Вилата Мунди, што ја присвоила сопругата на Клаус Шваб, а која е опфатена со корупцискиот скандал / Фото: ЕПА

Светскиот економски форум (СЕФ) започна истрага против својот основач Клаус Шваб за злоупотреба на пари на форумот

Веста дека светскиот економски форум започна истрага против својот основач Клаус Шваб по анонимна пријава за злоупотреба на пари на форумот навистина ја шокира јавноста. Тој поднесе оставка, но ги негираше тврдењата, додека Форумот објави дека Одборот на доверители „едногласно ја поддржал одлуката на Одборот за ревизија и ризик да иницира независна истрага по писмото на свиркачот, кое содржи наводи за финансиско и етичко недолично однесување од страна на долгогодишниот лидер и неговата сопруга вклучително и наводите дека семејството Шваб ги измешало нивните лични работи со ресурсите на Форумот без соодветен надзор“.
Писмото, кое го имал на увид весникот „Волстрит журнал“, „вклучува наводи дека Шваб побарал од помладите вработени да подигнат илјадници долари од банкоматите во негово име и користел средства од Форумот за да плати за приватни масажи во хотелите“.
– Исто така, се тврди дека неговата сопруга Хилде, поранешна вработена во Форумот, организирала интернет-состаноци финансирани од Форумот со цел да го оправда луксузното патување за одмор на сметка на организацијата – пишува весникот.
Таа, според писмото, ја присвоила и вилата „Мунди“, со поглед на Женевско Езеро, која Форумот ја купил за 30 милиони долари и платил уште 20 милиони за реновирање.
Писмото, исто така, наводно поттикнало загриженост за тоа како Шваб се однесувал со вработените жени и како во неговото повеќедецениско раководство наводно дозволил случаите на сексуално вознемирување и дискриминаторско однесување да останат непроверени.
Овие пишувања ја отворија на некој начин Пандорината кутија и им ги отворија очите на земјите што не се членки на Унијата и кои сакаат да станат, но на кои постојано им се укажува дека корупцијата е еден од главните проблеми што мора да го надминат за влез во Европската Унија.

Корупцијата опфаќа сума што е околу 6 проценти од БДП на Унијата

Европската Унија и нејзините членки не се целосно имуни на палетата криминални поведенија поврзани со корупцијата. ЕУ декларативно ја идентификува корупцијата како „штетна за општеството и закана за стабилноста на земјите, што води кон повеќе криминал, тероризам, перење пари и пренос и продажба на дрога“, презема организирани мерки и активности за борба против ова општествено зло, но сепак, ниту превентивната ниту репресивната ефикасност не се на соодветно ниво.
Аналитичарите регистрираат дека „корупцијата опфаќа сума што е околу 6 проценти од БДП на Унијата“. Голем дел или дури 70 проценти од Европејците веруваат дека корупцијата е широко распространета низ земјите. Дополнително 35 отсто од компаниите сметаат дека корупцијата е проблем за бизнисите, а дури 59 проценти од бизнисите се согласни дека митото и врските се најлесниот начин да се дојде до одредени јавни услуги, се наведува во истражувањето на „Евростат“.
ЕУ издаде антикорупциски пакет на мерки уште во 2023 година, кој вклучува повеќе директиви во борбата со корупцијата и криминалот.
– Ниту една од 28-те земји членки на ЕУ не е имуна на корупцијата, ниту пак нашла начин доволно да ја потисне. Се сеќавам на еден извештај од пред неколку години. Се проценува дека корупцијата во ЕУ чини 160 милијарди евра годишно, што пред неколку години беше еднакво на годишниот буџет на ЕУ. Значи, зборуваме за многу пари – рече поранешната комесарка за внатрешни работи и за трговија на ЕУ, Сесилија Малмстром.
Се претпоставува дека наведениот износ, кој дури и сега претставува речиси еден процент од годишната економска добивка на ниво на Унијата, всушност е поголем. Иако нивото на корупција варира од членка до членка, во ЕУ не постои „зона без корупција“, ни изјавија извори од ЕУ-администрацијата во Брисел.
И граѓаните на ЕУ се свесни за овој растечки феномен. И досегашните анкети на Евробарометар покажуваат дека 76 проценти од Европејците сметаат дека корупцијата е широко распространета во нивната земја. Повеќе од половина веруваат дека нивото на корупција се зголемило во последните години. Еден од дванаесет граѓани на ЕУ доживеал или бил сведок на корупција, додека четири од 10 европски компании сметаат дека корупцијата е пречка за водење бизнис во ЕУ. Најголемо зголемување на корупцијата, според одредени истражувања, има во Грција, Чешка, Португалија, Романија, Словачка, Шпанија и во Словенија.
Најдобриот резултат во борба против корупцијата е забележан во Скандинавија – Данска, Норвешка и Шведска, каде што влијанието на корупцијата врз секојдневниот живот е минимално, односно каде што механизмите, од владини до невладини, се силни и ефикасни. Кога станува збор за новодојдените европски членки, таму нема изненадување – Бугарија и Романија се на чело на листата по корупција. Е.Р.


