Аналитичарите на Агенцијата за е-трговија утврдиле дека има раст од високи 45,4 проценти на набавките преку интернет. Но просечната сума што Македонците ја трошат на онлајн нарачки се намалила на 38,6 евра. Поедноставно кажано, вкупниот обем на онлајн трговијата како начин на тргување на граѓаните на Македонија е во пораст, но вредноста на стоките што се набавуваат во онлајн трговијата е во пад (се набавуваат поевтини стоки преку интернет)
Последните податоци на Народната банка за пазарењето преку интернет покажаа дека нашите сограѓани значително повеќе производи и услуги набавуваат и резервираат преку различни интернет-платформи. Минатата година биле потрошени над 284 милиони евра за производи и услуги купени преку интернет.
Аналитичарите на Агенцијата за е-трговија утврдиле дека има раст од високи 45,4 проценти на набавките преку интернет. Но она што е интересно е фактот дека покрај растот на вкупната сума, просечната сума што Македонците ја трошат на онлајн нарачки се намалила на 38,6 евра. Поедноставно кажано, вкупниот обем на онлајн трговијата како начин на тргување е во пораст, но вредноста на стоките што се набавуваат во онлајн трговијата е во пад (се набавуваат поевтини стоки преку интернет).
Најголем дел од набавките се направени во Холандија, Обединетото Кралство, Ирска, Унгарија, САД, Грција, Луксембург, Литванија и во Германија. Упатените укажуваат дека тоа е разбирливо ако се има предвид дека во споменатите земји се седиштата на „Букинг“, „Нетфликс“ и на „Убер“ за Европа (Холандија), АСОС, „Амазон УК“, додека највисокиот остварен број на трансакции од Македонци во Ирска, како и пораст на вредноста од 58,7 проценти во однос на минатата година, се должи на тоа што таму сe регистрирани „Мета“ и „Гугл“.
– Онлајн купувањето кон странски платформи, без разлика дали е тоа за производи или за резервации во хотели, авиони или социјални медиуми, може да влијае позитивно и за домашните е-трговци, со оглед дека се работи за менување на навиките и зголемено користење на онлајн купувањето воопшто. Од друга страна, зголемената побарувачка ќе ги стимулира домашните трговци да ги зголемуваат и да ги унапредуваат понудата и целокупното онлајн искуството за купувачите – вели претседателката на АЕТСМ, Нина Ангеловска.
Но можеме ли да ја искористиме таа предност за развој на домашната понуда, за зголемување на понудата на домашни продукти на интернет и за раст на извозот преку предностите на интернетот?
Странските иматели на платежни картички во 2024 година повеќе пазарувале кај македонските е-трговци
Податоците на Народната банка (НБРМ) покажуваат дека странски иматели на платежни картички за купување производи и услуги од македонски е-трговци во 2024 година потрошиле 37,2 милиони евра, што во однос на минатата година претставува пораст од 38,7 отсто.
– Е-трговијата овозможува купување производи и услуги од кој било крај на светот. Остварениот годишен пораст од 39 отсто на вредноста на е-трансакциите направени од странци кон домашните е-трговци и остварените 37,2 милиони евра покажуваат дека македонските е-трговци треба да го искористат уште повеќе овој потенцијал – вели Ангеловска.
Сепак, таа појаснува дека најмногу онлајн трансакции направени од странски иматели на платежни картички, како по број така и по вредност, се направени од земји каде што има македонски иселеници, што упатува на претпоставка што е основа за понатамошно истражување дека нашите иселеници сѐ повеќе го користат овој канал за купување производи и услуги на своите блиски од македонските е-продавници.
Според неа, може да се очекува и во иднина да продолжат растот на вредноста и бројот на реализирани онлајн трансакции од странство, што исто така е придонес за развојот на македонската е-трговија.
Замките на онлајн Трговијата
Со растот на онлајн тргувањето, за жал, растат и измамите на граѓаните, кои добиваат производи што не одговараат на она што го нарачале или, пак, останале и без производ. Многубројни се поплаките на граѓани, кои укажуваат дека не го добиле бараниот производ или, пак, воопшто не добиле производ.
За една година, за 80,15 проценти е зголемен бројот на измамите направени во трансакциите со картички. Предизвиканата штетата во 2024 достигнала 693 илјади евра и е повисока за сериозни 135,27 отсто, споредено со вкупната сума од 2023 година. На удар најчесто се граѓаните, а најголем дел од измамите се правата преку е-трговијата.
За споредба, во 2023 година имало 5.774 измамнички трансакции, чија вредност достигнала 294,6 илјади евра. Е.Р.
Големи придобивки за туристичкиот сектор преку онлајн резервациите
Е-туризам, смарт-туризам… но суштински е услугата да биде квалитетна
Домашните хотелиери велат дека се подготвени да соработуваат со сите платформи и модели за привлекување на туристите, но истакнуваат дека за поголем прилив на туристи не се доволни само онлајн платформите.
– Привлекувањето туристи и пополнувањето на капацитетите бараат постојана работа, и тоа не само сега пред почетокот на сезоната, туку многу порано. Ковидот ги разруши овие традиции, но полека се враќаат корисниците на старо. За да има повеќе туристи, потребни се активности на секое поле, преку саеми, реклами, присутност во медиумите, но и преку достапност на разни онлајн платформи за резервации – вели искусен хотелиер од Охрид.
Туризмолозите исто така додаваат дека е-туризмот, како интегриран пристап за креирање заедничка туристичка понуда, е неопходен во денешни услови на технолошки развој за привлекување туристи на глобално ниво.
– Смарт-туризмот подразбира конекција на угостителските објекти со туристичките атракции и превозниците, а понатаму нивна достапност на интернет и промоција на глобалните туристички платформи. За тоа е потребна интегрирана веб-страница со податоци за туристичката понуда и можните туристички маршрути, кои ќе им бидат достапни на потенцијалните туристи – вели нашиот соговорник.
Голем раст на резервациите преку платформите за краткорочен престој
Последните податоци на „Евростат“, европскиот туристички сектор, покажуваат дека минатата година низ ЕУ имало 854,1 милиони ноќевања, и тоа преку платформите за краткорочно изнајмување или сместување, односно преку „Ер би-ен-би“, „Букинг“, „Експидиа груп“ или „Трипедвајзр“.
– Ова претставува зголемување од 18,8 отсто во споредба со 2023 година, кога биле направени 719 милиони ноќевања – пишува во анализата на „Евростат“.
Со исклучок на април, во секој месец во 2024 година е забележан поголем број ноќевања во сместување со краток престој во споредба со истиот месец во 2023 година.
Најпопуларните региони за сместување за краткорочно изнајмување резервирани преку онлајн платформи во третиот квартал од 2024 година беа Јадранска Хрватска во Хрватска за каде биле резервирани 25,2 милиони ноќевања, со што е забележан раст од 6 отсто во споредба со истиот квартал во 2023 година. Голем раст има и за Андалузија во Шпанија со 17,2 милиони ноќевања и раст од 23,1 проценти. Е.Р.