За народниот трибун, револуционер и борец против врховизмот Јане Сандански, учителот Златко Тасев на првиот народен парастос во 1933 година ќе каже: „За нас Македонците има еден бог и тој бог е овој (покажувајќи со прстот кон гробот на Јане), да се поклониме со почит кон паметта му“

Повод: 110 години паметење

Македонската револуционерна организација (МРО) со националното движење што го организираше создаде пантеон од херои, револуционери, востанија, настани и битки, со што ја збогати македонската историја. Македонската историја, која е крвава, славна и неповторлива. МРО создаде непрестана борба за слобода, за независност и за сопствена државна творба. Таа борба ја предводеа истакнати македонски идеолози, стратези и лидери. Еден од нив е и Јане Сандански.
Деновиве се навршуваат 110 години од убиството на Јане Сандански, еден од великаните на МРО. Тој е великан на илинденската и поилинденската епоха. Едномисленик и близок соборец на Гоце Делчев и достоен продолжувач на неговото револуционерно дело. Се поклонуваме пред овој голем борец на македонското ослободително дело. Паметиме и потсетуваме дека нашиот револуционер и народен војвода, на 22 април 1915 г. во неговиот Пирин, на пат меѓу Мелник и Неврокоп, во близината на Рожденскиот манастир, кај месноста Блатата, во кукавичка заседа, беше покосен од кобурско-врховистички куршум.
Јане Сандански е роден во с. Влахи, Пиринска Македонија, познато како упориште на Македонското (Кресненско) востание од 1878 г. Татко му Иван Сандански бил знаменосец во една од востаничките чети на востанието, чии водачи биле војводите Димитар Поп Георгиев Беровски, Стефо Николов и поп Коста Буфски, а организатор охридскиот митрополит Натанаил Охридски. Детството и младешките години ги поминува во Дупница (Станке Димитров), во 1892 г. војска служи во Ќустендил, а по две години, станува адвокатски помошник и така ја обезбедува егзистенцијата. Револуционерната борба ја започнува во 1895 г., а во 1899 г. под влијание на Никола Малешевски (еден од најпреданите соработници на Делчев) и лично од самиот Делчев е воведен во редовите на ТМОРО. Наскоро потоа воспоставува непосредни контакти и соработка со дејци и борци како Димо Хаџи Димов, П. Јаворов, К. Асенов, Ѓ. Петров и други видни борци на Организацијата.
За неговата дејност, која се состои од три фази (период во Дупница – соработка со Димо Хаџи Димов, Рилскиот конгрес – санданизација на Организацијата и Уриетот или младотурскиот преврат – учество во Балканските војни и политичка активност до неговото убиство) пишувале В.В. Водовозов, Христо Константинов, Ангел Динев, Мито Хаџи Василев, Димитар Митрев, Иван Катарџиев, Гане Тодоровски, Манол Пандевски, Наташа Котлар, Мирјана Нинчовска и многу други. Денес, кога одбележуваме 110 години од трагичното погибие на овој наш прекален војвода и воин, треба да направиме обид за анализа и разработка на делата на наведените автори, во смисла на дорасветлување на неговиот лик и дело и негово приближување до нашите најмлади генерации.
Големиот и храбар син на мајка Македонија, смело и гордо, го паметиме и го славиме како голем идејник, стратег, организатор и агитатор на ТМОРО и македонското дело. Непобитен факт е дека личноста и делото на Јане Сандански длабоко се вткаени во македонското револуционерно и ослободително движење. Тој е неизбришливо врежан во свеста и традицијата на македонскиот народ и како таков запишан во историјата на Македонија и Македонците. Во колективната македонска меморија ќе остане запаметен како храбар македонски борец и возвишен корифеј, кој со паролите „Македонија на Македонците“ и „Слобода или смрт“ се бореше и загина за независна Македонија.
Во стил на филозоф со својата мисла „Да живееш значи да се бориш – поробениот за слобода, а слободниот за совршенство!“, тој самиот го дефинира својот однос кон животот, кон револуционерната борба и кон слободата. Многу битен е и односот кон него од страна на соработниците, соборците, од народот и од противниците и непријателите. Секогаш нагласувал дека треба да се работи на будење на свеста на масите, дека Македонците се посебен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода без да се потпираат на туѓа помош. Посебно нагласувал дека тие што доаѓаат да нѐ ослободуваат, всушност потоа нѐ поробуваат. Затоа секогаш го заштитувал народот и го организирал тој самиот да си ја извојува слободата. Сето ова народот македонски го препознавал, па од голема почит кон него, неговата личност, неговиот карактер и неговата борба, од едни е нарекуван Пирински Орел (како орел ја надлетуваше, чуваше и бранеше Пиринска Македонија), од други Старик (големо и бурно револуционерно искуство), од трети Сандан-паша (храбро се бореше во Младотурската револуција). Од народот, кој во него го позна својот возвишен и храбар трибун, е наречен Пирински Цар (револуционер-заштитник на Македонија) – за век и веков.

