На втор ден Велигден во Македонски Брод се одржа културно-туристичката манифестација „Велигденски кули“. Оваа традиција датира уште од османлиското време и живее до ден-денес, откако е обновена во 1991 година. На манифестацијата беа подигнати три кули формирани од човечки тела што ги формираа помлади жители на ова гратче на реката Треска. Оваа манифестација беше добро посетена, а покрај постојаните жители беа присутни и поранешни жители на Македонски Брод и на соседните градови.
– Во нашиот град на втор ден Велигден се одржа традиционалната културно-туристичка манифестација „Велигденски кули“. Беа создадени три кули од човечки тела, кои прошетаа од старото село Брод до градскиот плоштад. Овие кули го симболизираат петвековното турско ропство. Петте луѓе во првиот ред ги симболизираат петте века ропство, а петте луѓе во горниот ред го симболизираат македонскиот христијански народ – истакна поетот Бојан Бежоски.
Сликите со резбаниот крст се црковен обичај покрсти, обиколка на градот, односно заклинувањето дабови дрва на четири црковни места ги симболизира четирите страни на светот.
– Се заклинува, односно се жлеба крст што го симболизира крстот на кој бил распнат Исус, потоа се прави дупка со сврдел што го симболизира Исусовиот гроб, а во дупката се ставаат леб и вино што ја симболизира Христовата крв и со дрвен клин се запечатува онака како што бил запечатен и Исусовиот гроб – истакна пензионерот Миле Стојкоски.
Оваа манифестација беше збогатена и со изложбата“Златен костен“, каде што во ликовниот салон од Домот на културата беа изложени уметнички дела создадени од ученици од локалните училишта. З.А.