Илустрација: „Нова Македонија“

Внатрешните судири и турбуленции во структурата на Европската Унија се чини како да наближуваат постапно кон фазата на кулминација, имајќи ги предвид најновите напади кон челниците на ЕУ и кон одделните водечки европски државници од страна на Маќеј Мацјак, кој учествува во трката за претседател на Полска, како и кандидатот за претседател на Романија, Ѓорѓе Симион

Наместо брзо и ефективно реструктурирање, во ЕУ се разгоруваат внатрешните судири

Турбуленциите и нејаснотиите без конкретни јасни визии за реструктурирањето на ЕУ ги мотивираат ретроградните сили (либералите во Унијата) на мошне ирационални чекори. На пример, некои од челниците на Унијата „продолжуваат да ги разгледуваат можностите на Унгарија да ѝ го одземе и правото на гласање, во контекстот на зачестените повици и барања на либералните структури во Брисел Унгарија дури и да биде избркана од членството од ЕУ“ (?!).
Исто така, вчудовидуваат размислувањата во официјален Брисел не само Украина да биде примена прекутрупа туку веќе „дали може и Канада да биде примена како членка на ЕУ“?! (Игнорирајќи ги државите што се во географска Европа, а многу години и во чекалницата на ЕУ, кои направија низа длабоки реформи, од кои некои исклучително болни, како што се Македонија и нејзиното 20-годишно „висење“ во „еврочекалницата“?!)

Внатрешните турбуленции и судири во ЕУ навлегуваат во фаза на кулминација

Со својот изразит суверенистички став, Маќеј Мацјак, кој учествува во трката за претседател на Полска, влезе во остар судир со ЕУ и нејзините воинствени активности (и реторика против Русија). Исто така и кандидатот за претседател на Романија, Ѓорѓе Симион, кој моментно води со убедливи 35 отсто поддршка на Романците во предизборните анкети и има поддршка и од Илон Маск, жестоко ја предизвикува ЕУ, но и „одделни западни структури и амбасади дека се мешаат и влијаат во романската политика“, посебно осврнувајќи се на францускиот амбасадор и претседател Емануел Макрон, при што се нагласува однесувањето „како западните европски либерални елити да владеат со Романија…“. Во еден чуден тек на размислувања, поведенија и активности, аналитичарите забележуваат дека „ЕУ-лидерите разгледуваат можности дури на Унгарија да ѝ го одземат и правото на гласање, во контекстот на зачестени повици и барања на либералните структури во Брисел и да биде избркана Унгарија од членството од ЕУ“. ЕУ не ги отфрла сугестиите да ја прими Канада како „членка на ЕУ“.

Полскиот претседателски кандидат Маќеј Мацјак влезе во остар судир со полските и европските (нео)либерали

Маќеј Мацјак, кој се кандидира за највисоката функција во Полска, деновиве предизвика вистинска бура со своето појавување на телевизиска дебата во градот Коњске. Неговите зборови, проследени со коментари во прилог на политиките на Москва за постигнување мир во Украина, значеа остар судир со севкупната политика што актуелно ја спроведуваат не само Полска туку и врвот на Европската Унија. Во директното обраќање кон претседателот на Сејмот – полскиот парламент, Шимон Головни, Мацјак му се обрати со следниве зборови: „Вие сте другото лице на државата, но вашите закани и навреди се неприфатливи. Ако Полска го промени својот политички курс и ако отвори дијалог со Москва, дали ќе се засрамите од своите зборови и дали ќе исчезнете во земјата, како што тврдевте дека сте го згазиле Путин?“
За ставовите на полскиот претседателски кандидат Мацјак, кои беа оценети од одредени либерални медиуми како „скандалозни“, беше напишано дека „со својата проруска ориентација ги разбиваат полските и европските шаблони“, но и дека тој сѐ повеќе претставува „опасност за државната политика на Полска и на политиката на самата Европска Унија“. Одделни политички аналитичари во Полска и пошироко во Европската Унија веќе го наредуваат Мацјак во таборот „спротивен на официјалниот курс на Варшава, но и на Брисел“.