А каков всушност беше овој голем револуционерен џин на Македонија?
Како револуционерен стратег имаше трезвен и прониклив ум. Се одликуваше со голема верност кон Организацијата и делото. Имаше челична волја и упорност кон ослободителните стремежи на народните маси, а неговата широка човечка душа и чувствителност доаѓаа до израз кога агитираше и го организираше поробениот македонски народ. Не се истакнуваше како човек од перото, како теоретичар или публицист, ама затоа беше голем мобилизатор на народните маси и стратег-организатор на Организацијата. Едноставно, беше организатор од голем ков – на конспирации и атентати, на киднапирање, на бунтови, напади за ослободување села и сл. На тој начин ја создаде најмасовната, најдисциплинирана и најборбена организација на Серскиот револуционерен округ. Како водач на серската група и реформската струја во Организацијата, тој го создава и санданизмот, како еден вид идеологија на македонското револуционерно национално ослободително движење. Идеологија заснована на централизмот на Гоце Делчев, а сообразена со економските, социјалните и политичките односи и услови во Македонија, за време на постилинденскиот период, Младотурската револуција и Балканските војни. Со залагањето за независна и територијално цела Македонија, преку оружена ослободителна борба, санданизмот трајно се вградил во свеста на македонскиот народ.
Неговото револуционерно дело е неуништлив национален капитал, а животниот пат што го помина е пример достоен за најголема почит. Да, тој беше заштитник на сиромасите, закрилник на рајата и социјален бунтовник, непријател на Турците, Грците, Србите и врховистите. Но не беше само тоа туку и многу повеќе. Со својата многугодишна револуционерна дејност, Сандански израсна во голем револуционерен стратег, еминентен македонски борец за слобода и независност на Македонија, ангажиран политичар, одговорен државник и посветен општественик. Тој важи за предводник на демократската револуционерна струја во Организацијата и како таков го паметиме како огнен борец за одбрана од балканската шовинистичка и завојувачка политика. Предводник на санданистите и творец на новата организација МОРО.
Сите факти и достапни информации за него и неговото револуционерно дело потврдуваат дека Сандански имал јасен став за националната, културната, духовната и политичката посебност на Македонија и Македонците.

Меѓу другото, непобитна потврда за тоа е и фактот што Сандански го продолжи и доразви Гоцевиот и Ѓорчепетровиот концепт за потпирање врз сопствени сили. За цело време на својата револуционерна дејност вистинска духовна храна добивал од Гоце Делчев, чија идеја и дело ќе ги следи до крајот на својот живот, како и од советите на Димо Хаџи Димов, но и од хероизмот на Дедо Иљо Малешевски, Димитар Поп-Георгиев Беровски и други револуционери од минатото. Можеби најголемото признание за големината на Јане Сандански го напиша Христо Константинов, кој во своето дело „Старик“ ќе забележи дека „историјата за Јане е историја на македонскиот роб во борбата за слобода… историјата на македонската борба по Гоце, на чии разбирања тој се јави како најрадикален, најхрабар и најупорен следбеник“. Како таков тој ќе стане и најфанатичен продолжувач на главните идеолошки и политички линии на македонското револуционерно движење, како што се внатрешниот карактер на борбата, државната самостојност на Македонија, енергичната и одлучна борба против врховизмот, великобугаризмот и Кобурзите, демократскиот развој на Балканот, борбата против завојувачката политика помеѓу балканските држави.
Одлучно тврдеше „Македонија не треба да бара помош надвор од себе, туку во самата себе!“, со што ја применуваше и развиваше доктрината на потпирање на сопствени сили. Како човек од народот, Сандански беше најблизок до платформата на Гоцеделчевата варијанта на револуција како општонароден бунт. Силата на македонскиот народ лежеше токму во таа доверба во себе и меѓу себе. Нашиот Кирил Пејчиновиќ, македонскиот апостол и литературен генерал, би рекол „Да се знае, да се знает!“, а јас би додал, и да се памети: Гоце умре од турски куршум, а Јане, Ѓорче, Димо и многу други истакнати македонски дејци од куршумите на кобурските намесници и врховистите
Јане Сандански живееше и дејствуваше како народен водач и револуционер во време кога севкупната состојба во Македонија најмногу се влошува: Илинден, постилинденскиот период, тројната поделба на Македонија (двете Балкански војни) и Првата светска војна. Ни се случуваа физички и географски поделби по Берлин, по Букурешт и по Версај. И до ден-денес ни остана таа крвава македонска рана, дека некој ни грабнал дел од нашата родна грутка, нѐ избркал од нашите домови и нѐ пратил сургун. Тоа се времиња на тешки пранги, со дијабекири, сургуни, голиотоци, преселби и раселби, не само на луѓето туку и на нивните гробови.
Следуваа насилствата, ѕверствата извршени против македонскиот народ од страна на турскиот поробител, од грчките андартски чети, од врховистичките чети уфрлени од бугарската влада и од српската политика од тоа време. Целта беше да се убие во поим македонска идеја, формулирана од преродбениците, а за која се бореа македонските револуционери. Корифеи како Сандански и неговите храбри соборци не го дозволија тоа, па така, тие денес се дел од нашата лична и колективна македонска меморија.
Тоа беа болните и трагични историски трауми на нашето македонско битие. Трауми од нашите незавршени и во крв задушени востанија и од нашите славни и големи гемиџиски саможртви. Тешки времиња во кои балканските злосторници и сатрапи ги извршија срамните верски хомициди, етноциди и геноциди врз Македонците. Од тогаш до денес болат и натежнуваат македонските големи болки, крвави рани и јанѕи. За крај, синот на знаменосецот на Кресненското востание, Пиринскиот Цар – возвишениот трибун и народен борец против врховизмот, предводникот на демократската револуционерна струја, санданистот лидер, иницијаторот на формирање на Народната федеративна партија и грабнувачот на американската мисионерка мис Елен Стон, си го заслужи највидното место во пантеонот на македонските херои.

Сотир Костов