Македонија е неформален светски лидер според почитувањето и унапредувањето на малцинските права. А Уставот и законите во Македонија, во делот што се однесува на малцинствата (особено на едно од нив), им овозможуваат права и формалноправен статус далеку над стандардите од меѓународното право (резолуции), како што не овозможува ниедна држава во светот (малцинствата кај нас се со статус – „делови на народи“). Но, и покрај наведеново, она што отвора голем број дилеми е фактот што иако ОБСЕ досега немаше забелешки околу малцинските права во Македонија, сега очигледно таа институција се става во функција на барањата за уставни промени во врска со „заштита на малцинските права“, односно македонските граѓани со бугарска самосвест да бидат впишани во македонскиот устав и токму имплементацијата на нивните права (статус) да биде под засилен мониторинг… Што всушност сака ОБСЕ?
Повод: Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кристоф Камп, нуди експертиза на постојната национална регулатива за заштита на малцинските права
Веќе со години извештаите на сите релевантни меѓународни тела потврдуваат дека Македонија како држава ги има унапредено до таа мера правата на малцинствата, што тие во позитивна смисла излегуваат од секаква рамка на меѓународните конвенции.
Извештаите на „Хјуман рајтс воч“, на Европската Унија, на Венецијанската комисија, на ОБСЕ, Советот на Европа и други тела, секогаш содржеле генерален заклучок во кој јасно и недвосмислено се наведува дека во Македонија еднакво се почитуваат правата на сите, без оглед на нивната етничка припадност.
Кога веќе тоа е одамна апсолвирано и потврдено, нејасно е зошто одеднаш сега ОБСЕ се нуди за некаква експертиза при евентуална изработка на нова правна легислатива околу унапредувањето на малцинските права во земјава.
Високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ, Кристоф Камп, кој по преземањето на функцијата во декември лани за првпат е во посета на земјава, за време на неодамнешната средба со претседателката Гордана Силјановска-Давкова понудил експертиза на постојната национална регулатива за заштита на малцинските права, како и на нејзината имплементација.
Уставниот статус на малцинствата во Македонија е на пиедестал на „делови од народи“: Што уште сака да унапреди ОБСЕ?
Она што отвора голем број дилеми е фактот што ОБСЕ досега немаше забелешки околу малцинските права во Македонија, но сега очигледно се става во функција на барањата за уставни промени, македонските граѓани со бугарска самосвест да бидат впишани во македонскиот устав и токму имплементацијата на нивните права да биде под засилен мониторинг.
И додека во официјалните извештаи за земјава ОБСЕ споменува „малцинства“, онака како што тоа е дефинирано според меѓународните конвенции, во Македонија овој термин е исфрлен од употреба токму поради дополнителни унапредувања на малцинските права, па наместо малцинства во македонскиот устав тие се споменати како „делови од народи“ (иако ваква дефиниција за малцинствата не постои никаде во светот).
Ако веќе е достигнат овој стадиум на еднаквост на сите во земјава, тогаш дали следниот чекор во унапредување на малцинските права би било прогласување на тие „делови од народи“ во конститутивни народи и на тој начин да се избрише вековната борба на македонскиот народ за сопствена држава? Со евентуален таков чекор, македонскиот народ се претвора во народ без сопствена држава што споделува територија со други народи.
ОБСЕ треба да биде свесно дека со притисоците Македонија уште повеќе да ги зголемува правата на малцинствата надвор од сите меѓународни рамки, всушност работи во насока на дезинтеграција на земјата.
Колку за потсетување, нашите соговорници, експерти за малцинските права, нагласуваат дека „токму во име на дополнително подигање на малцинските права македонското собрание низ годините изгласа еден куп противуставни закони, кои сега се повеќе камен на сопнување и нефункционирање отколку што со нивната примена била додадена некаква дополнителна вредност во хармонизацијата на македонското општество“.
Тезата дека ОБСЕ го прави тоа во насока на откочување на македонскиот евроинтегративен пат е стравотно погубна за Македонија, бидејќи де факто ОБСЕ со иницијативата (за ревизија, унапредување и имплементација на малцинските права) практично констатира дека „овде се кршат и не се почитуваат малцинските права и за истите тие треба да интервенира, за да се доведат на ниво што резолуциите на ЕУ и Советот на Европа го бараат како некаков задоволувачки критериум за третман на малцинствата?!“
Нашите соговорници, професори и експерти по меѓународно право тврдат дека направиле и конкретни компаративни согледувања на сите аспекти на почитувањата на правата на малцинствата во Македонија и апсолутно и одговорно тврдат дека „и де јуре и де факто малцинствата во Македонија уживаат статус и многу повисок од малцинствата земјите во ЕУ, а за регионот и не треба да се прави споредба, а никако со Грција и Бугарија, бидејќи тие се далеку зад нас по овие прашања“. За ова е потребно малку подолга елаборација, тврдат соговорниците, но најавуваат дека се во тек подготовка на обемни материјали, кои наскоро ќе бидат поднесени во Советот на Европа, по што ќе бидат достапни во јавноста.
