Можна ли е поинаква поставеност на играчите при изведување корнер, може ли да има претходно планирани формациски промени, аутот да стане шанса како корнерот, нова улога на централните бекови, играње без голман…
Ако изминатата деценија на англискиот фудбал има една обединувачка тема, тоа е тактичкото обновување, откако од средината на 2010-тите, и од Антонио Конте, Пеп Гвардиола и Јирген Клоп, Премиер-лигата ги привлече најдобрите европски тренери, ставајќи ја како авангарда на тактичката иновација. Сега, новите идеи уште влегуваат во лигата, но уште ништо не се појавило како следна одлична теорија. Еве неколку идеи, некои понеобични од другите, пишува „Би-би-си“.
КОРНЕРИ
Пред неколку години тренерот Роберто де Зерби го истегнуваше теренот при ударите од гол. Тој држеше пет играчи до својот голман и пет играчи на половина од теренот, празнејќи го централниот среден ред и поделувајќи го збунетиот противник на два дела. Фудбалерите на Брајтон потоа би ја шутнале топката далеку, заобиколувајќи половина тим. Вакво нешто може да се врати повторно, а секако долгите топки се враќаат во мода како природна противигра за високиот пресинг, кратките подавања од гол-аут и високите одбранбени линии. Една деценија користење на сите во тесни простори сигурно ќе предизвика контрареакција.
Значи, една идеја е кога се брани корнер, наместо да се наполни шеснаесетникот со играчи, зошто да не се остават четири или пет фудбалери на центарот, пишува „Би-би-си“. Тоа ќе создаде возбудливи сценарија за контранапади со долга топка со игра пет на два или, поверојатно, ќе го принуди напаѓачкиот тим да остави пет или шест играчи назад.
Исто така, се чисти шеснаесетникот, се расчистува и патеката за голманот и се создава поедноставно чување еден на еден, што може да ги намали шансите за примање гол. Корнерите се во мода во моментов, а тренерите за игра при прекини на игра се новиот задолжителен додаток, пишува „Би-би-си“. Но можеби премногу внимателно ги разгледуваме системите за чување во неуредниот шеснаесетник. Во рамките на моќта на тимот е да се ослободи простор и да се приклони кон ултрараширен фудбал.
ПРЕТХОДНО ПЛАНИРАНИ ФОРМАЦИСКИ ПРОМЕНИ
Нема доволно измама во фудбалските тактики. Постојат „мрачните уметности“ на одбраната, додавање без гледање… но каде се тактичките мамки? Играчите постојано стануваат сѐ поразновидни, а (повеќето) тренери исто така, кои редовно ја менуваат формацијата помеѓу натпреварите и во нив. Всушност, многу тренери деновиве би ја отфрлиле идејата за формации.
Но уште има основни разлики помеѓу, да речеме, 4-3-3 и 3-4-2-1, и иако на многу тренери им е удобно да го менуваат тоа врз основа на состојбата на мечот, се префрлаат со систем со тројца назад за да го чуваат водството со 1-0, на пример никој не ја менува формацијата во почетокот на натпреварот и никој не го прави тоа за да го измами другиот тренер, пишува „Би-би-си“.
Замислете два тима да играат во слична формација 4-3-3, со крилни играчи на аут-линиите и два броја осум пред дефанзивен играч за врска. Во првите 10 минути тие ја чувствуваат играта на другиот, навикнувајќи се на шаблоните на нивните противници. Потоа одеднаш еден тим преоѓа во 3-4-2-1. Крилните играчи исчезнуваат, триаголникот со три играчи во средниот ред станува четворка, а другата екипа мора да се бори за да држи темпо. Пет минути подоцна, тие повторно менуваат. Или целосно се префрлаат на трет систем. Би било хаотично, но тимот што ги работел менувањата на тренинзите би имал огромна предност во тие избезумени неколку минути адаптација.
И тоа би можело да има огромно влијание врз играта, бидејќи ќе бара нов начин на размислување за времето. Во моментов фудбалските луѓе размислуваат за времето само на доста ограничен начин, колку долго треба да се држиме за да го зачуваме водството, кога треба да се направи првата замена… Времето е танц со другиот тим, нешто на што реагираме, променливата што ни се лизга низ прстите. Формациите за мамка би барале разделување на мечот на временски делови и планирање на секој сегмент. Откако ќе почнеме да размислуваме на овој начин, 90-те минути би можеле да се чувствуваат како подолги и побогати, нешто што треба да се искористи и контролира, пишува „Би-би-си“.