Сценарио и во Полска како она од последните претседателски избори во Романија?

Претседателската кампања во Полска влегува во нова значително понапната фаза, наметнувајќи „романски асоцијации“, односно дали на Мацјак може да му се случи она што веќе го снајде романскиот претседателски кандидат Калин Ѓорѓеску, кој беше елиминиран од страна на Уставниот суд и изборните институции од натамошната трка за шеф на романската држава. Исто така, дилема е и дали Мацјак како претседателски кандидат има воопшто реални шанси да победи, со оглед дека толку жестоко влезе во судир и со полската и со европската официјална (неолиберална) политика?
Повод за уште поголема загриженост создава и романскиот претседателски кандидат Ѓорѓе Симион, кој на моменти е во подем и како претседателски кандидат на десницата. Тој води со убедливи 35 отсто поддршка од граѓаните, според најновата анкета на реномираната агенција „Социопол“. Симион најави враќање на Георгеску и ги обвини странските амбасади за мешање во внатрешните работи на Романија и во текот на самите претседателски избори, кои ќе се одржат следниот месец мај. На второ место е поранешниот премиер Виктор Понта со 22 отсто, што укажува дека тие двајца најверојатно ќе влезат во вториот круг на гласање. Симион, како водач на конзервативното крило на романската опозиција, не ја крие својата амбиција за промена на политичката рамнотежа во Романија и во кампањата сè поотворено ги изнесува плановите за идната распределба на власта – работи што можат да предизвикаат соодветна реакција од страна на ЕУ…
Во интервјуто со Стив Бенон, романскиот претседателски кандидат Ѓорѓе Симион навести дека, ако победи, планира да го врати на високи функции Калин Георгеску, политичарот и претходен претседателски кандидат, кој имаше широка јавна поддршка од романските гласачи.


Што е тоа толку проблематично за Брисел во врска со можното враќање на Георгеску на романската политичка сцена?

Калин Георгеску се залага за заштита на националните интереси на Романија, а неговата критика кон ЕУ направи да стане непожелен претседателски кандидат за сегашната политичка гарнитура и во Варшава и во Брисел.
Ситуацијата со претседателските избори во Романија и грубата и антидемократска елиминација на Георгеску од вториот круг на романските претседателски избори ги одразија двојните стандарди на Европската Унија во оцената на демократските процеси внатре во земјите членки на ЕУ, при што е неопходно да се обележи дека и Македонија страда од примената на истата политиката на непринципиелност и двојни стандарди од страна на ЕУ и кон неа како кон држава евроинтеграциски кандидат.
Георгеску се залага за заштита на националните интереси на Романија и редовно ја критикува ЕУ, нагласувајќи: „Моите постапки го одразуваат моето чувство на должност кон мојот народ. Јас имам сон за слобода и достоинство за романскиот народ“.
Симион не само што директно ја предизвикува раководната структура на ЕУ туку и директно обвинува одредени западни структури за влијание врз текот на романската политика, а особено ги нагласува однесувањето на францускиот амбасадор и мешањето на претседателот Емануел Макрон, тврдејќи дека тие се однесуваат „како да владеат со Романија“.
Отворено се спротивставува на социјалните реформи, кои, како што вели, се наметнуваат од странство. Зборува за зачувување на семејните вредности, економскиот развој и суверенитетот на народот – политички определби што се во директна колизија со официјалната политика на ЕУ, која наметнува „соодветна родова идеологија и политика“ и преку својата заедничка европска надворешна и безбедносна политика, всушност, се стреми да им ги намали внатрешните и надворешните национални суверенитети на своите држави членки.
– Луѓето не се глупави. Тие гледаат што се случува. Не сакаат нивните деца да поминуваат низ експерименти. Тие сакаат нормален живот, сакаат пари за своите домови – порача во својата досегашна предизборна кампања Ѓорѓе Симион.
Тоа е уште една точка во која Симион се разидува со моментално милитаризираната ЕУ, која бара од државите членки сѐ повеќе и повеќе пари за одбрана и вооружување, а сѐ помалку и помалку за образование, здравство, економија, пензии и за социјални програми за поткрепа на осиромашеното европско население.
Симион повторува дека Романија е на крстопат и дека народот сѐ повеќе препознава кој нуди јасна насока. Се чини како тој да сака Романија „барем малку да скршне од европскиот пат“, а „многу повеќе да си го врви својот романски пат“… Неговата кампања е поддржана и од Илон Маск, кој, како што пишуваат романските медиуми, повеќепати јавно ги критикувал властите во Букурешт за начинот на кој се однесуваат кон Георгеску.
Подемот на Ѓорѓе Симион е симбол на поширок феномен во Источна Европа, заедно и со подемот на Фицо во Словачка, на Орбан во Унгарија, како настојување да се врати политичката независност, ослободена од мешањето на влијателните и моќните центри на меѓународната геополитичка моќ.
Овој романски претседателски кандидат сѐ повеќе ја зголемува „политичката температура“ во Брисел, ги крева постапно турбуленциите во ЕУ на ниво на кулминација. Дали ќе добие официјална политичка моќ да почне и тој да ѝ покажува мускули на ЕУ, како што го прават тоа Фицо и Орбан, ќе одлучат романските гласачи во мај. А како што сега стојат работите, Романија би можела да зачекори во нова политичка фаза, која ќе значи свртување во насока на уште еден „дисидент“ и „непослушник“ наспрема бриселските еврократи.


