Погребот на Ана Миладинова, 6 ноември 1928 година

Токму во ваква атмосфера, во време на силен отпор против грчката духовна и османлиската политичка власт, дејствувала снаата на Тасе Миладинов. Колку што е познато, со Зафир Миладинов (1864-1918) имале три сина. Современиците на Ана Миладинова, односно Зафирица истакнувале дека станувало збор за силна и храбра жена, наведувајќи дека таа „беше голема патриотка и идеалистка“. Куќата на Зафир и Ана имала неколку тајни влеза и излеза, што ја чинела особено погодна за револуционерна дејност. Тука комитите ноќевале, се криеле, се лекувале, ја разменувале кореспонденцијата. Нивниот дом „служел како центар за криење на сите револуционери што тука го наоѓале својот спас“

Жени во македонското револуционерно движење од предилинденскиот и илинденскиот период (13)

Во македонската историја се познати голем број настани и револуционери што оставиле силен белег во борбите за ослободување на Македонија. Меѓутоа, она што не е доволно познато е дека во тие борби се вклучиле и повеќе Македонки, кои со своите дела и постапки исто така дале свој придонес во револуционерното дело. Околу нив се плетеле приказни, се граделе митови и легенди, а нивните биографии личат на вистински романи, кои како да се произлезени од најголемите фантазии на писателите. Овие жени се бореле гради во гради со непријателот, шиеле востанички знамиња, извршувале курирски задачи, пренесувале оружје и муниција, ги криеле и ги лекувале македoнските револуционери. Нивниот револуционерен ангажман бил прераскажуван од современиците, а меѓу народот биле познати како
„комитките“.
Авторот д-р Славчо Ковилоски е универзитетски професор.

Големата струшка фамилија Миладиновци најмногу е позната по двајцата браќа Димитрија и Константин, кои го зачувале македонскиот фолклор од заборавот објавувајќи зборник со народни умотворби. Меѓутоа, Миладиновци, родени (како Наум Миладинов, брат на Димитрија и Константин) или придојдени (како во случајот со Ана Миладинова, омажена за Зафир Миладинов), дале свој придонес и во образованието, музиката и револуционерното дело.
Ана Миладинова е позната како Зафирица (од Зафир) како што своевремено жените ги земале имињата на своите мажи. Зафир бил син на Анастас (Тасе) Миладинов, брат на Христо Миладинов, кој, пак, им бил татко на познатите браќа Миладиновци (Димитрија и Константин). Фамилијата уште одамна била позната по своите напори за отфрлање на грчкото влијание преку образованието и богослужбата. За попот Иван Миладинов, дури е познато дека научил и „службата света по славјански ја служит“. Овој Тасе Миладинов имал пет деца: Фроса, Криса, Зафир, Савета и Иван. Токму Зафир за жена ја зел стружанката Ана со која живееле во старата куќа на неговиот татко, односно свекор. Тасе, пак, по откривањето и растурањето на Охридскиот заговор (1880/81), кој претендирал кон востание за ослободување на Македонија, плашејќи се од реперкусии од властите емигрирал во Видин каде што и починал во 1891 година. Треба да го истакнеме фактот дека токму на името на Тасе била добиена, можеби првата телеграма од Вилијам Гелдстон: „Македонија на Македонците“.
Токму во ваква атмосфера, во време на силен отпор против грчката духовна и османлиската политичка власт, дејствувала снаата на Тасе Миладинов. Колку што е познато, со Зафир Миладинов (1864-1918) имале три сина. Современиците на Ана Миладинова, односно Зафирица истакнувале дека станувало збор за силна и храбра жена, наведувајќи дека таа „беше голема патриотка и идеалистка“. Куќата на Зафир и Ана имала неколку тајни влеза и излеза, што ја чинела особено погодна за револуционерна дејност. Тука комитите ноќевале, се криеле, се лекувале, ја разменувале кореспонденцијата. Нивниот дом „служел како центар за криење на сите револуционери што тука го наоѓале својот спас“. Меѓу нив биле: Христо Узунов, Тале Горанов, Цв. Марков, Никола Петров, Спиро Христов, Тасе Христов, Ставре Гогов, Јаким Алулов, Петар Чаулев, Милош војвода и други.

Ана Миладинова-Зафирица

Во нивната куќа, која се наоѓала веднаш до куќата на Димитрија и Константин Миладиновци, „се обучувале организираните и новопокрстените борци на воено искуство со пушки и ножеви; тука се случило и првото претставување со бенгалски оган; тука се литографираа даночните револуционерни дописки и револуционерниот лист ‘На Оружје’, се лееја куршуми кои на пазарен ден, чувани во жито, се испраќаа до четите по селата“. Како што може да се види, Ана и нејзиниот сопруг сесредно ја помагале револуционерната борба со логистика. Но „не само морално туку Зафирица му помагала на делото и материјално, кога ги опслужувала лично самата таа скриените револуционери во нејзината куќа и по цели седмици“. Низ нејзините раце поминале облеките на стотина четници, кои ги перела, им готвела и ги извршувала зададените курирски задачи.
Ќе напоменеме дека за време на илинденската епопеја постоеле многу малку куќи каде што се лееле, односно се изработувале куршуми (во Струга се правела муниција и во куќата на Дудуловци), што претставувало особен ризик во случај доколку биле откриени од страна на властите. Постојаниот вриеж од луѓе и внесувањето хартија и боја во куќата на Ана и Зафир претставувале потенцијална опасност по нивниот живот и имот. Треба да имаме на ум дека повеќето македонски револуционери биле следени од власта. Поради тоа честопати се случувале провали на револуционерната мрежа, па војводите и четниците биле ставани во заседи. Голем дел од погоренаведените револуционери во следните неколку години загинале: поради престапи кон македонската револуционерна организација бил убиен Тале Горанов (1902); Јаким Алулов загинал во селото Вишни, Струшко (1903); Христо Узунов загинал во селото Цер, Кичевско (1905), Ставре Гогов во селото Вевчани, Струшко (1907).
По задушувањето на Илинденското востание нејзината активност се намалила, но не прекинала. До Балканските војни во 1912/13 година, Ана го помагала македонското револуционерно дело. По смртта на Зафир во 1918 година, на старост Ана продолжила да го живее своето секојдневие. Но дури и подоцна, кога Струга потпаднала под српска власт, нивната куќа останала „озлогласена“ поради своето револуционерно минато, па поради тоа новите власти во летото 1925 година ја опожариле. До крајот на својот живот Ана Миладинова останала во родниот град. За нејзината смрт е запишано следното: „Зафирица почина на 6.XI.1928 год. во Струга, без да го види остварувањето на својата желба на која ѝ посвети десетина години од својот живот – Македонија, заедно со Струга, слободни“.
Оваа жена, која никогаш не ги напуштила родниот град и Македонија, целосно му се предала на ослободителното дело, материјално, духовно и идејно. И токму затоа останал во сеќавањата на своите сограѓани, кои долго време си споменувале за неа.
Токму затоа и останало запишано: „Таа беше гордоста на Струга и на новите Миладиновци за што беше почитувана и уважувана од сите. Во тој патриотски дух таа ги воспита и своите тројца синови, кои уште како мали му беа на целосна услуга на револуционерното дело…“.

(Продолжува)