АУТ, ЦЕНТРАЛЕН БЕК…
Има околу 30 изведувања аути по натпревар, но никој не помислил да бара иновации за најчестиот дел во играта, од кој нема офсајд. Но, се разбира, еден човек направи иновација пред околу 17 години, само никој не го копира, пишува „Би-би-си“. Изведувањето аут на Рори Делап е една од најпознатите слики во Премиер-лигата. Неговите уфрлувања доведоа до 25 гола на Стоук во неговите први четири сезони во клубот. А, сепак, техниката на изведување аут на Делап замина во пензија со него.
Веројатно нема ништо уникатно во мускулатурата на Делап што ги спречува другите да научат, па зошто никогаш не се повтори? Најверојатно објаснување е феноменот „Рик Бери“. Бери се повлече од НБА во 1980 година како лидер на сите времиња во процентот на слободни фрлања, користејќи исклучиво стил со шут од долу, но никој не ја копирал неговата техника, пишува „Би-би-си“. Ако некој ја собори таа бариера, тоа би можело да доведе до налет на копирање, трајно претворање на аутот во шанса како корнер и трајно менување на начинот на играње фудбал, пишува „Би-би-си“.
Би било претерано да се каже дека централните бекови останаа непроменети во претходните неколку децении. Но, во голема мера позицијата е недопрена. Може да се каже дека нема ништо ново за мародерскиот централен бек. Франко Барези ги поминуваше линиите на тимовите пред околу 40 години, а во Англија Рио Фердинанд стана познат по оваа карактеристика на неговата игра во 2000-тите години. Но ова би можело да се однесе понатаму. Централните бекови, необележани и незабележани, би можеле да почнат да трчаат без топка низ линиите, незабележано да влегуваат во напаѓачката линија и повеќе, како Дестини Удоги во Тотенхем. Ако еден бек се префрли за да покрие, тогаш нема причина моќните централни бекови, подобри со топката од кога било, да не можат да бидат ослободени да станат резервен играч, нарушувачката сила што се прикрадува низ системот, пишува „Би-би-си“.
ИГРАЊЕ БЕЗ ГОЛМАН
На пример, Ливерпул има негатива од 0-1 против тим од Лига 1 во Лига-купот. Остануваат уште пет минути и сите 11 од противничкиот тим „кампуваат“ во својата третина од теренот. Голманот Алисон сега е во улога на бек, на половина терен и додава лево-десно. Но Арне Слот го повлекува Алисон за да внесе дополнителен напаѓач и на друг играч му ги дава голманските ракавици, да речеме на Трент Александар-Арнолд. Тој останал по тренинзите претходната недела неколку дополнителни сесии за да ги научи основите на голманите, иако веројатно нема да направи ништо во текот на неговите пет минути на теренот, а ако има работа, Александар-Арнолд на голот може да поттикне удар од далечина што е полесно да се одбрани или ќе се соочи со акција четири на два што голманите, и онака, ретко ја бранат. Во почетокот звучи лудо, но… Ливерпул губи малку додека добива подобар бек-дистрибутер и дополнителен напаѓач. Вистинската тактичка иновација бара независно размислување. Да, улогата на голманите веќе еволуира во изминатата деценија, но да видиме што може да направи Александар-Арнолд на голот, пишува „Би-би-си“. Н.М.
Програмата не ги наградува само елитните клубови, неколку тима од седми лиги и еден од десетта лига добија исплати преку оваа програма, пишува УЕФА. Рекордни 233 милиони евра беа дистрибуирани до 901 клуб за ослободување играчи за настап во ЛН, во квалификациите и на ЕП лани
Чеферин: Кога фудбалот напредува, сите имаат корист
Рекордни 233 милиони евра беа дистрибуирани до 901 клуб од сите 55 земји членки на Европската фудбалска унија (УЕФА) за ослободување играчи за настап во Лигата на нации (ЛН) во сезоните 2020/2021 и 2022/2023, квалификациите за Европското првенство (ЕП) лани и за ЕП 2024.
Клубовите добија еднаков удел за секој ослободен играч за секој натпревар во Лигата на нации и за квалификациите за Европското првенство, како и фиксна сума по фудбалер на ден за време на континенталното првенство. Програмата за клупски бенефиции не ги наградува само елитните клубови, неколку тима од седми лиги, па дури и еден од десетта лига, англискиот Јоркшир аматери, добија исплати преку оваа програма, пишува Европската фудбалска унија.
– Фантастично е да се види дека клубови од сите големини и нивоа, низ целата фудбалска пирамида, добиваат финансиски награди за нивната витална улога во развојот на играчите што придонесуваат за успехот на нашите репрезентативни натпреварувања, вклучувајќи го и многу успешното ЕП 2024. Секој успех на нашите натпреварувања е заеднички. Кога фудбалот напредува, сите имаат корист – рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин. Н.М.