Осврт во париски „Либерасион“ за македонската писателка

Францускиот дневен весник „Либерасион“ во своето викенд-издание посветено на литературата има посебен осврт за најновата книга на Румена Бужаровска што е објавена на француски јазик – „Не одам никаде“. Збирката раскази е во издание на една од најугледните француски издавачки куќи „Галимар“, во превод на Марија Бежановска.
– Жена или маж, ниту еден лик од расказите на Румена Бужаровска не бега од целосното разоткривање на неговите мани и предрасуди. Љубомора, кукавичлак, ароганција… Палавото перо на 44-годишната македонска авторка воодушевува во ситничарството на душите обликувани од општествените стеги – го започнува својот осврт новинарот и литературен критичар Луи Сејер.
Во трето или прво лице, жените со четириесет и нешто години од средната класа, кои најмногу се изразуваат во нејзините книги, ги гледаат своите емоции изложени без филтер, горко исмеани, но со одредена добрина.
– Сакам да го критикувам општеството и мразам сентименталност. Хуморот ми дозволува да ја убијам оваа сентименталност, а исто така е најдобар начин да укажам на нечија ригидност, сексизам или расизам – вели Бужаровска за „Либерасион“.
Разочарани, Весна, Софија или Светлана се сомневаат и се исцрпуваат обидувајќи се да ги исполнат своите улоги како мајка, сопруга или сама жена. Тие се исто толку неспособни како и мажите околу нив да го надминат современиот конформизам и да комуницираат со другите.
– Тоа е една од работите што сакам да ги направам: да ги хуманизирам жените и нивните мани, а не да ги осудувам повеќе или помалку грубо од мажите – додава таа.
Според новинарот на „Либерасион“, овој стремеж не е изненадувачки на Балканот.
Иако денес е една од најистакнатите писатели во регионот, преведена на повеќе од десетина јазици, Румена првенствено се поврзува со каузата на жената. Од нејзиното откривање како студентка, оваа преведувачка и професорка по американска литература на Универзитетот во Скопје повеќе од дваесет години ги осудува лагите на традиционалното семејство. Таа има статус на феминистичка писателка и тврди дека нејзиниот активизам е роден од длабокото чувство на неправда.
– Од почетокот на пубертетот сфатив дека ме третираат поинаку од мојот брат. Не можев да излезам како него бидејќи ме гледаа како потенцијална мајка, со ризик да го „уништам угледот на фамилијата“. Тоа ме направи длабоко огорчена. Моето пишување и мојот активизам потекнуваат од ова чувство – се доверува таа со великодушна едноставност.
Во балканските општества „кои сè уште ја немаат направено својата сексуална револуција“ и каде што жените долго се исклучени од јавната дебата, Румена Бужаровска го поздравува доаѓањето на бранот #MeToo и концептите што резонираат со „Мојот маж“, нејзината прва збирка преведена на француски во 2022 година. Секогаш со нејзиниот разорно каустичен стил, Бужаровска се запрашува за поимот искоренување, толку присутен во земја обележана со емиграција. Додека многу автори од Југоисточна Европа ја отфрлаат етикетата „Балкан“, Бужаровска ја брани. Таа претпочита да го исмева овој „комплекс на инфериорност кон Западот“, како во последниот расказ „8 Март“ и неговото речиси жестоко финале околу сопругата на американскиот амбасадор. Според неа, Балканот е за самоомраза и таа го презира тој комплекс на инфериорност. Одмаздничките национализми поттикнати од популистите во регионот ја згрозуваат. Од Сараево до Атина, оваа внука на комунистички активист прогонет по страшната грчка граѓанска војна се обидува да го осуди локалниот расизам, како што е „албанофобијата“ што го јаде македонското општество (Албанците претставуваат околу 30 проценти од населението, забелешка на „Либерасион“). Како и сите Македонци, и Румена Бужаровска е трауматизирана од неодамнешниот пожар во ноќниот клуб во Кочани. Но оваа вечна бунтовничка, блиска до нејзините студенти, се надева дека генерацијата зед, „многу подобра од нашата“, ќе продолжи да демонстрира против убиствената корупција. И дека ќе престане да бара подобар живот на друго место.
– Нивните родители им ставија во глава дека мора да заминат и дека Западот е целиот млеко и мед, но таму секогаш ќе има сиромашни имигранти. Можеби ќе сфатат дека останувањето во Македонија може да биде одлично и дека понекогаш е подобро да инвестираш таму каде што живееш наместо да заминеш – нагласува Бужаревска за париски „Либерасион“.

Тони Гламчевски