Коруптивни афери во низа во ЕУ

Пред само три недели „Нова Македонија“ пишуваше за уште еден во низата крупни коруптивни афери во Европа. Имено, на почетокот на април, бриселското јавно обвинителство подигна обвиненија за осум лица поврзани со „корупција, перење пари и учество во криминална организација“ по една подолга „истрага за поткуп во Европскиот парламент“. Белгиските обвинители во јавноста соопштија дека „уапсиле неколку лица под сомнение за поткуп во Европскиот парламент (ЕП), наводно во корист на кинеската компанија ’Хуавеј‘“.
Белгиските обвинители веднаш по реализацијата на истрагата во врска со извршени тешки противправни дела поврзани со корупција соопштија дека „корупцијата се одвивала многу дискретно, и тоа од 2021 година под маската на комерцијално лобирање“ при што „вклучувала плаќања за преземање политички позиции или екстравагантни подароци како храна, патни трошоци или билети за фудбалски натпревари“.
Потсетување и на уште еден голем корупциски скандал, од крајот на 2022 година, кога Европската Унија беше потресена од аферата „Катаргејт“. Имено, тогаш белгиските власти обвинија четири високорангирани лица, поврзани со Европскиот парламент (ЕП), поради сомневање дека биле вмешани во активности во кои Катар и Мароко поткупувале политичари, парламентарни помошници и невладини организации за да влијаат врз донесувањето одлуки во Европскиот парламент (ЕП).
И на крајот, потсетување на еден скорешен пример на корупција во регионов, во земја што е членка на ЕУ, а сепак за неа важи дека „корупцијата во неа тешко вирее“. Тоа е Словенија.

Јанез Јанша опфатен во истрага за корупција

Случајот со истрагата на некогашниот премиер на Словенија поттикна бурни реакции во словенечката јавност. Ова е особено значајно ако се има предвид дека Словенија важи за земја каде што корупцијата „тешко вирее“. Јанша (66) беше обвинет за злоупотреба на службената положба при продажба на имот во 2005 година, во првиот мандат како премиер. Ова не е прво обвинение за Јанша. За потсетување, тој беше поборник за сепаратизам на Словенија од некогашна Југославија, а во 2013 година беше осуден на две години затвор за поткуп во договор со финската одбранбена група „Патрија“ во 2006 година, во вториот мандат како премиер. Е.Р.


Индекс за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнл“ за 2024 година

Според индексот за перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнл“ за 2024 година највисоко рангирани (односно имаат најнизок степен на корупција) се Данска, Финска, па Сингапур. На дното е Јужен Судан, а пред него се Сомалија и Венецуела. Од земјите во регионот најдоброрангирана е Грција, иако стагнира на 59. позиција, а најлошо рангирана е Босна и Херцеговина, која се најде на 114. позиција.
Хрватска е на 63. позиција, Црна Гора е на 65. позиција, додека источниот сосед Бугарија, на 76. позиција. Албанија е на 80. позиција, Косово на 73. позиција, Србија на 105. позиција. Е.Р.