А ОБСЕ да се заврти малку кон други земји?
Каква експертиза ОБСЕ би нудел во врска со малцинските права во Македонија? Можеби тоа се однесува на нејасните термини, па ќе инсистира терминот „делови од народи“ да го замениме со терминот „малцинства“ и на тој начин да се хармонизираме на начин како што е предвидено тоа со меѓународното право. Македонија е светски пример за врвни малцински права, дури, на некој начин сме се однесувале и мазохистички по ова прашање, излегувајќи надвор од сите предвидени меѓународни рамки за малцински права само колку да им угодиме на малцинствата во земјава и уште повеќе да го усложниме функционирањето на унитарната држава. Впрочем, тие кај нас и не се малцинства, туку се рамноправни граѓани. Што повеќе од тоа? Од малцинства да прераснат во конститутивни народи?
Војната во Украина покажа дека и ОБСЕ се соочува со предизвикот дали воопшто ќе опстои во сегашниот формат, а тие дилеми беа особено изразени пред завршната конференција на Организацијата организирана во Скопје во ноември 2023 година откако земјава една година претседаваше со ова тело.
Она што веднаш падна во очи беше дека ОБСЕ и покрај негативните извештаи за повеќе земји околу исполнувањето на малцинските права, не направи ништо конкретно да ги принуди тие земји да променат нешто во пристапот кон малцинствата. Тоа го девалвираше ОБСЕ како организација и го доведе на работ на згаснување.
Имено, Грција и Бугарија со години добиваат негативни извештаи и од САД, од ОБСЕ, од Советот на Европа, од Судот во Стразбур и од други тела за флагрантно прекршување на правата на малцинствата, но не прават ништо да ги променат нештата и остануваат неказнети. Правдањата дека таков бил нивниот устав се повеќе од банални за земји што се дел од Европската Унија и кои при самиот влез во сите организации се обврзале дека ќе ги почитуваат правата на малцинствата.
За жал, реалната состојба е далеку од добра. Бугарија не ги спроведува пресудите на Европскиот суд за човекови права, не дозволува регистрација на македонски здруженија, додека правата на македонското малцинство во Грција се под секакво ниво, особено ако се има предвид фактот дека луѓе дури и во 21 век стравуваат за својата безбедност ако се кажат дека се Македонци. Дури и македонските туристи што секое лето престојуваат во грчките летувалишта мора со резерва да кажуваат од каде доаѓаат за да немаат непријатности за време на престојот.
Сето ова јасно говори дека наместо ОБСЕ многу повеќе да се позанимава со земјите во кои вистински треба да се подобруваат правата на малцинствата, оди на линија на помал отпор и притиска онаму каде што одамна сѐ е исполнето.
– Не знам каква експертиза би нудело ОБСЕ во врска со малцинските права во Македонија? Можеби тоа се однесува на нејасните термини, па ќе инсистира терминот „делови од народи“ да го замениме со терминот „малцинства“ и на тој начин да се хармонизираме на начин како што е предвидено тоа со меѓународното право. Македонија е светски пример за врвни малцински права, дури, на некој начин сме се однесувале и мазохистички по ова прашање, излегувајќи надвор од сите предвидени меѓународни рамки за малцински права само колку да им угодиме на малцинствата во земјава и уште повеќе да го усложниме функционирањето на унитарната држава. Впрочем, тие кај нас и не се малцинства, туку се рамноправни граѓани. Што повеќе од тоа? Конститутивни народи? Не може во унитарна држава да има повеќе конститутивни народи оти тоа води кон распад на државата. Утре секој конститутивен народ може да отвори прашање за отцепување и да си припои дел од територијата кон друга држава. Можеби ОБСЕ треба да побара во нашиот устав да ги прогласиме за автохтони малцинства и на тој начин да им бидат гарантирани сите малцински права во согласност со меѓународните конвенции. Ако на тоа се однесува експертизата на ОБСЕ, тогаш во ред, оти друга основа нема – заклучуваат дел од познавачите на проблематиката поврзана со малцински права. С.Т.