Долго во натпреварот Алкалоид беше во егал или во блага негатива, во подредена позиција и немаше решение за нападот на гостите, но беше неверојатно трпелив и упорен, барајќи решение, чекајќи ги Галец и Кизо да „пипнат“ топка, да ѝ помогнат на зоната, која беше постојано во ситуација на минус еден играч, благодарение на формацијата 7-6 на Мирхол. Паралелно со тоа, трчаше рамноправно со скандинавскиот ривал, чекајќи го моментот кога на 3 и на 4 се составија Марко и Тино и кога Галец конечно спои неколку одбрани во серија, создавајќи солидна разлика, која може да значи многу, а може и буквално да не значи ништо
Колумна на Горан Ѓоргоноски во две продолженија (2)
Во чест на Пасха и именденот на мојот татко, а силно мотивиран од празничната претстава на нашиот Алкалоид во полуфиналето од ЕХФ-купот, против силниот Рунар Сандефјорд, предводен од живата легенда на светскиот ракомет Бјарте Мирхол, како противтежа на нашиот Кирил Лазаров, на другата страна и пласманот на младите ракометари на Пелистер на фајналфор-турнирот во Келн, по долга пауза се „фатив“ за тастатура. (Пре)многу настани, натпревари, ситуации, за период од нецел месец откако ја напишав последната колумна „по Романците“, а имам чувство како да поминала цела година.
Поради обемноста на материјалот, оваа колумна решив да ја напишам во две последователни продолженија.
Почнува второто продолжение.
СИМБА, МАРТИН И СИЛВА УСПЕШНО ГО ЗАМЕНИЈА РАКОМЕТНИОТ БРУС ЛИ
И конечно, она што е најтазе. Рунар Сандефјорд е последната пречка на Алкалоид за настап во едно европско ракометно финале. Норвешка екипа што, очекувано, демонстрира сериозно брз ракомет, со минимум технички грешки, но неочекувано беше наттрчана од македонски тим.
Непознаница беше норвешки Рунар, барем за пошироката јавност. Со референца на елиминација на главниот фаворит Олимпијакос, на убедлив начин, со плус 10 на домашен терен во четврт-финалето и со тренер во сериозен ракометен лик како Бјарте Мирхол, Норвежаните влегоа како благи фаворити, не за првиот дуел, но секако за конечниот резултат во двобојот.
И понатаму, одеше натпреварот во неделата. Рунар со класична 6-0, тимска зона, релативно плитка спрема „шутерите“ на Алкалоид, не премногу висока, но густа и цврста, бараше многу вложен труд за секој погодок, иако како олеснителна околност првиот голман на гостите „не се состави со топка“ во првиот дел од натпреварот. Можеби и беше очекувано Алкалоид да има проблем на поставен напад против скандинавски поставена зона 6-0, но се снаоѓа(ше) тимот и без Марко Митев, особено што треба да се има предвид зависноста што во изминатиот период се создаде од ракометниот Брус Ли. Симба, Силва и охриѓанецот Иваноски се тие што го носат товарот, иако во таква ситуација и „леваците“ Мартин х2 имаат право и можност да трошат топки повеќе од вообичаено. Ако за Симба кажавме тоа што имавме, импресионирани од неговите настапи, во оваа ситуација како фактор Х во победата на Алкалоид го потенцираме зимското засилување на тимот Мартин Иваноски, момчето што од прва лига „скокна“ директно во огнот каде што „се печат“ шампионите. „Силни нозе има малиот, но не знае да тренира“, ќе речеа на заминување на Мартин од Битола. Лазаров, иако врши сериозна тортура на малиот, со забелешки и потврда дека „мора да научи да тренира“, ставајќи го на работ на бездна, за притоа да открие дали дечкото има карактер за големи нешта, сепак, е свесен дека Иваноски ги оправда очекувањата и, во ситуација кога Митев е надвор од строј, Алкалоид добива добар тимски македонски ракометар, кој може да испрати, да претрча и да реализира. Го покажа тоа Мартин и против Рунар, користејќи ја минутажата квалитетно и во функција на тактичката поставеност.
УПОРНОСТ, ТРПЕНИЕ, БОРБА И ФИЗИЧКА ПОДГОТВЕНОСТ ЗА ПЛУС ПЕТ ПРЕД РЕВАНШОТ
Од друга страна, Мирхол имаше проблем со зоната на домаќинот, која флуктуираше од 5-1 со Стојковиќ и Џонов како предни до 6-0 и назад, но во одредена мера немаше проблем со голманите на Алкалоид, кои долго време не „пипнаа“ топка. Сакајќи да ја спушти зоната на Лазаров и да му даде можност на Рамбо да решава од девет метри или да решаваат одличните пивоти, на асистенција на бековите, Мирхол посегна по формација 7-6, за која Лазаров долго време немаше решение.