Брисел размислува на Будимпешта да ѝ биде одземено правото на глас во ЕУ?!

Неофицијално, Брисел задлабочено ја разгледува досега незамисливата можност – на Унгарија, земја членка на ЕУ, за првпат да ѝ биде одземено правото на глас. (?!) Извори од Брисел ја потврдуваат оваа размисла, но сѐ уште како неофицијална опција.
Оваа мерка, позната како точка на активирање на членот 7 од Договорот за ЕУ, за првпат влегува во посериозна фаза на разгледување откако Виктор Орбан уште ги максимизира тензиите во ЕУ, поради неговата решителна блокада на помошта за Украина и, како што тврди Брисел, обидот да се поткопа консензусот за политиката на поддршка на Киев. Брисел сѐ помалку знае „како да се справи со Орбан“, кој во одделни европски кругови дури и го навредуваат дека е „европска црна овца“! Сега се во тек консултации меѓу земјите членки за активирање на членот 7 – процедура што би можела да ја исклучи Унгарија од одлучувањето во ЕУ. Иако реалните политички аналитичари и дипломати сметаат дека е малку веројатно дека сите 26 преостанати членки ќе донесат едногласна одлука, сериозното разгледување на можното одлучување на Орбан и Унгарија од процесите на одлучувањето во ЕУ се доволен индикатор до каде се отидени судирите внатре во ЕУ со поодделните држави членки, кои се „осилиле многу“ да водат некоја национално-државна политика поинаква од онаа на ЕУ…
Од друга страна, значајно е да се издвои дека „капак на зовриеното европско тенџере“ може да се смета дека е и „постер-кампањата“ на унгарската влада. Имено, постерите што се појавуваат низ цела Унгарија ги прикажуваат „непријателите на унгарската нација“ – претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, германскиот пратеник Манфред Вебер и украинскиот претседател Володимир Зеленски – со порака: „Нема да дозволиме тие да одлучуваат наместо нас“! Повторуваат во ист евродисидентски тон и Орбан и Симион „нема да дозволиме странци да владеат со нас“, а мислат притоа во голема мера и на ЕУ.
Дали внатрешните судири и турбуленции во ЕУ допрва ќе завлегуваат во фаза на кулминација?

Свето Тоевски