Бугарија можеле слободно да се самоидентификуваат.
Бугарија задава најголем удар врз честа и достоинството на човекот: му го одзема правото на самоидентификување
Поради фактот што народноста е на прво место при колективната и личната идентификација, најголем удар врз честа и достоинството на човекот е да му се одземе правото на самоидентификување. Како што и претходно наведовме, Р Бугарија го прави тоа, за што сведочат многубројните пресуди на Европскиот суд за човекови права. Бугарскиот Устав националноста на луѓето ја изедначува со граѓанството на Р Бугарија, што значи држава-нација, што е политичка категорија, а не природна или историска. Бугарските научници од БАН научно докажале дека бугарски граѓани од вистинско бугарско потекло нема. Доказите се изведени од генетските карактеристики. Според тоа, современите Бугари се Словени од различно потекло и немаат никаква врска и потекло со турските племиња.
Според правната наука и пракса, современата бугарска држава не е легитимен претставник на Бугарите за кои бара упис во Уставот како државотворен народ.
Нивното барање е нејасно и неразбирливо и не може да се идентификува (турско, циганско, еврејско потекло). Заради тоа интересот на Бугарија е само политички. Бугарската политика не може да согледа дека Европскиот суд за човекови права утврдил дека Бугарија им го одзема правото на Македонците да се идентификуваат како Македонци. Тоа прашање ќе отпадне ако бугарската власт им го признае идентитетот на своите државјани од Пиринска Македонија, кои всушност се вистинскиот државотворен народ!
Автор: Здружение на Македонците репресирани од Бугарија
Семакедонски традиционален собор во Мелник, во спомен на Јане Сандански
Македонскиот војвода од Пирин повторно ги собра Македонците
Голем број Македонци од сите делови на Македонија вчера пристигнаа во Мелник, Пиринска Македонија (денес Р Бугарија), каде што присуствуваа на Семакедонскиот традиционален собор во спомен на 110 години од убиството на Пиринскиот Цар – Јане Сандански. На гробот на војводата, како и пред споменикот во Мелник, беа положени венци и свежи цвеќиња од почитувачите на ликот и делото на Сандански.
Бугарски граѓани на социјалните мрежи изрекоа флагрантни закани, навреди и говор на омраза упатени кон Македонците
Мелник и околината деновиве беа под силен полициски надзор на припадниците на МВР на Бугарија, затоа што бугарски граѓани на социјалните мрежи и во други форми и облици на комуникација изразуваа флагрантни закани, навреди и говор на омраза упатени кон уредно најавеното доаѓање на Македонци од сите страни на светот. Македонските посетители редовно го чествуваат еден од своите најголеми национални апостоли и го одбележуваат денот на убиството на војводата Сандански, идеолог на македонската организација и најширокото движење за национална и социјална слобода, за посебност и формирање македонски државноправен ентитет. Бугарските медиуми пренесуваат дека малиот град Мелник во Бугарија изминатите два дена бил под силна полициска опсада на над стотина вооружени полицајци и службеници на Државната агенција за национална сигурност (ДАНС).
Засиленото обезбедување имало задача да не дојде до реализација на заканите и говорот на омраза од страна на бугарски граѓани, чиј шовинизам и хегемонизам најчесто се насочени кон Македонците и македонската држава. П.Р.