Долго во натпреварот Алкалоид беше во егал или во блага негатива, во подредена позиција и немаше решение за нападот на гостите, но беше неверојатно трпелив и упорен, барајќи решение, чекајќи ги Галец и Кизо да „пипнат“ топка, да ѝ помогнат на зоната, која беше постојано во ситуација на минус еден играч, благодариме на формацијата 7-6 на Мирхол. Паралелно со тоа, трчаше рамноправно со скандинавскиот ривал, чекајќи го моментот кога на 3 и на 4 се составија Марко и Тино и кога Галец конечно спои неколку одбрани во серија, создавајќи солидна разлика, која може да значи многу, а може и буквално да не значи ништо. Видовме од претходно, а знаеме и сме искусиле во минатото, кога гостувале Скандинавци и кога сме им гостувале. Во секој случај, уште еднаш се потврди дека Алкалоид е високотренирана екипа, одлично физички подготвена, тактички трпелива и сериозно уиграна.
АЛКАЛОИД ВО НОРВЕШКА ДА ПРОДОЛЖИ ДА ТРЧА ИЛИ „ТОПКАТА ПОД ДРЕС“?
Прашањето сега е дали да се трча во Норвешка или да се „стави топка под дрес“?
Алкалоид има играчи што можат да „стапнат на топка“, но прашање е дали тоа ќе го дозволат судиите, како на моменти во Автокоманда, и дали може тимот, сега, по долго време форсирање брз ракомет со многу погодоци, да крене рачна и да одигра како Металург во времето на Лино.
Едно е сигурно, Лазаров ќе мора да најде решение за формацијата 7-6 на противникот и да се надева на подобар учинок на голманите.
За финалето да го игра во „Борис“, кога веќе полуфиналето се погоди на продолжен викенд. А и Автокоманда, во ситуација кога целта ги оправдува средствата, ја оправда улогата на „добар“ домаќин на Норвежаните. А во финалето нѐ чекаат најверојатно Грците. Сѐ се штима за полн „Борис“ и промоција на нашиот прекрасен спорт.
Честитки за тимот и навиваме за ново финале на македонскиот ракомет.
БИТОЛА ПОКАЖА ТАЛЕНТ, НА ПОТЕГ Е СИСТЕМОТ ШТО ТРЕБА ДА „ПРОИЗВЕДЕ“ СЕНИОРСКИ ИГРАЧ
Додека го чекаме пласманот во финалето на Алкалоид во Европскиот куп на ЕХФ, кадетите или младинците на Пелистер, со пласман на завршниот турнир во Келн за играчи до 18 години, направија одличен резултат и уште поголема промоција на Битола во ракометна Европа. Секоја чест за Мемиќ и за Митревски, за начинот на кој се постигна резултатот, со многу играчи вклучени во ротација, каде што секој даде свој придонес и се чувствуваше корисно, а со тоа и преку пренос можеше да се види кохезијата што ја има тимот, нешто што го немаат многу екипи во Суперлигата. Ако пред турнирот мислевме дека Пелистер е Алем Хоџиќ и другите (иако бројките зад Босанецот се импресивни), сега може да констатираме дека Пелистер има два, габаритни, солидно технички потковани голмани за во перспектива, неколку модерни „зналци“ со средна висина на среден и на лев бек, кои знаат да бидат досадни „еден на еден“ и играат со пивот, десно крило што утре може да замени на десна позиција со половина екипи од Суперлигата, пивоти што можат во два правца, кога би биле физички подобро подготвени, лево крило што треба да се форсира на петка во одбрана итн.
Им посакуваме да бидат квалитетно спроведени низ системот од младинци, преку двојка до прв тим, но по малку плашејќи се од фактот дека откога знам за себе и за спортот, Македонија ги губи „децата“ на возраст од 17-20 години.
Со надеж дека во меѓувреме нешто се променило.
Честитки уште еднаш за пласманот во Келн, каде што фаворитите не поминуваат според планот.
П.С. Читам деновиве дека ниту еден играч од тие во Романија не бил земен во националниот тим, генерација 2006-та. Нека не се потресуваат многу, работа, тренинг, посветеност, фокус, амбиција и сѐ ќе си дојде на свое место. (Не)учеството во младинските селекции во однос на сениорскиот национален тим и ракомет не значи апсолутно ништо!
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот „Ракомет за секое дете“